Молитва трета
(Свети Симеон Метафраст)
Господи, Ти си единствен чист и негнилежен.
Ти, заради нас и од неискажлива човекољубива милост, си примил човечко тело од Твојата Мајка, која Те родила натприродно преку осенувањето на Божјиот Дух и благоволението на вечниот Отец; Христе Исусе, Ти си Божја Премудрост, Ти си мир и сила; co Твоето воплотување, откако ги прими животворните и спасителни страдања, крстот, клинците, копјето и смртта, умртви ги моите душегубни и телесни страсти.
Co погребението си го пленил царството на пеколот; преку добри помисли закопај ги моите лоши намери и уништи ги духовите на лукавството.
Co Твоето тридневно и живоносно воскресение, откако го воскресна паднатиот праотец, воскресни ме и мене, паднатиот поради гнев, давајќи ми начин за покајание.
Co Твоето преславно вознесение го обожи телото што го прими и го удостои да седи оддесно на Отецот; удостој ме и мене, преку Светата причест co Твоите свети тајни, да застанам од Твојата десна страна – кај спасените.
Co слегувањето на Утешителот – Твојот Дух, откако ги направи Твоите ученици драгоцени садови, направи ме и мене достоен дом за Неговото слегување.
Кога ќе дојдеш праведно да и’ судиш на вселената, благоволи и јас да Те пречекам Тебе на облаците, мојот Судија и Создател, co сите Твои светии, та бескрајно да Те славословам и воспевам co Беспочетниот Твој Отец и Пресветиот, Благиот и Животворниот Твој Дух, сега, секогаш и во сите векови.
Амин!