Здраво!
Да поставам едно прашање и дилема до свештеникот на страницата. Размислувањето ми се наметнува со веста за најавата на посетата Франциск на нашата држава.
Одговорете, зошто се ословува папата со „Светиот“.
Дали титулата „папа“ ја носи и светоста кај католиците?
И второ прашање:
Што значи екуменска и меѓурелигиска средба?
Поздрав
Одговор од отец Горан:
Секој човек за Бога е свет, и нема посвето нешто од човекот. Но, секој треба да го реализира тоа достоинство вподобувајќи се на Христа.
И православните патријарси се именуваат со титулата свјатјеши, или свет отец, што треба да одговара и на секој што е во епископски чин, и состојбата на обожение.
Меѓурелигиска средба е средба на преставници од различни вероиспеведанија во насока секој да го посведочи искуството на својот живот во верата, и да се извлече она што треба луѓето да ги доближува, а секој по својот избор да живее како што верува.
Екуменска средба е термин кој е воведен во западниот свет, најпрво означувала христијанска средба на дијалог меѓу римокатолиците и протестантите, а подоцна на тие средби се поканувани и претставници на Православната црква.
Екумена, значи вселена означувајќи го единството во една вера раширена низ сите страни на светот, или целата вселена.
Православната црква во основа не го користи овој термин, туку Соборна, или соборен, соборност, една вера и вистинска вера која се исповеда во благодатта на Светиот Дух запечатена преку причестувањето од Едниот Леб – Телото Христово, и Едната Чаша – Крвта Христова во слава на Бога Отца.
Што се однесува до римскиот патријарх, тоа е само протоколарна државничка посета на претседателот на државата Ватикан, кој воедно е и поглавар на Римокатоличката црква, гостин кој е секаде во светот пречекуван со човечка срдечност, што не значи дека има и верски импликации во однос на мнозинството верници на земјата домаќин.