Здраво
Ве молам за одговор од свештеникот на прашање за кое малку знаеме.
Што се случува со душата на покојниот после четириесетиот ден по смрта, односно од 40 ден до шестиот месец и што се случува со душата по шестиот месец па се` до првата година од телесната смрт.
Благодарам однапред
Одговор на отец Горан Стојчевски:
Она што точно се случува знае само Оној што гледа во срцето на човекот и примислува за него согласно слободниот избор на секоја конкретна личност.
А, Црквата во која ја градиме личноста од образ Божји до подобие или сличност на Бога, определила на кој начин да го градиме тој однос кон Бога, ближниот и себе си преку литургиски живот: крштевање, миропомазание, причест, покајание и исповед, пост и молитва додека сме сеуште во она што ние го нарекуваме живи.
Но, и по упокојувањето, Божјата промисла дејствува во Црквата преку молитвите за упокоените, и чинењето добри дела во името на упокоените.
А, при тоа за да не заборавиме ни оставила потсетник преку помените:
– 40 заупокоени литургии каде се молиме за упокоениот (некаде ќе го сретнете ова под името палење кандило во храмот за покојниот, каде се споменува неговото име до 40-тиот ден на светата Литургија што е најправилно да се служат литургии за покојниот, или се прават секојдневно трисагии до 40-дневниот помен)
– помен во третиот ден, во спомен на тридневното Воскресение Христово во кое сме крстени и го исповедаме како темел на нашата вера, надеж за нашето воскресение.
– помен во деветиот ден, каде бараме застапништво и од ангелските сили со своите непрестајни славословија да се молат за покојниот и да бидат негови содружници, показатели на неговите добри дела низ митарствата (демонските стражи на поднебесјето) т.е. испитувањата за нашите гревови направени со збор, дело или мисла за кои ќе нѐ клеветата демоните.
– помен во 40 ден, во спомен на Христовото Вознесение и до 40 ден душата поминува низ митараствата што ги споменавме, а потоа на овој посебен суд и се определува состојбата на душата сѐ до Второто Христово доаѓање и сеопштото воскресение на мртвите, кога ќе ни биде определена вечноста според нашиот живот, вечен живот или вечно измачување што сме го промашиле Животот.
– шест месечен и годишен помен, знак за нашиот незаборав на покојниот и дека ќе продолжиме да се молиме за него не само една година, туку постојано на секоја Литургија, на задушниците и во нашите молитви.
Во помените сета Црква се застапува за покојниот, а Христос рекол, каде се двајца или тројца собрани во Мое име таму сум и јас.
Ќе остане секако тајна, како што и самата вера тајна што точно се случува кога се напуштаат времето и просторот кој ние го познаваме, но во Бога сите се живи, а ние преку помените и молитвите треба да имаме сличност со Бога Кој не заборава никого.
Ќе сретнете многу размислувања, но да знаете дека светите Отци како св. Кирил Александриски и св. Макариј Велики донекаде колку што им било дадено посведочиле дека: штом се раздвои душата од телото, на третиот ден заминува на прво поклонение пред Бога, до третиот ден во сопатништво на ангелите обитува околу местата на земјата која најмногу ја прврзувале,
од третиот до деветиот ден и се покажува рајот,
на деветиот ден е второто поклонение пред Бога,
од деветиот до четиресеттиот ден ѝ се покажуваат на душата пеколните состојби на душите, а по минувањето на митарствата на 40 ден е третото поклонение или посебниот суд каде на секоја душа и се дава состојбата да обитува, во утеха или маки согласно својот живот во тело.
Молитвите наши за покојните носат радост, спокој и светлина, а Бог ја прифаќа таа наша грижа за нив, и секако за нас додека имаме време да го исправиме нашиот живот по доброто во Бога, низ литургиски и молитвен живот.
Со надеж дека и ним и нас Бог по молитвите ќе определи во Негова близина.
Чествувањето на помените остава и залог за идните генерации нас да нѐ не заборават во молитвите.
Поздрав и секое добро во Бога.