Свети Јован Лествичник ЛЕСТВИЦА

Поука XI ЗА МНОГУГОВОРЛИВОСТА И МОЛЧЕЊЕТО

Во претходните редови укажавме на тоа, колку е опасно и штетно да се осудува, подобро кажано – да се биде осуден од страна на сопствениот јазик.

А тоа се случува и со луѓето кои наизглед се духовни. Заради тоа, сега по ред треба да се прејде на истражувањето на причините и вратите преку кои овој порок влегува во нас, или поточно – низ која излегува од нас.

Многуговорливоста е престол на суетата, на која таа со задоволство се појавува во својот блесок.

Многуговорливоста е знак на незнаењето,

капија на озборувањето,

раководител на шегата, слуга на лагата,

разрешување на смирението,

повикувач на унинието, претеча на сонот,

расеани мисли, губење на вниманието,

ладење на топлината, замрачување на молитвата.

 

Разборитото молчење е мајка на молитвата,

ослободување од ропството, чување на оганот,

стражар на помислите, извидител на непријателите,

стан на плачот, пријател на солзите,

дејствител на сеќавањето на смртта,

живописец на маките,

обземност со претставата на Последниот суд,

помошник на спасоносната потиштеност,

непријател на дрскоста, сопатник на безмолвијата,

противник на тежнението други да учиш,

умножување на знаењета, творец на виденијата,

незабележително напредување, скриено искачување.

Оној, кој ги запознал своите гревови, загосподарил и со јазикот свој.

А оној кој многу зборува уште не се познава себе, така како што би требало да се познава.

Пријателот на молчењето се приближува кон Бог, и разговарајќи со Него тајно, бива од Него просветен.

Исусовото молчење, го посрамотило Пилат (Мт.27,14 ),
а молчењето на побожниот човек ја уништува суетата.

Изговарајќи збор, Петар горко плачеше, заборави на Оној кој рекол :

Реков – ќе пазам на патиштата свои, да не згрешам со јазикот свој (Пс.38,1),

и на оној другиот кој рекол:

Подобро е на земја да се падне од висина, отколку преку јазикот [Сир.20,18) – наведено во оригиналот по сеќавање.

.
Но, јас за тоа не сакам многу да пишувам, иако лукавствата на страстите ме поттикнуваат …

Кој мисли на смртта, го пресекол зборувањето.

И оној кој го стекнал душевниот плач,

бега од мнгуговорливоста како од оган.

Оној кој го засакал безмолвието, ја затворил устата .

Кој го почувствувал мирисот на вишниот оган ги одбегнува собирите на луѓе, како што пчелата бега од чадот.

Зашто, како што чадот ја изгонува пчелата, така и тој не трпи голем собир на луѓе.

Малкумина се оние кои можат да ја запрат водата без брана. Уште помалку се оние, кои можат да ја скротат незаузданата уста.

Оној, кој стигнал до единаесетиот степен, со еден замав отсекол многу зла!

Преведе Мина Даниловска

Претходна статијаСТРАСТИ ПРОТИВ КОИ ХРИСТИЈАНИНОТ МОРА ДА СЕ БОРИ! – втор дел
Следна статијаСветиот пророк Мојсеј Боговидец!