ОСКУДНОСТА МНОГУ ПОМАГА

Старче, зошто денес луѓето толку многу се мачат?

Затоа што го избегнуваат трудот. Од удобноста боледуваат и се мачат.

Олеснувањата на современото доба го направија светот глупав. Денешната млитавост донесе многу болести. Што сè требаше да се претрпи некогаш за да се пожнее пченицата!

Беше многу тешко, но затоа тој леб беше многу сладок. Каде можеше тогаш да видиш фрлен леб!

Ако најдеше некое парче, ќе го подигнеше и ќе го бакнеше. Оние што ја преживеаја војната, кога ќе видат парче леб, го оставаат настрана, а оние што не го доживеале тоа – вишокот леб го фрлаат, не сфаќајќи колку вреди.

Фрлаат леб во ѓубре; не го ценат. Повеќето луѓе не се во состојба дури ни едно „Слава ти, Боже“ да кажат за сите овие благослови со кои Бог нè дарува. Денес сè се прави само за себеси да си угодиме.

Оскудноста многу помага. Кога луѓето немаат, тогаш и можат да ја познаат вредноста на тоа од што се лишени. Оние што трпат немаштија со расудување, смирение, заради љубовта кон Христа, чувствуваат духовна радост.

Кога некој, на пример, ќе рече:

„Не сакам денес да пијам вода затоа што мојот ближен е болен. Боже мој, не можам ништо повеќе од тоа да принесам“, и навистина така постапи, Бог ќе го напои не со вода, туку со духовна лимонада, со утеха одозгора.

Намачениот човек, за најмалата помош што му се дава, чувствува голема благодарност. Едно разгалено дете навикнато на угоден живот, за ништо не е благодарно, иако родителите му ги исполнуваат сите желби. Може да има сè, но сепак ќе се мачи.

Сè пред себе растура. А некои сиромашни дечиња, за најмало внимание што им се укажува, чувствуваат голема благодарност.

Ако се најде некој добар човек да им плати билет за Света Гора, толку се благодарни, и нему, и на Христа!

Богатите деца можеш да ги слушнеш како зборуваат:

„Имам сè, зошто?“ Негодуваат затоа што живеат добро, наместо да му благодарат на Бога и да му помогнат на некој што нема!

Тоа е огромна неблагодарност! Чувствуваат празнина затоа што не им недостасува ништо. Се караат со родителите затоа што сè им е готово и дадено, и на крајот заминуваат од своите домови за да скитаат по светот со еден ранец на грбот.

Родителите ом даваат пари барем за да им се јават по телефон за да не се грижат, но ниту и за тоа не им е гајле.

После родителите ги бараат.

Едно момче имаше сè, но со ништо не беше задоволно. Скришум бегаше од дома и спиеше во возовите за да почувствува мака. А беше од добра фамилија! Ако имаше некоја работа и ако живееше од својата пот, неговиот труд би имал смисла, ќе беше спокоен и ќе го прославуваше Бога.

Повеќето денешни луѓе не почувствувале оскудност, па затоа и не се трудољубиви.

Ако човекот сам не се потруди, тогаш не може да го почитува туѓиот труд. Каква смисла има, на пример, да бараш лесна работа, да собереш пари, а после да бараш начин да се помачиш?

Швеѓаните за сè бараат помош од државата, а не се трудат, па затоа и скитаат по улиците. Се трудат залудно, чувствуваат напнатост затоа што на духовен план излетале од шините.

Тие се како тркала кога ќе се откачат од осовината, па се тркалаат по патот без никаква цел и завршуваат во амбис.

Пренесено од книгата „Со болка и љубов кон современиот човек“ – Старец Пајсиј

Подготви  Мина Даниловска

Претходна статијаНеброени се чудата на Пресвета Богородица!
Следна статијаИ гневот е лудило, само привремено, или дури и полошо од лудилото!