Кога единичниот ум ќе стане тројствен, останувајќи и понатаму единичен, тогаш се соединува тој со богоначалната единица на Света Троица им го затвора секој влез на прелеста, грешењето и заблудата и се издигнува над телото, светот и кнезот на овој свет.

Откако ги избегнал на тој начин нивните мрежи, тој целосно живее во себе и во Бога, наситувајќи се со духовната радост која извира внатре во него, а единствениот ум станува тројствен, останувајќи еден во своето враќање кон себеси и издигнувањето преку себеси кон Бога.

Враќањето на умот кон себе е неговото запазување, а издигнувањето кон Бога станува преку молитвата.

Кога некој се наоѓа во оваа собраност на умот и во ваков копнеж кон Бога, тогаш, притеснувајќи го со силно самопринудување брзиот тек на своите мисли, тој духовно се приближува кон Бога, се среќава со неискажливото, вкусува од идниот живот и преку духовното чувство познава колку е благ Господ, како што вели и псалмопеачот:

„Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ!“ (Псал. 33, 8).

Да се постави умот во состојба на тројственост, така што тој, бидејќи еден и ист, да пази и да биде пазен, и да се моли, не е многу тешко, но да се остане долго време во оваа и ваква состојба, од која се раѓа нешто неискажливо е извонредно тешко.

Трудот за секоја друга добродетел, во споредба со овој е многу полесен.

Затоа многумина, откажувајќи се од тешкотијата на молитвената добродетел, не ја добиваат широчината на добрината , а оние што ќе истрпат се удостојуваат со најголемо Божјо закрилништво, кое им дава сила да примаат и да поднесуваат сѐ, со задоволство да тежнеат кон она што ги очекува, правејќи го тешкото лесно и, така да се каже, на нашата ангелска природа и даваат сила да го прави она, што е над нејзините сили според зборовите на пророкот:

„А оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја:

ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Иса. 40, 31).

Претходна статијаКој не ja признава Марија за Богородица, тој е отфрлен од Бога!
Следна статијаЗНАЧЕЊЕТО НА НЕНАДЕЈНОТО ЗАМИНУВАЊЕ ОД ОВОЈ СВЕТ!