ОД АВА КАСИЈАН

BO сите општежителни манастири во Египет и на целиот исток се практикуваат следниве монашки правила.

Оној што доаѓа во манастир (сакајќи да стане монах) не бидува примен во манастирот доколку претходно не пружи некаков доказ и опит на копнежот кон Бога, и смирение и поднесување преку големо трпение.

Откако ќе го испитаат, тие му посакуваат добредојде и го поучуваат да не задржува ништо од својот имот. Секој се соголува од својот поранешен имот, при што ни облеката што ја носел пред доаѓањето повеќе не може да ја носи.

Потоа, откако ќе се соберат сите браќа во манастирот, него го ставаат во средина, каде што ја соблекува својата облека, за да го облече старецот co своите раце во манастирската облека.

Наведеното се случува за да сфати дека е соголен од сите светски работи, од надменоста и од високото мислење за себе, и дека се облекува во Христовото сиромаштво, вбројувајќи се и изедначувајќи се, без срам, co (телото на) братството.

Соблечената облека ja зема економот на манастирот и долго време ja чува на одредено место, т.е. додека новодојдениот не ги покаже својот напредок, преобраќањето и трпението во разни искушенија.

И доколку се уверат дека може да ги поднесува и дека може да ги одржи својата почетна ревност и копнеж, тие го вбројуваат меѓу останатите.

Меѓутоа, доколку во него го забележат гревот на негодување или гревот на непослушност, тие му ја соблекуваат облеката co која се облекол во манастирот и повторно го облекуваат во облеката co која што дошол од светот, и потоа го бркаат од манастирот.

Благодарение на наведеното, не е лесно од манастирот случајно да замине оној што сака, туку само оној што не останал доследен (верен) на својот завет во сѐ. Тој повторно се облекува во облеката co која дошол од светот и се отпушта од манастирот.

Откако примениот ќе биде точно испитан (искушан) и откако ќе се покаже како беспрекорен, сепак не му дозволуваат веднаш да се вброи кон братството, туку го поставуваат како одговорен за гостите и му наредуваат да ги служи и да се грижи за сите нивни потреби.

Беспрекорно служејќи им на странците во текот на една цела година, тој се учи на смирение и долготрпение и, најпосле, се вбројува во братството.

Оној што ја презема грижата за ученикот, се труди да го поучи по кој пат требе да тргне за да може да ги стекне совршените добродетели. Тој прво го поучува да ги совладува задоволствата, заповедајќи му го она што им е спротивно на неговите потреби и желби.

Зашто, отците поучуваат дека оној што прво не ќе ги умртви своите потреби преку послушанието, не може да ги контролира и уништи задоволствата, не може да ги победи гневот и тагата, не може да стекне вистинско смирение, ниту, пак, може да се усоврши во манастирското братство.

Откако ќе го воведат и откако ќе го испитаат преку речените правила и поуки, тие потоа го учат да не ги крие своите помисли, туку веднаш, штом ќе се појават, да му ги открие на својот отец, ни малку не потпирајќи се и не надевајќи се на расудувањето на сопственото срце.

Тој за добро или за лошо треба да го смета она што ќе го открие отецот преку неговото расудување. Тие живеат потчинето, при што никој не се осудува дури и да излезе од ќелијата во која се наоѓа без благослов на старецот.

Тие се трудат да го исполнат она што тој ќе им заповеда како да примаат заповед од Господа.

Живеејќи во своите ќелии, бидувајќи целосно посветени на ракоделието, поучувањето и молитвата, штом ќе слушнат дека некој тропа на вратата од нивната ќелија, повикувајќи ги кај некој брат или на заедничка молитва или, пак, на некоја работа, тие веднаш оставаат сѐ и трчаат кон исполнување на зададената задача, ревносно трудејќи се во исполнувањето на добродетелта послушание.

Heгo го сметаат за поважно не само од ракоделието, читањето или молчанието и безметежноста во ќелијата, туку и од останатите добродетели: сѐ останато доаѓа во втор план.

Освен тоа, непотребно е да кажеме дека никој од нив не поседува нешто повеќе од подрасник, елек, сандали, ремен и мандија, бидејќи сметаат дека е срамно меѓу себе да говорат „моја книга”, „моја тетратка”, „моја табла” или било што друго „мое”.

Секој секојдневно принесува приход во манастирот од својот труд и од својата пот, поради што, имаат доволно не само за своите потреби, туку и за послужување на гостите и на сиромашните.

Трудејќи се, пак, тие не се гордеат и не се превознесуваат, ниту некој бара повеќе спокој, поради својот труд и напор, од оној што го дава манастирот. Никој не присвојува за себе нешто материјално, сметајќи се за странец за цел свет.

Тие себеси се сметаат како слуги и робови на своите браќа, а не за господари на кои било земни работи. Оној што ќе скрши некој сад или што ќе изгуби некаква работа, пред старецот го исповеда гревот за својата невнимателност и по покајанието добива прошка.

Оној што бил повикан на некоја работа или на некој собир на браќата, но задоцнил или одговорил остро или дрско, или зададеното послушание го извршува co негодување и немарно, или наместо работата и послушанието одбере да чита или она што му е заповедано го прави co задоцнување, или после отпустот на соборот не се вратил брзо на својата работа, или му се обратил на некого без некоја голема потреба, или смело го фатил некого за рака, или направил некој друг престап, ја добивал следната казна: додека браќата се собрани на собор во црквата, тој паѓа на земја и бара прошка за својот грев.

Постојат, пак, и потешки престапи: презир, гордо одговарање, излегување од манасгирот без дозвола од старецот, средби co жени или co некои што не се членови на братството на манастирот, гнев, караници, непријателство, злопамтење, среброљубие што претставува душевна лепра, стекнување на каква било работа освен она што дозволува старецот, јадење без благослов, што се смета за кражба.

Оној што постапува вака или прави нешто слично, добива построга и потешка казна од веќе наведената. И доколку не се поправи, него го истеруваат од манастирот.

Значи, тие во смиреноста и ревноста за служење покажуваат поголема грижа отколку робовите кон своите господари.

ОД ЗАПОВЕДИТЕ HA СВЕТИТЕ АПОСТОЛИ

ОНИЕ што првпат пристапуваат кон тајната на побожносга (1 Тим. 3, 16), ѓаконите да ги претстават пред епископите или пред свештениците, и внимателно да се испитаат поради кои причини приоѓаат кон Господовите зборови (заповеди).

Оние што ги довеле, да дадат точно сведочење за нив. Исто така, точно да се испита и нивниот начин на живеење, и дали се робови или слободни.

Ако некој е слуга, да го прашаат и неговиот господар дали сведочи за него како за добар човек.

Во спротивно, да го истераат, сѐ додека не се покаже како достоен за својот господар.

Пренесено од книгата “ Доброслов” Прв том

Подготви Мина Даниловска

Претходна статијаКога се денови на масло во текот на постот – вкусен ручек !
Следна статијаДа ги покриваме гревовите и слабостите на нашите браќа и сестри! (Архимандрит Дамаскин)