МОНАСИТЕ СЕ ЕКСПЕРТИ ВО НАУКАТА НА ПОКАЈАНИЕТО
„Предуслов за луѓето да се соединат со Христос и да оживеат е, преку покајание, прво да умрат за луѓето што порано биле.
Луѓето прво треба да го распнат и да го погребат своето поранешно „јас“ (т.е. егоизмот, страстите и себичната волја) на Крстот и Гробот Христов за да можат да воскреснат со Него и „да одат во обновеноста на животот“ (Рим. 6, 4).
Ова е дејството на покајанието и прифаќањето на Крстот Христов. Без покајание, односно без постојано распнување на своето поранешно „јас“, невозможно е за верните да веруваат на евангелски начин, односно целосно да Му се предадат на Бог и да Го возљубат
„Господ Бог со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила“ (Марко 12, 30).
Еве зошто Господ го направил покајанието основа на Неговата евангелска порака и услов за вера.
„Покајте се и верувајте во Евангелието“ (Марко 1, 15);
ниту, пак, Он го сокрил фактот дека животот во покајание е тешка, напорна борба.
„Тесни се вратите и тесен е патот што води кон животот“ (Мат. 7, 14). И чекорејќи по него, откриваш дека си го зел на себе Крстот на покајанието.
Бидејќи нашето поранешно „јас“ не се повлекува без жестокост, а ѓаволот не се победува без тешко извојувана битка.
Монахот или монахињата дава завет дека ќе го следи тесниот и таговен пат на покајанието во текот на целиот свој живот. Се оттргнуваат од сите работи во светот за до го стекнат единственото што го посакуваат – да умрат за нивниот поранешен живот за да живеат нов живот, што Христос им го дава преку Црквата.
Монасите се стремат кон совршено покајание преку непрекинат аскетски напор: бдеење, пост и молитва, заедно со отсекување на својата волја и безрезервно послушание кон својот Старец.
Правејќи го ова, тие се принудуваат да ја отсечат својата себична волја и да ја возљубат Божјата. Монасите се „постојано принудување над природата“.
На овој начин ја исполнуваат Божјата заповед: „Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат“ (Мат. 11, 12).
Преку породилните маки на покајанието, постепено се раѓа новиот човек што живее по Бог.
Нераскинлив дел од борбата на покајанието е борбата за постојано внимание над помислите, за тие [монасите] да можат да отфрлат каква било лоша или демонска помисла што се обидува да ги извалка
На овој начин тие ги чуваат своите срца чисти за да можат да Го видат Бог, согласно блаженството што вели:
„Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бог“.
Победата над егоизмот и страстите ги прават монасите благи, спокојни и смирени, буквално „бедни по дух“, и учесници во сите добродетели на блаженствата.
Исто така, ги прави како деца, како оние што Христос ги благословил и побарал од нас да ги последуваме ако сакаме да влеземе во Неговото Царство.
Целиот живот на монасите и монахињите е учење во покајание, нивното духовно однесување – како на грешни покајници.
Монасите се експерти во науката на покајанието, оние што „го испишуваат животот на покајанието“ (Канон 43, Шестиот вселенски собор) за целата Црква.
Оплакувањето и солзите се најречита проповед.
Целиот нивен начин на живот [или „навика“, игра на зборови на Старецот] ги суди „луѓето во светот“.
И доколку овие луѓе, на кои безгласно им се суди од монасите, не земат учество во нивното покајание, тоа им станува одбивно, го презираат, го мразат и го сметаат за безумие.
Но, Бог го избра она што е безумно во овој свет, она што е слабо, од долно потекло и унизено за да ги посрами мудрите (види 1. Кор. 1, 27).
Всушност, монасите – мудри во патиштата Господови а безумни за светот – се чужденци во светот, како што бил и Синот Божји.
„Дојде при Своите и Своите не Го примија“ (Јован 1, 11), не Го разбраа. Понекогаш дури и луѓето во Црквата, мудрите и вредните, не Го примаат и не Го разбираат.
Нивните таинствени и неми животи се тајна седумпати запечатена за оние што не земаат учество во неговиот дух. Тие ги сметаат монасите за општествено бескорисни и лишени од секакви мисионерски дејства.
Така, нивните животи се скриени со Христос во Бог и ќе се јават во слава кога Христос, нивниот живот, исто така ќе се јави (види Кол. 3, 4).
Старец Георгиј Капсанис