Хиротонија за епископ Антаниски на старец и игумен Партениј Бигорски
12 јули, недела, 08:30ч
храм „Света Софија“ Охрид
Извадок од поздравното, благодарствено, пристапно слово на епископ Антаниски Партениј, после чинот на хиротонијата.
„Возљубени браќа, сестри и гости!
Ви благодарам Ваше блаженство за топлината со која архипастирски ни се обративте, како и за возвишените зборови, кои далеку ги надминуваат моите скромни и силни познавања.
Честа да се обратам пред ова свештено собрание, пред невидливите припадници на небесата и пред присутните, сите членови на земската црква, е несомнено голема, но истовремено таа ми претсавува и огромен товар.
Треба да ви се обратам како новохиротонисан Архиереј на Господа Исуса Христа, како образ на Неговата првосвештеничка благодат, а себеси се сметам неможен да се носам со тоа превозвишено достоинство и со таа безмерна одговорност.
Затоа смерно ја просам вашата поддршка од сите вас.
Да се биде Епископ, преемник на апстолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро, според зборовите Спасителови упатени кон учениците Негови.
„Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и слуга на сите.“
Тоа значи да се биде смирен работник на нивата Божја, служител на тајната на љубовта, наТајната на Ефхаристијата.
Не само во храмовите Божји, туку и во живите храмови, срцата на луѓето, а Светата Ефхаристија, делото на Божествената литургија, е дело на едно непрестајно благодарење кон Бог.
Ете зошто ова Слово пристапно мое, ќе биде токму свештена благодарност од моето срце за сите и за се`.
Најнапред му благодарам на Единствениот Вистински Бог пројавен во Три Лица, за тоа што сум дел од Неговото спасително Откровение, за сите негови знајни и незнајни, јавени и нејавени добродетелства што ми се направени, вклучително и за оваа велика служба на која ме повикал.
Веднаш по Троичното совршенство, безмерно и` благодарам на Царицата Мајка Пресвета Богородица, чијашто мајчинска заштита и љубов ја чувствувам од дете, а исто така и на чесниот и славен пророк и Претеча Крстител Свети Јован, чиј сум и кому 25 години со почит му служам.
Посебна благодарност му должам на мојот надлежен, многупочитуваниот Митрополит Дебарко-кичевски, Господин Тимотеј, кој е неразделно сврзан со мојот монашки живот.
Имено, тој е Архиерејот којшто ме замонаши, тој ме ракоположи за Ероѓакон и за еромонах.
Еве сега и на негово барање, Светиот Архиерејски Синод ме хиротониса и во третиот степен на свештената ерархија.
Неговата севкупна поткрепа за мене се покажала насушно. И понатаму го просам неговиот татковски благослов и останувам да живеам под негово послушание.
Неизоставен дел од ова свештено благодарење се и моите родители, татко ми Борис, мојата биолошка мајка Светлана, за која чувствувам како непрестајно ме благословува од небесната Црква, нека и биде споменот вечен, како и мојата втора мајка Живка, која буквално во се`, а најмногу во љубовта се покажа како вистински, незаменлив родител.
Нивниот благослов и поддршка во стремежот, небесното и земското да се заменат со вечното и нераспадливото, беше за мене темел, врз кој почнав да го градам мојот монашки живот.
Тие му дадоа на Бога едно чедо, а денес имаат неколку десетици деца, бидејќи тие ги прифатија монасите и монахињите како свои родени чеда, во ништо не делејќи ги од мене.
Кога сме веќе кај родителството, неизбежно е да ја изразам синовската благодарност и кон блажено упокоениот старец Георгиј Капсанис, поранешниот игумен на Светогорскиот – Григоријански манастир, неговата беспрекорна духовничка љубов, а беше вистински духовен татко со родителско чувство на грижа, останува за мене поттик и вдахновение во исполнувањето на мојот духовен призив на духовен раководител.
Се сеќавам на зборовите со кои Старецот не` поучуваше на Света Гора:
„Вашето дело трба да биде свештено апостолско. Со мрежите на апостолската љубов да собирате што повеќе души за Христа.
Но, да знаете дека тоа воопшто нема да ви биде лесно, затоа што ќе треба преку подвиг, страдање и жртва, да освојувате педа по педа од духовниот непријател.“
По неговите свети молитви, денес се трудиме да го исполнуваме неговото послушание. Нека му биде споменот вечен и неговиот благолсов нека биде со сите нас…“
Достоен…!
Повеќе во следната вест од овој настан