Дома Празници Свети Гавриле Лесновски: Моли Го Христа Бога за нас и од...

Свети Гавриле Лесновски: Моли Го Христа Бога за нас и од гревовните страсти избави нѐ!

0
1058

СПОМЕН НА ПРЕПОДОБНИОТ И БОГОНОСЕН ОТЕЦ НАШ ГАВРИЛ ЛЕСНОВСКИ

ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА

Блажен е оној човек:

На Господи, повикав, стихири на 8, глас 1, самогласни.

Преподобен отче Гавриле, твојот живот во овој свет се покажа како натприроден, зашто живеејќи на земјата, си останал бестрасен и си го возљубил мирот и тихувањето; следејќи го Христовиот тесен и мачен пат, си се искачил кон небесните обители, каде што се молиш за наше спасение.

Преблажени отче Гавриле, достојно си ја примил честа рамноангелна и, стоејќи пред Бога со бесплотните (сили), не заборавај нѐ и нас, кои твојот чесен спомен го славиме, туку погледни од небесата и пушти ни ја твојата светлина, та радосно да ги прославиме твоите чудеса.

Отче Гавриле чудотворче, гледајќи ги Бог твоите бројни подвизи и напори, со кои си блеснал на свешникот од Христовата светлина, со дарот на чудесата збогати нè, и направи сите ние да те знаеме, заради чудесните исцеленија.

Поради тоа и ние ти викаме: Моли Го Христа Бога за сите нас кои твојот спомен го славиме, и од гревовните страсти избави нѐ.

Други стихири, глас 6.

Денес торжествува мноштвото монаси, во спомен на претставувањето на преподобниот отец наш Гаврила, нашиот украс и Лесновската похвала, кој беше овоземен по природа, но им стана рамен на духовните суштества. Затоа е наш молитвеник, пред престолот на Севишниот, за да ги примиме во судниот ден вечните блага.

Денес на сводот од верата, повеќе од сонцето, болсна споменот на богоносниот отец наш Гаврила, кој соборот на верни го упати кон добродетели: едни со боговдахновени учења и со рамноангелно живеење, а други, пак, како извонреден духовен водач, преславно покажувајќи ги богоподобно. По неговите молитви, Христе Боже наш, помилувај нè и нас, и спаси нѐ.

Денес се собираат сите краишта на Македонската земја, и набожно, со псалми и песни, го воспеваат преблажениот отец наш Гаврил, кој ја остави светската прелест, а го зеде Христовиот јарем на рамо, и бесовските полкови храбро ги победи, и на дело ни го покажа извонредниот пат на љубовта Божја, и се моли непрестајно за да ги спаси душите наши.

Слава, глас 6:

Кој нема да те нарече блажен тебе, преподобен отче, кој ли нема да го воспее твоето рамноангелно живеење, кој на земјата блесна со светост како ученик Христов!

Истиот Он те прими и тебе во Царството, и те вброи со сите свети; по природа човек и земно суштество, те покажа како пријател на ангелите и познат на сите поколенија. Него моли Го, Гавриле преблажени, да ги помилува душите наши.

И сега, богородичен, истиот глас:

Кој нема да те нарече блажена, тебе, Пресвета Дево, кој ли нема да го воспее твоето пречисто рождество, зашто Единородниот Син, Кој безвремено засветли од Отецот, истиот Он излезе од тебе, Чиста, откако се воплоти неискажливо; Он, Кој е Бог по природа и Кој, заради нас луѓето, стана и човек по природа; не во две лица разделуван, но во две природи неслиено познаван. Него моли Го, чиста, себлажена, да ги помилува душите наши.

Литиски стихири на храмот и на преподобниот, глас 1.

Денес е споменот на твоето претставување, секогаш споменуван отче Гавриле и, ете, твоето чесно стадо те воспева набожно, славејќи ги твоите подвизи и напори, што си ги претрпел, како прекрасен град во пустината.

Денес торжествува Македонија и сета земја славјанска, а најмногу храмот на светиот архистратиг Михаил во Лесново, што си го изградил ти, благодарејќи Му на Бога Кој нам ни те дарува тебе, крепкиот застапник и топол молитвеник пред Света Троица.

Неа моли Ја за нашите души.

Слава, глас 4:

Веселете се, небеса; торжествувајте вие кои ја љубите набожноста; Лесновски гори, заиграјте, зашто пред Христа стои непобедлив поборник и топол застапник на нашиот народ, кој го пресече коренот на страстите и на бесовските напади, и ни ја покажа непобедливата сила и дејство на Крстот Спасителев, кому поклонувајќи се, Му се моли на Христа да им подари на душите наши милост голема.

И сега, богородичен, истиот глас:

Пресвета Дево Богородице, Мајко милостива, ете, приоѓаме кон твојата добрина, подигајќи ги очите на срцата наши кон тебе и, преклонувајќи ги колената, со плач те молиме, не презирај ги нашите воздишки, и во судниот ден биди ни заштитница и помошничка.

Стиховни стихири, глас 2.

Ти се искачи на врвот на добродетелите, преподобен отче Гавриле и, откако ги уништи ѓаволските лукавства, го прими венецот на победата.

Стих: Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите свети.
Заради Царството небесно се подвизаваше на земјата богоблажен Гавриле и, откако Го следеше Христа, за даровите на Светиот Дух се удостои.

Стих: Блажен е оној човек, кој се бои од Господа, и кому му се мили Неговите заповеди.

Имајќи скриено богатство во својата душа, ти беше дом на Светиот Дух. Моли се, да се спасат нашите души.

Слава, глас 6:

Денес принесувам пофална песна во твој спомен, отче Гавриле, прими ги и принеси Му ги на Бога со твоите молитви, и избави нè од стоењето од левата страна, а удостој нè да стоиме од десната (страна), та како топол застапник достојно да те славиме.

И сега, богородичен, истиот глас:

Творецот и избавител мој Христос Господ, откако мина низ твојата утроба, Пречиста, се облече во мене и го ослободи Адама од првата клетва.

Затоа, Сечиста, како на Божја Мајка и навистина Дева, гласно ти викаме: Радувај се, ангелски; радувај се, Владичице, застапнице и покрове, и спасение на душите наши.

На благословувањето на лебовите, тропар, глас 8.

Откако Го возљуби Христа ревносно повеќе од сѐ, и се украси со убавина, смирение и трпение, целиот свој живот на земјата му го предложи Нему. Затоа ги наследи небесните обители и се удостои за делот на праведните. Со нив, пак, моли се, да се спасат душите наши. (2-пати)

И Богородице Дево, еднаш.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).

– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Подготви: Светланка Трајчева