Минатиот пат, на денот на сеќавањето на Преподобен Јован Лествичник, почнав да говорам за осумте главни страсти, за осумте гнојни чиреви кои ја разјадуваат и унакажуваат убавината на иконата Божја во човекот, како осум змии, кои, испреплетувајќи се во едно клопче, лежат во длабочината на човековото срце;
за осумте скалила преку кои демонот како во своја куќа, влегува во човековата душа и преку кои човечката душа се симнува во пеколните длабочини.
Говорев за страстите на стомакоугодувањето, блудот, гневот и среброљубието; а сакам да додадам дека не е само животот на среброљубецот жалосен, зашто тој е слуга на суровиот господар, туку е и негова смрт – награда за тајното идолопоклонство, за служење на богатството.
Често среброљубецот умира со смрт без покајание, неочекувано, со срамна смрт. Тоа е казна за оние кои богатството го престорија во свој кумир (идол,заб.прев.) оние, кои своето срце – обвитувалиштето на Духот Свет – го претвориле во новчаник за чување пари.
Некогаш, во древните времиња Израилците излегувајќи од Египет и отпаѓајки од Бога, го излеале златното теле: пееле химни, танцувале пред него и паѓајки на земја му се клањале, вознесувајќи му молитви како на божество.
И за среброљубецот, парите се негов идол, тоа е негов кумир; во својот мрачен, безбожен живот тој само во него наоѓа радост.
Се случува оваа страст да ги потчинува кон себе и луѓето верници, луѓето благочестиви.
Во житието на свети Андреј Христа ради јуродивот, се говори за еден, очигледно добродетелен монах, кој живеел во Константинопол.
Тој се одликувал со пост и целомудрие, со луѓето разговарал со стравопочит и нежно. Овој монах се населил покрај пазарот, за, како што сам објаснувал, со својата проповед да ги упатува грешниците на покајание, за да биде меѓу народот.
Луѓето го величале како праведник.
Еднаш, Свети Андреј, сретнувајќи се со него рекол
„Оче дај ми за храна, гладен сум.“
Овој одговорил:
„Сине мој, дадов завет на сиромаштија, немам ништо, освен молитва.“
Свети Андреј заплакал: тој ја видел страшната змија која го обвиткала овој монах, а на телото на змијата било напишано – „среброљубие “!
Светиот го повикал монахот и рекол:
„Те молам, немој да го упропастиш подвигот на својот живот, не ја упропастувај твојата девственост, не ги упропастувај молитвите кои деноноќно ги упатуваш на Бог !
Господ ми откри дека си заробен од страста на среброљубието, твоето тело веќе го обвиткала пеколна змија, уште малку и целиот ќе те проголта!“
Кога човекот е предаден на среброљубието во него навидум стивнуваат сите останати страсти. Но, тоа не е затоа што е тој над нив, туку заради тоа што се препуштил на една – најлудата.
УНИНИЕ
По среброљубието и гневот следи страста на грешната тага, унинието.
Постојат два вида на тага.
Една е тагата на покајанието, тага заради своите гревови, проткаена со надеж. Светите Отци ја нарекуваат радостотворна тага.
Поинаква е тагата световна. Таа тага е како смрт пред смртта.
Таа тага потекнува од претераната приврзаност на човекот кон земното. Тој во животот го бара она што овој живот не може да му го даде.
Тој бара среќа и се` што се обидува да направи на негови очи секојдневно се руши како кула од карти, и привидот на среќата исчезнува како сенка.
Тој бара постојаност, но тука се` се менува, се` како река тече, се струполува во бездна, како се` на земјата, исчезнува во ненаситната челуст на смртта.
Човекот бара спокој, но околу него е метеж.
Тој како да се наоѓа во вечно разбранувано море. Не може да се потпре ниту на пријателите во кои гледа несигурност и себичност.
Тој прави планови, но наидува на безбројни пречки; неисполнетите желби постојано му се враќаат:
Како што брановите, заплискувајќи го брегот повторно брзаат да се вратат во морето, така и желбите, сега веќе како жалост, повторно се враќаат во неговата душа…
Значи, за човекот да го победи демонот на грешната тага, најпрвин мора да ја победи страсната врзаност за светот, страсната врзаност за земното, страсната врзаност за видливото.
„Оној кој ја победил желбата за стекнување ја победил таквата тага“, пишуваат Светите Отци.
Всушност, тие говорат дека понекогаш демонот на унинието и тагата, без никаква причина тајно му приоѓа на човекот, му се прикрадува како змија и ја спалува неговата душа со својот отровен здив, ја исполнува со горка жолч сета скриена внатрешност на неговото срце.
Грешната тага, по правило, преоѓа во уште полуда страст униние (очајување).
Човекот победен од унинието личи на ранетo и во замка протерано животно кое одникаде повеќе не очекува спас. Унинието е отфрлање на Божјата помош, тоа е прекриена омраза кон луѓето.
За време на унинието целиот живот на човекот му изгледа како зло и како празна шега. На човекот му изгледа дека доспеал до некаква мрачна јама од која нема излез.
Сета вселена му изгледа како некаков огромен и бездушен механизам, спремен да го задуши како ништавно зрнце.
Во се` што го опкружува тој не гледа премудрост и волја Божја, туку некаков црн хаос. Крај на унинието е очајувањето и богоборството, кога човекот ја отфрла самата промисла Божја за себе.
Светите Отци говорат дека за време на унинието човекот мора гласно и јасно да ја изговара Исусовата молитва или да пее псалми, зашто псалмите имаат тајна сила за одгонување на духовите на темнината.
Човекот кој паднал во униние треба да ги исповеда сите свои гревови, почнувајќи од детството. А главното средство кое овозможува да се победи, да се искорени унинието е послушанието.
Кај Отците може да се најдат зборови како што се:
„Послушникот не знае за униние, тој е секогаш радосен.“
СУЕТА
Седмата страст е страста на суетата, кога човекот копнее за човечка пофалба и слава светска, непрестајно и ненаситно копнеејќи да го испива овој смрдлив пијалок.
аквиот човек станува лицемер кој се прави дека живее добродетелно, надворешно гледано води благочестив живот за другите да го видат, “глуми“ како глумец на сцена.
Како што некои растителни паразити обвиткувајќи го стеблото на дрвото ги исцицуваат од него сите сокови, така и суетата одвнатре го опустошува човекот.
Како што змијата нектарот на цветовите го претвора во отров, така и суетата сите добродетели ги претвора во пороци.
Како човекот да се бори против суетата?
Со молчење, со едноставност во однесувањето, во облекувањето и во храната.
Така, на пример, Свети Јован Златоуст ја фалел ѓакониса Олимпијада која потекнувала од угледна фамилија, зашто не се облекувала раскошно, како што и` било возможно заради нејзиниот огромен имот, но не се облекувала ниту особено сиромашно за луѓето да не ја прославуваат како подвижничка, туку носела скромна и едноставна облека, не одвојувајќи се од другите.
За да ја искорени суетата, човекот сите свои добри дела треба да ги прави тајно.
Во Отечникот постои приказна како еден монах одлучил да ги посети браќата кои живееле во Египетската пустиња во најзафрлениот и најсиромашниот крај.
Браќата го промиле со радост. Му изнеле на трпезата се` најдобро што имале, на секој начин се труделе да му послужат.
Тој не забележал дека овие браќа строго постат, дека пеат псалми, дека принесуваат молитви на Бога, не видел ништо што би наликувало на општелници (осаменици, заб.прев) и се соблазнил.
Рекол: „Колку дена и колку труд потрошив за да дојдам кај нив, а не најдов ништо полезно за својата душа!“
Простувајќи се од нив, тој се упатил назад. Но, според волјата Божја се случило на тоа место да се подигне магла од ситниот прав, што се случува во пустиња.
И тој, бидејќи долго време скитал, повторно се вратил до местото каде што тие живееле.
И застанувајќи пред вратата на келијата, тој слушнал однатре пеење на псалми.
Одлучил да не го вознемирува братството туку да сочека тие да го завршат правилото, но пеењето на псалмите траело долго, многу часови.
Не издржал, та затропал. Браќата му ја отвориле вратата.
Тој рекол:
“Жеден сум“, и го зел од масата бокалот со вода, а кога отпил почувствувал дека е горчливо – солена.
Тогаш паднал пред нозете на игуменот на овој скит и извикал:
„Оче мој, не сфаќам што се случува овде?
Кога бев тука вие речиси воопшто не се молевте, ми дадовте добра вода и вино, а што пиете самите?“.
Овој му одговорил:
„Сине мој, имаме обичај никому да не го откриваме својот живот и да не покажуваме како се молиме. Те примивме, покажувајќи љубов спрема патникот, а самите пиеме вода во која е растворена сол, зашто држиме пост кој не се однесува само до храната, туку и вода земаме во голтки и умерено.“
И тој заминал, стекнувајќи голема корист.
Египетските Отци говореле:
„Добродетелите за кои светот ќе дознае ја губат својата цена, тие престануваат да бидат добродетели.“
Ранохристијанскиот автор Јерма пишува во книгата „Пастир“ :
Одбери си себеси духовен отец, не го барај далеку, сеедно тој ќе биде во Црквата, само внимавај на духот на лагата.“
А духот на лагата, ѓаволот, таму е, каде што е гордоста и суетата. Страшна е гордоста, тоа е она што во животот понекогаш се нарекува „помпа“.
„Помпа“ е надворешен блесок, надворешна раскош.
Суетниот подвижник за време на својот живот потпаѓа под власта на духот на лагата. Но, смртта ја открива вистината.
Зашто, Светите Отци говорат:
„Во смртта се открива човекот, онаков каков што е.“
И забележано е дека гробот на суетниот подвижник бидува пуст, тој не ги привлекува човечките срца.
ГОРДОСТ
Осмата страст по ред, но прва по својата погубност и лутина е – гордоста. За неа ќе ви раскажувам следниот пат, зашто времето е ограничено.
Гордоста ги потресе небесата, гордоста Ангелот го претворила во демон, гордоста ги протерала од Рајот нашите прародители и ни даде во наследство жалост и страдање.
Гордоста земјата ја претворила во реки и мориња од солзи и крв.
Гордоста е осмата страст, но таа е поголема од сите заедно.
Ако Господ благослови, во свое време ќе кажеме нешто за неа следниот пат.
А денес, ви го честитам празникот на великата подвижничка на Источната Православна Црква – Преподобна Марија Египетска, во чие искуство, навистина, препознаваме дека Бог е неискажливо Милосрдие и Сепростување.
Амин.
АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН
СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО
Преведе: Мина Даниловска
…………….