Најголемиот грев на нашето време е – губењето на чувството за грев.

Ова е најголемата опасност на времето во коешто живееме. Не е гревот она што најмногу вознемирува.

Гревот е нешто што се вселило во човечката природа и иако е неприроден и противприроден, тој станал како некоја втора природа во човекот.

Она што ужаснува е токму губењето на чувството за него, бесрамното извршување на гревот; наметнувањето и озаконувањето на гревот со неговото претворање во навика и честото повторување.

Секако, самото правење грев веќе не е мало зло. Но да се греши и да се нема чувство за гревот и срам заради гревот, тоа е она што е ужасно и опасно, што станува знак за моралното распаѓање и пропаст.

Ако човекот греши и ја чувствува својата слабост, го признава својот пад, тоа е знак дека сè уште постои надеж за покајание, поправање и подигање.

Ако пак греши сметајќи го тоа за подвиг, спретност и способност, тоа е она што е „полошо од секое зло,” морална деградираност и бесрамност, најнискиот пад до кој може да стигне човекот како разумно битие и општеството како заедница.

„Зло е да се греши” − вели свети Јован Златоуст − „но уште поголемо зло е да се гордееме со своите гревови”.

На едно друго место, овој голем познавач на човечката душа и анатом на човечкото општество го додава и ова:

„Зло е да се прават гадости, но ако постои срам кај оној кој ги извршува, злото е за половина помало. А, кога некој со тоа се краси – тоа претставува врв на бесрамноста.

Човекот што станува свесен за гревот по падот, со време може и да се подигне; оној пак, што се фали со гревот, се лишува себеси од исцелението кое го дава покајанието.”

Опасноста што настанува од таквиот однос кон злото е очигледна. Се наоѓаме пред изобличување на моралните сетила, пред триумфот на духовната скаменетост.

Оваа вистина толку јасно ја подвлекува и големиот француски поет Павле Клодел:

„Нашата духовна состојба е поинаква кога грешиме и се жалостиме, знаеејќи дека правиме зло а, копнееме по доброто. Како што е поинаква и духовната реакција, кога веруваме дека правиме добро а, всушност правиме зло и уште повеќе, кога злото го проповедаме и се фалиме со него”.

Слично вели и Андре Мороа:

„Опасноста на нашето време не е во тоа што постојат разбојници, хохштаплери, крадци и изопачени луѓе. Калта од таквиот вид луѓе постоела на маргините на сите општества. Опасноста се состои во тоа што постојат луѓе кои сметаат дека е храброст да се оправдува неморалот и законот на џунглата.”

Таа и таква духовна клима и став, во нашево време зазема вознемирувачки размери. Таа подмолно и безобѕирно ги подрива темелите на заедничкиот и општествен живот.

Не се во прашање само јавните скандали на поединци и расипувањето на општествените пари, нечувствителноста за моралните начела и јавната бесрамност.

Се работи за обликување на „Новиот морал” и создавање на „Новиот Човек” на кого му е сеедно доброто и злото, добродетелта и гревот; за кого „бесрамноста” е поголема добродетел од срамот, за кого самољубието и саможивоста – се единствен Бог и Господ.

Неразликувањето на доброто и злото раѓа духовна затапеност и скаменетост, раслабување на силата на отпорот во човекот; човекот престанува да биде имун на злото и на силите на злото, на гревот и на болеста.

Гнилежот и распаѓањето влегуваат во човековите коски и човекот станува роб на болната пасивност и незаинтересираност. Таквата состојба е состојба на наркоза, која неминовно води кон смрт на душата и телото и кон распаѓање на сите витални внатрешни човекови сили и движечки импулси.

Тој отров на духовна нечувствителност за гревот и за злото се шири како чума повеќе и од сидата или било која друга болест и ги труе белите дробови на модерниот свет.

Што е пострашно и од најстрашното?

– Кога и христијаните ќе се разболат од таа смртна болест; христијаните, на кои им е покажан патот на животот и патот на смртта, кои стекнале дар на разликување на светлината од темнината, на доброто од злото, на Бога од ѓаволот. Христијанинот кој ќе го загуби чувството за грев, престанува да биде христијанин. А со тоа престанува да биде и човек. Од тоа духовно мртвило до нечовечноста е само еден чекор.

Превод: Братството на Манастирот „Св. Гаврил Лесновски”

ИЗВОРSlovo Bozjo
Претходна статијаГНЕВ! Молитвата на злопамтливиот Бог нема да ја услиши
Следна статијаПо молитвите на Св. Недела, како Милостив, Господи, спаси ги нашите души!