Имаме ваков проблем, отец и ве молиме за мислење и совет.
Кумот наш не сака да прифати да биде кум на нашата венчавка во Црква, бидејќи не бил на регистрацијата, а на луѓето многу им е поважна венчавката отколку регистрацијата која е световно склопување брак.
Кумот исто така ни вели дека сме направиле грев и не сака да ни биде кум на венчавката. Бара од нас како брачен пар да ја исправиме грешката, а како ќе ја исправиме, повторно ли да се регистрираме?!
Ве молам, за ваш став по ова прашање, колку е во право кумот и дали ако тој не е кум на регистрацијата, има проблем да биде кум на венчанието пред Бога?
Благодарам
Одговор на отец Горан Стојчевски:
Господ да нѐ помилува сите.
Наше е да побараме простување секогаш и за секое наше дело, збор или мисла, и тоа зависи од нас, дали ќе добиеме прошка или не, зависи од личноста од која бараме простување имајќи ги пред нас зборовите на Нашиот Господ, на кого ќе им ги простите прегрешенијата и вам ќе ви ги прости Нашиот Отец небесен.
Нема простор за грижа кумот е сведок на венчавката, а само од брачниот пар, мажот и жената кои го чинат целиот човек зависи како ќе ја привлечат благодатта Божја од молитвите принесени за време на Светата Тајна Брак, што значи венците нивни да бидат проткаени со подвиг, преку исповед, пост и молитва, и благослов од духовниот отец за редовно учество во Литургијата и причестување со Телото и Крвта Христови.
На лутковците простете им како на мали деца, а вие грижете се на Бога да му угодите, а не на луѓето.
Ве поздравувам и ви посакувам секое добро во Бога.
П.С. Не се секирајте, ич да не секирате, и секоаш помолете се за кумот Господ да го просветли.
А, како вели нашиот народ, ако се лути нека му стои.