…На Страшниот Суд Христов, мене, лично, не ми е страшна ниту огнената река, ниту пеколот, ниту вечниот „живот“ со демоните и противниците Божји.
За мене најстрашни ми се зборовите Христови упатени до десетте неразумни девојки:
„Вистина ви велам, не ве познавам“ (Матеј 25, 12).
Како може да не ме познае Оној што ме создал!? Kако може да не ме препознае Оној што ме привел во битие, од ни од што пред тоа постоечко!?
Како може да не ме препознае Оној што безброј пати ме кренал кога сум паднал!?
Како може да не ме препознае Оној што ми дозволил со години да дишам во овој свет што Он го создал и да го трујам воздухот со своите гревовни мисли, зборови и дела, и трпеливо Го чекал моето обраќање и покајание како таткото на блудниот син.
Немојте да мислите дека Бог како некој инквизитор ќе бара да најде нешто во нас за да нѐ осуди.
Тоа не е христијанскиот Бог, и не е Бог Кој ни се открива во Својот Единороден Син и во Евангелието на Својот Син.
Тој Го испрати Својот Единороден Син, Кој Самиот се нарекува наш брат, и оние што страдаат ги нарекува Свои браќа, и ние единствено во Него имаме можност да станеме деца Божји.
Ако нешто научивме и сфативме од денешното евангелие за Страшниот Суд, тоа е дека нашиот Отец Небесен ќе бара во секој еден од нас макар и најмала сличност со Својот возљубен Син.
Ќе бара да види дека барем во нешто и најмалку сме заличиле на Неговиот Единороден Син.
Тоа и значат зборовите:
„Дојдете благословени од Мојот Отец…“
На Страшниот Суд ќе се случи само потврдување на личносните односи што сме ги оствариле овде на земјата, во Црквата Христова или надвор од Црквата Божја, во отпаднатиот од Бог свет.
Настан што во историјата непосредно ќе му претходи на доаѓањето Христово и на Страшниот Суд Божји е доаѓањето и зацарувањето на антихристот.
Знаете и самите дека никогаш не зборувам на таа тема од амвон, и знаете дека тоа е тема што никогаш не сме ја наметнувале и не сме зборувале за неа, ниту нашиот Владика, ниту пак јас, но сметам дека е неопходно и потребно да ви кажам два-три збора и за тоа, поради тоа што се појавија многу лажни пророци коишто повеќе зборуваат за антихристот отколку за Христос.
Плодовите од таа нивна проповед по социјалните мрежи се само параноја и страв.
А секогаш кога во душата ќе забележите неконтролиран страв, знајте дека тоа е сигурно демонско дејство или, пак, дека ние самите со нешто што сме сториле кон ѓаволот сме се приближиле.
Всушност, ѓаволот е оној што сака да нѐ исплаши.
Библистите велат дека најчесто изговарани Христови зборови во Евангелието се:
„Не бојте се, не плашете се“.
По плодовите на нивната проповед ќе ги препознаете чии слуги се.
Го плашат светот со антихристот, оти и самите до смрт се исплашени, и го најавуваат доаѓањето на антихристот, а не чувствуваат, кутрите, дека во нивното срце седнал и се зацарил.
Тие судат и осудуваат, ги мерат и проценуваат делата на Епископите на Црквата, на монаштвото, на духовниците, ги мерат, ги вагаат, ги судат, ги осудуваат и им пресудуваат.
Нашиот свет Владика во една од своите беседи вели дека ниеден дух не му е близок толку на духот на антихристот како духот на судењето и осудувањето.
Зошто!?
Затоа што антихристот претендира во овој свет да се наметне како цар и да седне на местото Христово, Единствениот судија на живите и мртвите.
Како да ги наречеш овие луѓе ако не претечи на антихристот и помагачи на неговото дело?
А за прелеста да биде поголема и потрагична како и секогаш, тие мислат дека се во право и дека ја бранат Црквата.
Оние што ја бранат Црквата зборуваат само за Христос и знаат дека на крајот Христос ќе победи.
Антихристот за нив е ветер и магла, бидејќи победата над него тие веќе ја извојувале во своето срце.
И затоа не се плашат од антихристот, туку тој се плаши од нив, и тие ќе му бидат први на списокот за прогон и убивање, а не овие избезумениве од страв, во чие срце седнал уште пред да дојде.
Како што вели свети Јован Лествичник, оној што нема страв Божји ќе се плаши од сѐ и сешто, само не од Бог, па аналогно на тоа, јас ќе речам дека оној што има страв Божји нема ништо друго што би можело да го исплаши.
А оној што Го возљубил Бог со сето свое битие, тој не знае за страв. Ава Антониј вели:
„Љубовта го изгонува стравот“…
Викарен Епископ Стобиски Јаков