Излезе од печат новиот број на епархиското списание „ОГЛЕДАЛО“ – посветен на игуменот Кирил (Пејчиновиќ) и на Лешочкиот манастир

По милоста Божја Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф – излезе од печат новиот број, т.е. двоброј 12/13 од епархискиот гласник на Тетовско-гостиварската православна епархија – списанието „ОГЛЕДАЛО“.

Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф по повод излегувањето од печат на овој нов број упати поздравно слово до сите читатели на списанието, а истиот интегрално ви го пренесуваме:

ПОЗДРАВНО СЛОВО ДО ЧИТАТЕЛИТЕ НА СПИСАНИЕТО „ОГЛЕДАЛО“

„чувајте а верата и никоаш немојте да

ми го забраете мојов манастир“

Јеромонах Кирил Пејчиновиќ

 

Драги читатели,

Со овие прекрасни и силни зборови на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, нашиот мудар преродбеник и игумен на Лешочкиот манастир, го започнувам овогодинешното поздравно слово упатено до сите Вас, почитувани читатели на новиот двоброј 11/12 на епархиското списание „Огледало“.

И навистина нема подобри зборови од Кириловите, со кои можам да Ве поздравам, а истовремено и да Ве посоветувам…

Како надлежен епархиски архиереј на Тетовско-гостиварската епархија под чија јуриздикција е и Лешочкиот манастир, оче Кириле, уште од почетокот на мојата служба, се трудам никогаш да не го заборавиме твојот и наш манастир.

Ако него го заборавиме и ако верата наша прадедовска не ја зачуваме тогаш се забораваме себе си, своите корења и својот идентитет. А дека во нашите мисли секогаш е Лешок и грижата кон манастирскиот комплекс и зачувувањето на спомените на неговите игумени – доказ е овој број на списанието.

Како плод на тој незаборав, Редакцијата на списанието одлучи главната тема на списанието да биде посветена на Лешочкиот манастир и неговиот најпознат игумен, на отецот Кирил Пејчиновиќ.

Лешочкиот манастир и игуменот Кирил се нераздвојно поврзани. Секоја прошетка во Лешок, секое пролистување на неговите дела, секое предание за неговиот лик и дело – нè потсетуваат на него и на неговата исполета дејност во Лешочката света обител.

Токму затоа не може да се пишува за животот и дејноста на јеромонахот Кирил, а да не се спомене Лешочкиот манастир, и обратно. Не може да се пишува за манастирот, а да не се спомене неговиот најпознат игумен Кирил, чиј гроб и епитаф ни се постојано сведоштво за еден праведен живот поминат во постојан труд, во борба за зачувување на верата, во просвета на народните маси, како и во надградба на манастирот и неговиот имот.

Преку овие научни трудови, чувајќи и надградувајќи го споменот на Лешочкиот манастир – ние ја чуваме и верата, чиста и света како што ја проповедаше игуменот Кирил.

Неговата проповед е жива и се`уште трае. Таа ќе трае додека трае неговиот свет спомен, а споменот на праведникот трае вечно. Затоа неговата проповед ќе трае вечно и ќе нè инспирира кон напредни идеи и ќе нè вдахновува кон творење на дела со кои ќе го развиеме манастирот, кој е светило на Полошкиот крај и пошироко.

Освен научното градиво поврзано со носечката тема на списанието, во овој двоброј вметнавме и други популарни трудови од областа на теологијата, но и текстови од областа на историјата и медицината, потоа рубриката вести и настани од епархијата, како и репортажа за Лешочкиот манастирски комплекс.

Се надевам дека и овој број на списанието ќе ни помогне да се сетиме на игуменот Кирил, да нè го заборавиме Лешочкиот манастир и да ја сочуваме својата вера чиста, сега и секогаш и во сите векови!

Амин.

Со почит,

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф, главен уредник на списанието „Огледало“

Во овој број ќе читате:

1– Предговор:

-Поздравно слово до читателите на списанието „Огледало“ – г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

2– Тема на бројот: Лешочкиот манастир и игуменот Кирил Пејчиновиќ (1771-1845)

-Игуменот Кирил Пејчиновиќ и Лешочкиот манастир (1818-1845)- г. Јосиф (Тодоровски), Митрополит Тетовско-гостиварски /Abbot Kiril Pejcinovic and Leshok Monastery (1818-1845) – His Eminence Dr. Joseph, Metropolitan of Tetovo and Gostivar

-Преподобен отец Кирил Пејчиновиќ – Тетоец, Светилник – Огледало на Црквата во едно мрачно време кое трае – проф. д-р Јован Таковски, протоереј-ставрофор

-Значењето на отец Кирил – денес – м-р Даријан Сотировски, директор на КОВЗРГ

-Книгољубецот Кирил Пејчиновиќ – проф. д-р Ѓорѓи Поп Атанасов, академик

-Местото на игуменот Кирил Пејчиновиќ во современата македонска наука и просвета – вонр. проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ, презвитер

-Стихотворецот Кирил Пејчиновиќ – протоереј-ставрофор Мирко Станковски

-Јеромонах Кирил Пејчиновиќ како игумен на Марковиот манастир и просветител / Hieromonk Kiril Pejcinovik as hegumen od Marko’s Monastery and educator – Монахиња Илијана (Илкова), игуманија на Марковиот манастир

-Библиографија за Лешочкиот манастир, за јеромонахот Кирил Пејчиновиќ и за Кириловите дела – проф. Илија Петрушевски

-Црквата „Свети Атанасиј“ во Лешок (типологија, хронологија и структурен дизајн) – проф. д-р Елизабета Димитрова

-„Седмогрешник“ на јеромонах Арсенија од 1844 година пишуван на тетовски народен говор – Дарко Гавровски

3 – Теолошки теми:

-За исходењето на Светиот Дух (втор дел) –д-р Оливер Ивановски, протопрезвитер

-Персонологијата и христологијата на свети Максим Исповедник (втор дел) – протопрезвитер Александар Стојаноски

4 – Историски теми:

-Христијаните во Османлиска Македонија – прилог кон социјалната историја на Османлиска Македонија (втор дел) – Васко Гичевски

-Архиепископот Доситеј (1906-1981) – првиот поглавар на возобновената Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква од 1958 до 1981 година – Славе Николовски – Катин

-Регистар со поважни датуми од црковниот живот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (втор дел)– дипл. теолог Петар Петковски

5 – Медицина:

-Агресивноста во интерперсоналните односи (втор дел) – проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар

6 – Беседи:

-Во спомен на просветителот од Теарце – г. Јосиф, Митрополит Тетовско-гостиварски

-200 години „Огледало“ – г. г. Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима

7 – Вести и настани од епархијата:

-Вести и настани од Тетовско-гостиварската епархија – Синиша Георгиев

Списанието е бесплатно и можете да го најдете во храмовите на Тетовско-гостиварската епархија, на веб – страната на епархија

http://tge.mk/product/ogledalo-dvoboj-1213?

bclid=IwAR1sATf2mrTxGWgI59kAYpyZ8UI43CLvXhPdcVc2Z7jBvSPV0R0xEqQ3AdM), како и слободно електронски да го превземете на следниот достапен линк (http://tge.mk/vesnici/Ogledalo1213.pdf).

Повеќе информации за списанието, како и сите Ваши забелешки, коментари, критики, пофалби да ни ги испраќате на tgeogledalo@gmail.com.

„Огледало“ претставува православно списание, кое сoдржи најразлични современи духовни теми, кои се поврзани со православната вера, култура, образование и наука, кои се најнеопходни во црковната мисија за просветлување на православниот човек.

Исто така списанието содржи најнови вести од епархискиот живот. Тоа е плод на веќе низата проекти на Епархискиот црковно-просветен совет при епархијата.

На крај, на Редакцијата на списанието „Огледало“ им честитаме и им посакуваме уште плодна и успешна работа во иднина.

Претходна статијаЗа пријателството (Полесно е кога сме двајца!)
Следна статијаБогородица – Мајка на сѐ божествено!