Преблагословена Владичице, Приснодево Богородице, за наше спасение Го роди Бога Словото, Кое е над секое слово, и повеќе од сите Неговата благодат ја пројави.

Ти се јавуваш како море од Божествени дарови и непресушна река на чудеса, излевајќи благодат на сите што со вера кон Тебе прибегнуваат.

Припаѓајќи пред Твојата чудотворна икона, Тебе Ти се молиме, Семилостива
Мајко на Човекољубивиот Владика:

Дарувај ни ја Твојата пребогата милост и поитај да ги исполниш молбите наши што Ти ги принесуваме, Брзопослушничке, кои ни се од полза за утеха и спасение, и сите успокој ги.

Својата благодат посети ги, Преблага, слугите Твои, на болните  дарувајќи им исцеление и крепко здравје, на обременетите – мир, на заробените – слобода, а на страдилните – утешение. Семилостива Владичице, избави ги секој град и секоја земја од глад, страдање, земјотрес, потоп, оган, меч, и други времени и вечни казни, со Твојата мајчинска смелост одврати го гневот Божји:

Ослободи ги слугите Твои од душевна раслабеност, од нападите на страсти и гревови, та откако ќе поживееме во овој живот во секое благочестие, непречено да се удостоиме и во идниот век со вечните блага, по благодатта и човекољубието на Твојот Син и Бог, Кому Му прилега секоја слава, чест и поклонение со Беспочетниот Негов Отец и  Пресветиот Дух, сега и секогаш и во сите векови.

Амин.

Претходна статијаMолитва кон Богородица!
Следна статијаЈа фалам и целивам таа мудрост, со која се прославиле малите…(Св. Григориј Богослов)