За безмолвниот живот
8. Над сите добри дела господствува молитвата: таа ја раѓа солзата на покајанието, извонредно многу помага во смирувањето на помислите, таа нѐ поттикнува само Бога да Го сметаме за највозвишен мир;
таа е родителка на љубовта кон Бога; само таа ја очистува мисловната силата на душата, претставувајќи Го Бога како родител на ангелската чистота; пожелната сила на душата чиста за Бога ја запазува, зашто, прилепувајќи се кон Бога и разговарајќи со Него, Кој е безмерно и натприродно благ и добар,
таа и сета желба ја прилепува кон Бога; раздразнителниот дел на душата во таква мерка го скротува, во каква Му припаѓа и Му се моли на Бога, и проси од Него во таквото припаѓање, зашто никој, додека се моли и проси, не може во душата своја да има несмирено и гневливо мудрување.
Затоа, сведувајќи го сето ова во едно, можам да кажам, дека молитвата ги очистува и поправа сите сили на душата и сите нејзини морални и умствени дејствувања, особено тогаш кога го зема заедно со себе и созерцанието на Бога, а по него – и божествената љубов, при мирно устројство на животот и добро однесување, како што е кажано понапред.
Од кое место на срцето истекува солзата, таму да се мисли и да се гледа и твојата помисла, која навлегува внатре во тебе по пат на дишењето за време на молитвата, и таму да се задржува колку што е можно подолго.
Зашто ова е извонредно благотворно, – создава чисти и изобилни солзи, ги пресекува сплетките во умот, внесува мир во мислите, ѝ дава од на молитвата и помага да се најде молитвата на срцето, со благодатта на животворниот Дух, во Христа Исуса, нашиот Господ.
9. Во безмолвието има пет работи:
молитвата, или непрестајното спомнување на Исуса, која се воведува по пат на дишење; без секаква странична помисла.
Молитвата се извршува преку сестрано воздржување: од јадење и пиење, од спиење и други чувства и седење во ќелијата со смирение; умерено пеење на псалмите; читање од Евангелието и од светите отци – главите за молитвата, – особено оние од свети Симеон Нов Богослов, Исихиј и Никифор;
размислување за Божјиот суд, спомнување за смртта и за други слични работи и малку рачна работа. Откако ќе ги изминеш сите, потребно е пак да се враќаш кон молитвата, принудувајќи се без самосожалување кон овие работи, сѐ додека умот твој не свикне да се бори против расеаноста и прибрано да си спомнува за Господа и да има непрестајна нажаленост на срцето.
Вакво е дејствувањето на монасите почетници во безмолвниот живот, на новите безмолвници – на оние што сакаат да безмолствуваат. Таквите не треба често да излегуваат од својата ќелија и да избегнуваат среќавања и разговори со сите, освен кога е тоа крајно потребно, но и во тој случај тоа треба да го прават со извонредно големо внимание и себезапазување.
Притоа, овие видувања и разговори треба да бидат што е можно поретки, и не само за почетниците, туку и за оние што напреднале, зашто и кај нив тие предизвикуваат расеаност на мислите.
10. Молитвата: Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме! – се прави во срцето со внимание, без каква и да е странична мисла; таа не е веднаш совршена, но треба да свикнеме на неа.
Во почетокот се прави со самопринудување, кога страничните мисли ја прекинуваат, но, најпосле трудот, трпеливоста и усрдноста го прави тоа што таа може да се прави без самопринудување и сама од себе. Страничните мисли долго време не престануваат, но, најпосле, и тие ќе престанат да наидуваат.
Тогаш молитвата без пречка се издигнува со умот од срцето кон Господа, – со вера, надеж и побожност. И тогаш е таа молитва на срцето. Неа ја придружува некаква топлина, која почнува од самото вдлабочување на умот во срцето за оваа молитва и му помага во отстранувањето на страничните мисли и чувства, па така, таа самата, заедно со очистениот ум, од сѐ што е странично, – расте, се засилува и зацврстува.
Кога срцето ќе се исполни со оваа духовна топлина, која се разликува од сите други топлини, тогаш е умот сместен во срцето и непрестајно со топлина извикува кон Господа, – со чистота и никакви странични примеси.
Во оваа молитвена топлина во срцето се раѓа љубов спрема Господа Исуса, чие име непрестајно се спомнува, а од неа се точат слатки солзи, како и од силната желба спрема спомнуваниот Исус. Тоа е непрестајната молитва, која е едно со љубовта кон Господа.
11. За да се удостоиме со ова и со сѐ друго, што произлегува од ова, а за што не е време да говориме сега, потребно е да се трудиме да го имаме стравот Божји пред нашите очи, заедно со спомнувањето на Исуса внатре во нашето срце, а не некако надвор, за да може лесно да ги одгонува не само страсните и нечисти помисли, туку и сето она што е странично.
А плод на сето ова ќе биде верата во Божјата љубов што дејствува во нас.
Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ, Том V.
Подготви: Светланка Трајчева