‘БЕСЕДИ НА СВЕТИ ЈОВАН ЗЛАТОУСТ – за гневот
Гневот е ѕвер, ѕвер жесток и лут. За да го скротиме, да ги потпевнуваме во себе стиховите од Божественото Писмо и да си велиме: земја си (Бит. 3:19), и: Зошто се гордеат правот и пепелта? (Мудр. Сир. 10:9), а исто така и: движењето на гневот – паѓање е за човекот (Мудр. Сир. 1:22).
Навистина, нема ништо полошо, нема ништо поизобличено од разгневено лице.
А ако тоа важи за лицето, уште повеќе важи за душата.
Како што кога го раскопуваат ѓубрето се шири смрдеа, така и кога душата ќе се раздразни од гневот се покажува голема грдотија.
Но, ќе речеш, не можам да ги поднесам навредите од непријателите.
А зошто – кажи ми?
Ако непријателот ја кажал вистината, тогаш ти самиот, уште пред него, си требал да се прекориш себе си, и треба да му заблагодариш за укажувањето.
А ако излажал, не обрнувај внимание на тоа.
Те нарекол беден – насмеј се на тоа.
Те нарекол прост или глуп – пожали го, затоа што оној што ќе рече ‘будала’, ќе биде виновен за во пеколот. (Мат. 5:22).
Значи, кога некој ќе почне да те навредува, ти помисли на казната на која тој подлежи – па не само што нема да се лутиш и гневиш, туку и ќе заплачеш за него.
Никој не им се лути на тие што имаат температура или ги фатила треска, туку на сите им е жал за нив и плачат за нив.
А разгневената душа е иста таква.
А и ако посакаш да се одмаздиш, премолчи – и со тоа на непријателот ќе му нанесеш смртоносен удар.
А ако одговараш на навредата со навреда, ќе запалиш оган.
Но присутните, ќе речеш, ќе мислат дека си слабак ако само молчиш.
Не, нема да мислат дека си слабак, туку ќе ти се восхитуваат на мурдоста.
А ако, кога ќе те посрамат, се навредиш, преку тоа самиот себе ќе се срамиш, зашто ќе оставиш место да се мисли дека тоа што е кажано за тебе е вистина.
Зошто, кажи ми, богатиот се смее кога ќе го наречат сиромав? Нели зашто знае дека не е сиромашен?
Така и ние, ако на навредливите зборови одговараме со смеење, ќе докажеме дека знаеме дека не е вистина тоа за што нè обвинуваат.
Освен тоа, до кога ќе се плашиме од човечките мислења?
До кога ќе го презираме нашиот заеднички Господар и ќе бидеме приврзани за телото?
Штом помеѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни (1. Кор. 3:3)?
Да бидеме духовни и да го зауздуваме тој страшен ѕвер.
Меѓу гневот и лудилото нема никаква разлика.
И гневот е лудило, само привремено, или дури и полошо од лудилото.
На лудиот сепак може да му се прости, додека оној што се гневи попаѓа во илјада маки, зашто доброволно се упатил во бездната на погибелта.
Тој и пред идната геена, уште овде е казнет, зашто по цела ноќ и по цел ден во помислите на душата ја носи својата непрестајна побрканост и разбеснета бура…