Манастир Светa Екатерина
Материјалот го подготвил Сергеј Шулјак
Манастирот Света Екатерина е еден од најстарите христијански манастири во светот кои постојано се активни. Тој веќе 1.400 години стои во срцето на Синајската пустина, задржувајќи го својот посебен карактер уште од моментот кога бил изграден за време на владеењето на византискиот император Јустинијан (527-565).
Основачот на исламот, пророкот Мухамед, арапските калифи, турските султани, па дури и самиот Наполеон го заштитувале манастирот, а тоа го спречило неговото разграбување.
Во текот на својата долга историја, манастирот никогаш не бил освоен, уништен или едноставно оштетен.
Низ вековите, тој го носел својот карактер на свето библиско место, каде символичното значење на настаните опишани во Стариот Завет се интерпретира благодарение на молитвите кон Господа Исуса Христа и Дева Марија.
Манастирот е основан во IV век во центарот на Синајскиот Полуостров во подножјето на планината Синај (познат и како Мојсеевата Гора и Библискиот Хорив). Се наоѓа на 1.500 m надморска височина.
Мојсеева Гора
Според Стариот Завет, тоа е истата планина Хорив, на чиј врв Господ на пророкот Мојсеј му го открил своето откровение во форма на Десетте заповеди. Во параклисот на Св. Троица, сместен на врвот од планината, се чува камен од кој Господ ги направил таблиците.
Тука постојат многу други светилишта и почитувани места кои привлекуваат многу верници на Мојсеевата Гора.
Висината на Мојсеевата Гора е 2285 m надморска височина; од манастирот Света Екатерина потребни се околу 2-3 часа за да се стигне на неа. Кон врвот водат два пата: во карпата изделкана е скала (3750 скалила-стапала) Лествица на Покајанието е многу пократок, но, и многу потежок пат, и Камилската патека, направена во 19-от век за оние кои немале сила да се искачуваат по стариот пат – овде делот за искачување може да се совлада јавајќи на камила.
Зацврстувањето на манастирското здание е изградено по наредба на царот Јустинијан во VI век. Служители на манастирот во главно се православни Грци.
Првично бил наречен Манастир на Преображение или манастир на Несогорливата Капина. Од XI век, заради распространетото почитување на Света Екатерина, чии мошти во средината на VI век ги пронашле синајските монаси, манастирот добил ново име – манастир Света Екатерина.
Во 2002 година, манастирскиот комплекс од УНЕСКО бил вклучен во списокот на објекти од Светско културно наследство.
Синај
Во Синај се поклонувале на разни богови. Еден од нив бил Ал-Елион (врховен бог), а негов свештеник бил Јотор (Излез 2:16).
На четириесетгодишна возраст, Мојсеј го напуштил Египет и дошол на Синајската планина Хорив. Таму ги сретнал седумте ќерки на Јотор, кои од изворот го напојувале своето стадо. Овој извор сè уште постои, тој се наоѓа на северната страна на манастирската црква.
Мојсеј се оженил со една од ќерките на Јотор и проживеал со својот тест четириесет години. Тој го пасел стадото од тестот осчистувајќи ја својата душа во тишината и осаменоста на Синајската пустина.
Тогаш Господ му се јавил на Мојсеј во пламенот на Несогорливата Капина и му наредил да се врати во Египет и да ги доведе децата на Израел на планината Хорив за да поверуваат во Него.
Синовите Израилеви го преминале Синај во 13-от век пред нашата ера, кога излегле од египетското ропство на пат кон Ханаан, ветената земја. Иако научниците сè уште не постигнале консензус во однос на нивната маршрута, традиционално се верува дека по преминот на Црвеното Море (Излез, 14: 21-22) дошле во Елим (претпоставуваат дека тоа е сегашниот град Тур со 12 извори и 70 палми – Излез, 15:27).
Потоа, синовите на Израел дошче во долината Хебран, која го добила своето име од преминот на Евреите преку пустината Синај, а потоа во Рафидин (Излез 17: 1).
50 дена по излегувањето од Египет, тие се приближиле кон светата планина Хорив, каде што ги добиле Божјите заповеди – основата на нивната религија и социјална организација.
Шестотини години подоцна, друг голем пророк на Израел, пророкот Илија, дошол во овие краеви во потрага по засолниште од гневот на царицата Језавела. Пештерата во параклисот на Мојсеевата Гора, посветен на овој пророк, традиционално се смета за место каде се засолнил и разговарал со Бога (3. Цар. 19: 9-15).
ОСНОВАЊЕ НА МАНАСТИРОТ
Несогорливата Капина
Од III век, монаси започнале да се населуваат во мали групи околу планината Хорив – во близина на Несогорливата Капина, во оазата на Фаран (Вади Фиран) и во други места на јужниот Синај.
Првите монаси во тој предел во главно биле отшелници, кои живееле сами во пештерите. Само за време на празниците, отшелниците се собирале во близина на Несогорливата Капина за извршување на заедничко Богослужение.
Несогорлива Капина – во Стариот Завет: грмушка која гори но не изгорува, во која Бог му се јавил на Мојсеј, кога ги пасел овците во пустината близу планината Синај.
Кога Мојсеј дошол до грмушката да види „зошто грмушката гори со оган, но не изгорува” (2. Moj. 3: 2), Бог извикнал од запалената грмушка, повикувајќи да го изведе од Египет народот Израилев во Ветената земја.
Несогорливата Капина е еден од старозаветните праобрази, кој укажувал на Мајката Божја. Оваа капина го означува непорочното Христово зачнување од Светиот Дух и Пресвета Богородица.
За време владеењето на царот Константин, во 330 година, по наредба на Елена, покрај Несогорливата Капина била изградена мала црква посветена на Мајката Божја, и кула – засолниште за монасите во случај на напади од номади.
Понатамошен поттик за развој манастирот добил во VI век, кога императорот Јустинијан Први (527-565) наредил изградба на моќни заштитни ѕидови. Овие sидови, со дебелина од два до три метри, се изградени од месниот гранит.
Нивната висина е различна во зависност од конфигурацијата на теренот – од 10 и на места до 20 метри. За да го заштити и одржува манастирот, царот преселил 200 семејства од Понт Анадолиски и Александрија во Синај.
Потомците на овие доселеници го формирале синајското бедуинско племе џабалија. Без оглед на прифаќањето на исламот што се случило во VII век, тие продолжуваат да живеат во близина на манастирот и да го опслужуваат.
Ќе продолжи…
Подготви М.Д.