Светиот пророк Мојсеј Боговидец

Голем водач и законодавец на народот Израилски.

Роден е во Египет околу 1550 година пред Христа.

Четириесет години живееше во Египет на дворецот на Фараонот; четириесет години живееше како пастир во созерцание на Бога и на светот; а последните четириесет години го водеше народот низ пустината во Ветената Земја, којашто ја виде, но не влезе во неа, бидејќи во едно Му згреши на Бога (4 Мојсеева 20, 12).

Се упокои во сто и дваесеттата година од својот живот.

Како чудотворец, според зборовите на Свети Василиј Велики, Мојсеј беше предобраз на Христос.

Се јави на гората Тавор при Преображението на Господ.

А според сведоштвото на Свети Јован Лествичник, им се јавувал на монасите во Синајскиот манастир.

Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука (7, 20-40)

20. Во тоа време се роди и Мојсеј, кој Му беше на Бога мил. Три месеци беше хранет во куќата на својот татко.

21. А кога беше фрлен, него го прибра фараоновата ќерка и го одгледа како свој син.

22. И ја научи Мојсеј целата мудрост египетска и беше силен во зборови и во дела.

23. А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви.

24. И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот.

25. Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа.

26. А на другиот ден, кога некои од нив се биеја, тој дојде кај нив и ги советуваше да се смират, велејќи: »Луѓе, вие сте браќа; зошто се навредувате помеѓу себе?«

27. Но оној, што го навредуваше својот ближен, го одби од себеси и му рече: »Кој те поставил началник и судија над нас?

28. Или, пак, и мене сакаш да ме убиеш, како што вчера го уби Египтјанинот?«

29. Од тие зборови Мојсеј побегна и стана придојден во земјата Мадијамска, каде што му се родија два сина.

30. И кога се навршија четириесет години, во пустината на планината Синајска му се јави ангел Господов во огнен пламен во една капина.

31. Мојсеј, кога виде, се зачуди на тоа видение; и кога се приближи да разбере, пристигна до него гласот Господов:

32. »Јас сум Бог на татковците твои, Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов.« Мојсеј се стресе и не смееше да погледа.

33. А Господ му рече: »Собуј си ги обувките од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја!

34. Јас ги видов добро маките на Својот народ што е во Египет, и ја чув неговата издишка; па слегнав да го избавам; а сега пријди да те испратам во Египет!«

35. Тој, Мојсеј, кого го беа одбиле, велејќи: »Кој те поставил за началник и судија«, него Бог преку ангелот, кој му се јави во капината, го прати за началник и избавител.

36. Тој ги изведе, откако правеше чудеса и знаци во земјата Египетска и во Црвеното Море и во пустината во тек на четириесет години.

37. Тоа е оној Мојсеј што беше им рекол на синовите Израилеви: »Господ, Бог ваш, меѓу браќата ваши ќе ви издигне Пророк како мене; Него послушајте Го.«

38. Тоа е оној што во црквата во пустината на планината Синајска беше со ангелот, кој му зборуваше, и со татковците наши; оној што прими живи зборови нам да ни ги предаде,

39. и кому нашите татковци не сакаа да му се покорат, туку го отфрлија со срцата свои и се обрнаа кон Египет,

40. откако му рекоа на Арона: »Направи ни богови што ќе врват пред нас; зашто не знаеме што му стана на оној Мојсеј, кој нè изведе од Египетската земја.«

Втора книга Мојсеева (Исход)

20. Десетте свети заповеди.

1. Тогаш Господ Бог ги кажа сите овие зборови кон Мојсеја, велејќи:

2. “Јас сум Господ, Бог твој, Кој те изведе од земјата Египетска, од домот на ропството.

3. Немој да имаш други богови освен Мене!

4. Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата;

5. немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител, Кој за гревовите на татковците ги казнуваа децата до третото и четвртото колено, оние, кои Ме мразат;

6. Кој покажува милост на илјадници, кои Ме сакаат и ги пазат заповедите Мои.

7. Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог, бидејќи Господ нема да го остави неказнет оној, кој напразно ќе го изговори името Негово.

8. Помни го денот саботен, за да го празнуваш.

9. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите работи свои;

10. а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ни ослето твое, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе.

11. оти за шест дена ги создаде Господ небото и замјата, морето и се’ што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети.

12. Почитувај ги таткото свој и мајката своја, за да ти биде добро и да поживааш подолго на земјата, што ти ја дава Господ, твојот Бог.

13. Не убивај!

14. Не врши прељуба!

15. Не кради!

16. Не сведочи лажно против својот ближен!

17. Не пожелувај ја жената на ближниот свој, не пожелувај го домот на ближниот свој, ниту нивата негова, ни слугата негов, ни слугинката негова, ни волот негов, ни ослето негово, ни секаков добиток, ниту нешто друго, кое е на ближниот твој!”

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статијаПоука XI ЗА МНОГУГОВОРЛИВОСТА И МОЛЧЕЊЕТО – Лествица
Следна статијаСвети Јован Лествичник – ЗА ОЗБОРУВАЊЕТО (Лествица)