(Промовирана книгата „Добродетелите во Лествицата на Свети Јован Лествичник и Египетскиот Отечник“ на архимандритот Гаврил (Галев)
Австралиско – Сиднејската Православна Епархија, а по повод јубилејот на одбележувањето на илјада години од постоењето на Охридскаата архиепископија, одржа Литургија во Соборниот храм на „Успение на Пресвета Богородица.“
Притоа, на духовната академија и по тој повод, беше промовирана книгата:
„Добродетелите во Лествицата на Свети Јован Лествичник и Египетскиот Отечник“ на архимандритот Гаврил (Галев), игумен на Православниот манастир „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк.
Ќе ви ги презентираме воведот на оваа книга, на о. Гаврил и предговорот на о. Јаков
Вовед – о. Гаврил
Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец на небесата (Мт 5,48)
Тоа е основното начело и смисла зошто Бог го створил човекот. Во рајот човекот живееше во согласност со неговата природа, во појавата на гревот се разруши таа природна состојба, и се раскина заедницата на човекот со Бога, а дијалогот беше прекинат.
Како последица на гревот настана и расцеп во самата природа на човекот. Тој се откина од изворот на природните благодатни енергии од коишто се хранеше, умот му се помрачи, а во неговото срце се зацарија страстите.
Мерзоста на запустението седна на своето место.
Тврдината на нашето срце е освоена, затоа е потребно повторно да се поврати власта над тврдината, односно да се очисти срцето од страстите. На тој пат на очистување, подвижникот поминува три нивоа на духовен растеж: чистење на срцето, просветлување на умот и обожување.
Лествицата и Египетскиот Патерикон преставуваат неисцрпни и постојано актуелни енциклопедии и кодекси на вистинско христијанско живеење во Светиот Дух. Во Лествицата се опфатени триесет поуки, опишани во вид на скала по која монахот треба да се искачи за да достигне духовно совршенство.
Совршенство е Самиот Богочовек Христос како единствен критериум за сите вредности, Којшто се наоѓа на крајот од скалата. Патот до тоа совршенство е борба со страстите.
Со победата над одредена страст, душата ја стекнува соодветната добродетел и се зацврстува во доброто. Лествичник го опишува подвигот систематски и во сите негови детали.
Ја анализира страста од сите можни и неможни аспекти на нејзината вгнезденост во душата. Како искусен лекар и психолог, го одредува степенот на болеста, и потоа го препишува лекот и начинот на лечењето.
Речиси сите поуки и совети на Свети Лествичник кореспондираат со умот на подвижникот. Кога човекот ќе ги прочита овие упатства, добива светлина во умот, знаење на нештата, коешто тој подоцна го користи во борбата за очистување на своето срце од страстите.
Бидејќи го поминал патот и ја достигнал целта, сега како искусен стратег и воин, и како оној кој се извежбал во бестрастието, застанува и својата емпирија ја преточува во теорија, го осветлува патот што секој борец треба да го помине од својот почеток до крајот.
Со тоа Свети Лествичник на душата и прибавува едно теоретско познание и еден умствен увид за она што подвижникот практично го живее и вкусува.
Духот на Египетскиот Патерикон е поинаков. Тој зборува низ тишината на пустината како извор на жива вода, неизглаголиви зборови и невидлива светлина. За драмата на благодатниот жив живот, за праксата на подвижникот, самите Старци и свети Отци преобразени и свети личности не пишувале, туку сведочеле со својот свет и плиротичен живот
–„Старче, доволно ми е само да те гледам“, и со збор, ако имало потреба од тоа. Аввите не се морални личности, тие се луди заради Христа, ослободени од секаков јуридичко-еретички систем.
Нивниот етос е маченичкиот, ’дај крв, прими Дух‘.
И тука основна тема е очистувањето на срцето од страстите и стекнување на блаженото бестрастие или совршенството преку стекнувањето на добродетелите. Како што спомнавме, преовладува теоретско објаснување во однос на добродетелите во Лествицата, додека во Старечникот добродетелта најчесто е опишана низ пример од секојдневниот живот на Отците од пустината.
И покрај тоа што Лествицата го храни срцето, таа воглавно е храна за умот, а Отечникот најчесто го храни срцето. И кога овие две компоненти ќе се соединат во една, теоријата со праксата, умот со срцето, се доаѓа до првобитната човекова состојба на интегралност и прибраност пред Бога.
Состојба на непрестајно повикување на Името Божјо внатре во очистеното срце, насладување со Неговите Божествени благодатни енергии и гледање на Неговото Лице.
Преку овој труд ќе се обидеме да го синтетизираме претходно кажаното, земајќи ги предвид добродетелите од Лествицата и поткрепувајќи ги со соодветен пример од Отечникот. Ќе ја извлечеме суштината на добродетелта, ќе ги откриеме искушенијата што ја следат, ќе ја дијагностицираме внатрешната состојба на срцето и начинот на борба со страстите за стекнување на соодветната доблест, како лек и терапија, која пак си го повлекува со себе своето ’семејство‘ на сродни доблести, создавајќи во душата на подвижникот ’нови‘ состојби.
Предговор – о. Јаков
Ова е време на апсолутно релативизирање на нештата, па дури и на монашкиот (христијанскиот) идеал, кој не може никако да се релативизира, но од друга страна, и никогаш не може да му се допадне на овој свет кој функционира според законот за релативност или, со јазикот на Отците би рекле – млакост, бидејќи тој идеал е секогаш апсолутен, а во очите на овој свет – екстремен.
Впрочем, тој идеал и не може поинаку да биде посведочен, освен со одрекување од самите себе, од сопствениот живот, намразувајќи се себеси, според Христовите зборови.
Ние, христијаните, сме повикани да бидеме сведоци во овој свет, сведоци на Царството Божјо, кое доаѓа и веќе е, и чиј залог веќе сме го добиле преку „печатот на дарот на Светиот Дух“-благодатта на Крштението, облекувајќи се во Самиот Христос, Кого и треба да Го сведочиме.
Неповторливоста на Светата Тајна на Крштението, всушност, сведочи за скапоцената благодат што ни е дадена, но не како однапред зададена категорија на светост, туку како извор на светлина, која не згаснува ни при најголемите гревови, но сепак, може да биде затрупана, а душата, пак, лишена од таа животворна светлина, да биде постепено умртвувана во смртната сенка на гревот, а облеката на Крштението да биде извалкана.
„Вие кои во Христа се крстивте,во Христа се облековте“ (Гал. 3, 27).
Сигурно апостолот зборува токму за тоа кога вели: „Внимавајте данеби случајно и облечени, да се најдете голи“ (2 Кор. 5, 3).
Човек може да оди во црква, да пости, да се моли, да прави добри дела, дури и да се причестува, а би додал, дури и да се замонаши, што се однесува до замонашувањето на надворешниот човек.
Но дали е тоа Христовиот идеал!?
Дали сме тогаш вистински сведоци, особено ако сѐ уште се наоѓаме на првиот степен од духовниот раст, со затворено срце во борба со страстите, или што е уште полошо –заробени од нив ?
Имено, би требало да бидеме сведоци на Животот и Вистината. Меѓутоа, кога денес ќе се слушне или прочита за тоа , дур не го познаеме местото на срцето, ние сме сѐ уште дел од овој свет и живееме како некрстени, се случува некој и да се соблазни. А тоа пак, дека благодатта на Крштението се пројавува само во очистеното срце, и просветлувањето на умот нѐ воведува во Царството Божјо уште во овој живот, а воедно нѐ прави и вистински сведоци, се релативизира.
Меѓутоа, на тој пат кон срцето, добро натапкан од Отците, нема простор за релативизирање, според телесното мудрување на овој свет. За тоа сведочат вистинските сведоци. Оние што со очите на својот ум Го видоа Посведочениот, и ние знаеме дека сведоштвото нивно е вистинско, за нив пак, велиме – бремето нивно е тешко за носење.
Би ги додал овде и зборовите на мојот духовен отец:
„За оние кои живеат во Христос не е точно тврдењето, некој може, а некој не може. Тоа е самооправдување. Точно е само тврдењето дека некој не сака, а некој сака целиот свој живот да му Го посвети на Христос“.
Тука нема простор за оние тврдења дека времето во коешто живееле Отците било поинакво, дека денес треба да бидеме „малку“ пофлексибилни. Сигурно дека треба да бидеме, но не кон себеси – особено не во оној дел што се однесува на послушанието и восогласувањето на начинот на нашиот живот со степенот на кој се наоѓаме, а да не зборуваме и за телесниот подвиг.
За благодатните дарови што ги имале Отците, велиме дека веќе не ги дава Господ, особено не во наше време, а Дародавецот, пак, е ист и вчера, и денес, и со векови . Токму поради тоа, попрво би можеле да кажеме дека малкумина се оние што се подвигуваат за почит.
Точно е единствено тоа дека раслабеноста на нашита волја и љубов кон Бог не соодветствуваат на времето на Отците, а современиот типик, според кој сѐ се релативизира нѐ направи ниту студени, ниту жешки, а за млакоста (блутникавоста), знаеме што вели Бог.
„Тргнавме по желбите на нашите срца, но не напуштај нѐ сосема, Боже на отците.“ Tокму затоа овој труд претставува своевидна афирмација на славната епоха на Отците и нивниот бескомпромисен подвижнички дух.
Авторот за великите отци од египетската пустина не зборува како за митолошки ликови ,чија што сила ја надминува човечката природа, туку за потполно едноставни луѓе, носители на паднатата Адамова природа, но чија што волја со сите останати сили на душата се стремела кон преобразување на истата со благодатта на Светиот Дух Божји. Сите анегдоти и дијалози помеѓу авите од Старечникот се приложени како илустрација на секое скалило од Лествицата на Свети Јован.
Чудесната и благословена пак „Лествица“ на светиот отец наш Јован е вечно жив светилник во Црквата Христова, која ни го осветлува секогаш тесниот и подвижнички пат кон Царството Небесно, а кој во очите на современите христијани изгледа невозможен и неверојатен.
Ако по тој пат веќе не одиме во целост, поради нашата немоќ и слаба вера, тоа би требало да биде причина за уште поголем плач и покајание. А извалканата облека на Крштението со ништо друго и не може да се измие. Признавањето на нашата немоќ сигурно ќе ни донесе смирение, а Бог, пак, на смирените им дава благодат.
Книгата која е пред вас е дипломската работа на о. Гаврил, Архимандрит на Австралиско – Сиднејската Епархија при манастирот св. Климент Охридски во Кинглејк – Мелбурн, тогашен Јеромонах од Водочкиот манастир и растен под духовно раководство на нашиот старец Митрополит Струмички Наум.
Имено, книгата преставува еден мал прирачник за секој оној кој сака духовно да расте и да победува во борбата со страсите по примерот на преподобните авви од египетската пустина и да напредува во добродетелите според упатствата на преподобниот Јован Лествичкник во неговата Лествица и која секој православен христијанин треба да си ја има во својата библиотека.