Трето писмо

Посветено на монахот што стапна во подвижничката арена

Радувај се во Христос, мое возљубено чедо, кое благодатта на мојот Христос го просветли и спаси од светот; чедо, кое долета во пустината и сега co светите браќа престојува во киновијата; чедо, кое co целата своја душа Го прослави и возвеличи Бога.

Божјата благодат, чедо мое, слична е на рибарската јадица, која влегува во длабочината на човечката душа и го повлекува човекот кон небесните височини. Таа добро знае како да ја улови словесната риба и да ја оддалечи од морето на мирјаните.

Меѓутоа, што треба да се направи после сето ова?

Кога Бог еднаш ќе го оддалечи од светот оној што сака да се замонаши и кога ќе го доведе во пустината, Тој не му ги покажува страстите кои претходно биле пред него, ниту пак искушенијата, се’ додека тој не стане монах и додека Христос не го наоружа co стравот од Бога. Токму тогаш започнува испробувањето, подвигот и борбата.

Ако искушеникот од самиот почеток се присили себеси и ако успее да го запали фитилот на подвижништвото, за да стои пред него, пред да стане касно за тоа, тогаш тој нема да се изгаси никогаш, дури ни во моментите кога благодатта ќе отстапи од него и ќе дојдат големите искушенија.

Спротивно, во првиот момент кога благодатта ќе го напушти, тој ќе се врати во својaта претходна состојба. Тогаш, согласно co страстите кои ги имал во светот, ќе му се појават искушенијата и тој ќе ги поттикне претходните навики, co кои бил заробен и на кои им служел.

Како прво, чедо мое, знај дека постојат огромни разлики од човек до човек, исто како и од монах до друг монах.

Постојат души co многу млак карактер, кои лесно можат да се разубедат. Постојат, исто така, и души co цврст карактер, кои не можат толку лесно да се потчинат. Едните од другите се разликуваат како памукот од железото. Памукот можеш да го обликуваш само co зборови, додека пак, железото бара оган и огнена печка полна co искушенија, за да може да биде обработено.

Таквиот човек најпрво мора да биде трпелив во искушенијата. Кога монахот нема трпение, многу потсетува на кандило без масло во него: кое наскоро ќе се изгаси и ќе пропадне.

Значи, кога некој co горделива природа, која е посилна од железо, ќе се одлучи да стане монах, веднаш штом ќе стапне во арената, ќе започне да се спротивставува на послушанието.

Тој, во истиот момент, ги прекршува своите завети и отстапува од битката. Штом благодатта малку ќе отстапи од него, за да можат да се испитаат неговите намери и трпението, тој го положува оружјето и почнува да жали што се замонашил. И ги поминува своите денови во непослушност и горчина, секогаш барајќи одговори на оние места каде што ги нема.

Тогаш, по молитвите на старецот, благодатта го распрснува тој облак од искушенија и тој донекаде ќе се собере, доаѓајќи на себе и ќе се поправи, но многу брзо потоа, повторно обземен од своето самоволие и непослушание, станува мета на неволји.

Ти пишуваш за братот кој таму го гледаш и се чудиш, зошто и noкpaj толку срдечност во послушанието, егоизмот е тој што го надвладува? Зарем мислиш дека е лесно човек да се бори co страстите?

Добрите дела и милосрдието, како и останатите надворешни добрини, не можат да го омекнат срцето, кое се научило на противење. Меѓутоа, умното дејство на молитвата, болката преточена во покајание и смирението, тоа се нештата кои го смируваат непокорниот дух.

Неподносливо е и многу тешко да се работи co непокорен човек. Тој може да биде раководен само co крајно трпение. Тврдоглавите ученици можат да се вразумат само co крајно трпение на старците и co трпеливоста и љубовта на нивните собраќа.

Но знај дека и тие многупати се потребни, исто како што ни е потребна нашата десна рака. Правило е, луѓето кои на некој начин се понадарени од другите, многу потешко да се смируваат од останатите. Тие имаат високо мислење за себе и co презир гледаат на другите.

Значи, неопходна е многу напорна работа и големо трпение, додека старите темели на гордоста не се ископаат и додека не се постават новите. Христовото смирение и послушноста ќе ги постават новите посигурни темели.

Меѓутоа, Господ, гледајќи го нивниот труд и добрите намери, како на едните, така и на другите им допушта искушенија, кои ќе се спротистават на нивните страсти, па преку Својата милост, Оној Кој сака сите луѓе да се спасат, ќе Ги спаси и нив. Ти, пак, види сега на кого сакаш да личиш.

Би било прекрасно кога сите би ја имале таа блага природа и би биле смирени и послушни. Меѓутоа, ако се покаже дека нечија природа е потврда и од железото, тогаш тој и нека не очајува, туку нека се бори, па co Божјата благодат ќе може и да победи.

Бог не е неправеден за да бара од едниот едно, а од другиот друго. Тоа што Тој очекува да го добие за возврат од секого, секогаш е во согласност со даровите, кои повторно Тој ни ги подарил.

Од самиот почеток, уште од создавањето, Бог ги поделил лугето во три категории: некому пет таланти, некому три, a некому само еден.

Првата категорија се луѓе кои имаат највозвишена благодат на своите дарови: тие имаат огромни умни способности и за нив се вели дека се „богопросветлени”.

Во древните времиња такви биле свети Антониј Велики, свети Онуфриј, преподобна Марија Египетска, Кирил Филеот, Лука Стирионски и уште илјадници други, кои без учители станале совршени.

Втората категорија луѓе најпрво мораат да се научат на добрина, за да можат да творат добрина. Третите, пак, иако и ќе чујат и ќе осознаат, сокриваат се’ во земја и повторно ништо не прават со својот дар.

Оттаму, значи, постои голема разлика помеѓу луѓето, како и помеѓу монасите, како што впрочем и самиот можеш да осознаеш. Токму поради тоа, најпрво и неодложно, мораш да се спознаеш самиот себеси, каков и да си, односно каква и да биде вистината за тебе, а не онаа вистина што ти самиот си ја замислуваш.

Co таквите сознанија, ти ќе станеш најмудар од сите луѓе. Тоа ќе ти помогне да здобиеш смирение и да ja примиш Господовата благодат. Ако не спечалиш самопознание и ако се потпреш само на својот сопствен труд, тогаш знај дека секогаш ќе бидеш многу далеку од изложување на својот вистински пат, зашто пророкот залудно не рекол:

Ќe погледне Бог на мојот труд, туку ќe погледне Бог на моето смирение и на трудот мој. Трудот е поради телото, a смирението поради душата, но и едното и другото, т.е. и трудот и смирението, работат во полза на целото човечко битие.

Кој го победил ѓаволот?

Само оној, што ја спознал својата немоќ, своите недостатоци и своите страсти. Оној што се плаши да се спознае самиот себеси, ќе остане далеку од познанието. Тој не сака ништо друго, туку да ги види грешките на другите, за да може да ги осуди.

Таквиот човек во другите луѓе не ги гледа даровите, туку недостатоците и спротивно на сето тоа, во себе ги гледа само даровите, а своите недостатоци ги одминува. Тоа е вистинскиот недостаток од кој страдаме ние, луѓето од „осмиот век” (тоа се луѓето кои живеат во последните времиња, во времињата пред доаѓањето на антихристот).

Ние веќе не сме во состојба едни co други да си ги препознаеме даровите. На еден човек можат да му недостасуваат многу работи, но затоа мнозинството е тоа кое може да поседува се’.

Тоа што на едниот му недостасува, тоа го поседува пријателот, братот до него. Ако тоа го признаеме, ние ќе добиеме големо смирение, затоа што co самото тоа ние Го почитуваме и славиме Бога, Кој луѓето ги украсил на разни начини и им укажал на нееднаквоста меѓу нив, помеѓу сите Свои созданија, наспроти незнабошците, кои силно се трудат да ја воведат еднаквоста помеѓу сите луѓе и така да ја изопачат Божјата творба. Господ се’ создал co премудрост (Пс. 104, 24).

Поради тоа, чедо мое, додека си уште на почетокот, потруди се добро да се запознаеш самиот себеси, а како цврст темел да го поставиш смирението. Погрижи се да го научиш смирението и да се здобиеш co Исусовата молитва:

„Господи Исусе Христе, помилуј мe”, па таа нека стане твое дишење.

Твојот ум нека не биде празен,за да не се привикнува на неубави нешта, затоа и не обидувај се да ги забележуваш недостатоците на другите, зашто многу незабележливо ќе станеш сотрудник на лукавиот, а треба да станеш Божји соработник, напредувајќи во добродетелите. He дозволувај одненадеж да станеш сотрудник на непријателот на твојата душа.

Имај го предвид и тоа дека твојот непријател е многу итар и тој многу добро знае како да ги сокрие твоите страсти и слабости.

За да можеш да го нападнеш, мораш да се бориш и да се избориш, умртвувајќи се самиот себеси, односно сите свои страсти. Кога во тебе ќе умре „стариот човек”, тогаш и твојот непријател и противник ќе ја загуби силата.

Ние не се бориме co човекот кој може да биде убиен на разни начини, туку co началствата и властите на темнината. Co нив не се влегува во борба co слатки и колачи, туку co потоци од солзи, болка во душата до смрт, најголемо смирение и големо трпение.

Треба да потече крв од преголемата исцрпеност при изговарањето на молитвата. Треба да паднеш од замор, co недели и недели, како да си тешко болен. He отстапувај од битката, се’ додека демоните не бидат победени и не се повлечат самите. Дури тогаш ќе се ослободиш од страстите.

Според сето ова, чедо мое, уште од самиот почеток, присилувај се самиот себеси, за да влезеш низ таа малечка врата, зашто единствено таа ќе те донесе до рајското пространство.

Секој ден, секој час, засекувај ја својата сопствена волја и немој да бараш друга патека освен оваа. Тоа е патеката, која е порамнета од стапките на Светите Отци.

Отвори го својот пат кон Господ и Тој ќе те поведе co Себе. Разоткриј ги помислите пред својот старец и тој ќе те исцели. Никогаш не сокривај ги помислите, зашто во нив се наоѓа скриеното лукавство на ѓаволот. Штом ќе се иповедаш, тоа веднаш исчезнува.

He откривај ги грешките на другите за да се оправдаш себеси, зашто благодатта, која до тој час ги покривала, ќе ги открие и твоите недостатоци. Co колку љубов ти ќе можеш да го покриеш својот брат, co истата мера и тебе благодатта ќе те чува од човечките клевети.

Што се однесува до братот, кој ти веќе го спомна, ми се чини дека тој во себе има неисповедани гревови, зашто се срами да ги исповеда пред својот старец. Токму од таа причина и доаѓаат искушенијата.

Ова мора што побргу да го поправи, зашто без искрена исповед не може човек да се исчисти. Срамно е за него тоа што демоните му се потсмеваат, зашто во длабочината на неговата душа се крие егоизмот. Господ нека го просветли за да може да си дојде на себе. Ти, пак, моли се за него и имај љубов кон сите останати браќа, но во исто време и чувај се од сите нив.

Bo секој случај, сега кога стапна во арената, биди подготвен за најразлични искушенија и подготви се за трпение.

Непрестајно изговарај ја молитвата и Господ ќе ти помогне co Својата благодат. Едно имај постојано на ум: искушенијата, никогаш не се појаки од благодатта во човекот.

Пренесено од книгата “Старец Јосиф Исихаст”

 

Претходна статијаНе постои Црква надвор од светата Литургија…! (Архимандрит Гаврил – беседа за Педесетница)
Следна статијаМолитвата ќе ја пронајдеш таму каде што твојот ум ќе се чувствува спокоен… Старец Јосиф Исихаст