Кога еден човек се упатува на поклоничко патување во некој од нашите древни манастири, очекува да доживее одредено духовно искуство, во богослужбите и разговорите со монасите, или од мистичниот молитвен однос со светителите кои се изобразени на фреските и иконите во манастирските храмови, како и со небесниот покровител на истиот“, пишува во писмото од читател испретено до редакцијата на Калимеро.мк.

Скратено, човекот бара духовна оддишка од мачниот и бескрупулозен живот, во манастирот кој треба да биде парче од небото пренесено на земјата, гледајќи го Христос како Пантократор кој нè благословува од фрескописот на куполата на храмот.

Кога, пак, манастирот е без природните домаќини-монасите, веројатно очекуваме некој скромен човек кој ќе го отклучи храмот, можеби ќе каже два-три збора историја (честопати неточна), љубезно отстапувајќи им на посетителите во мир да ја посетат светињата.

Деновиве, при едно такво поклоничко патување во манастирот Св. Никита, с. Горњани – Скопско, кој е редок пример на уникатниот и вонвременски фрескопис на познатите фрескописци Михаил и Евтихиј, манастир заштитен како споменик на културата, очекував да доживеам нешто од горе наведеното.

Но, самата посета на манастирот е шокантна, затоа што во храмот се соочувате со ,,домаќинот“ кој измамува луѓе со своите петпаречки и само смислени ритуали, кои повеќе наликуваат на ритуали кои би ги изведувал некој пагански жрец, а не некој православен христијанин.

Се соочувате со евтин петпаречки бајачки комерцијализам, кој нема никакви допирни точки со православното христијанство и духовност, туку напротив е во директен судир со истото.

Како може црквата како стопан на манастирот да дозволи такво нешто?

Дали можеби пресуден е чисто комерцијалниот и финансискиот аспект на „адетите“ и „ритуалите“ кои се извршуваат таму?

Притоа пастирски не грижејќи се за тоа дека посетителите под плаштот на светоста на манастирот, биваат напојувани од затруениот извор на квази религиозноста, која притоа воопшто не е во никаков допир со изворите на православието.

Во прилог погледнете го видеото, кое го снимивме при посетата на православната светиња, во моментот кога „домаќинот“ вршеше некој ритуал за одредени посетители на манастирот.

На крај после посетата си заминавме само со една мисла, дали се веќе дојдени последните времиња, бидејќи дефинитивно овде го видовме „…гнасниот пустошник како стои на светото место, за кој зборува пророкот Даниел – кој чита нека разбере…“ (Мт. 24. 15)

Погледајте!

Извор:

Во служба на КАЛИМЕРО.МК http://www.kalimero.mk/skandalozno-video-vo-manastirot-sv-nikita-se-vrshat-paganski-rituali/# .

Претходна статијаГРЕШНИК ПРЕД ЛУЃЕТО – СВЕТЕЦ ПРЕД БОГА…
Следна статијаПРИМАЈТЕ СЕ` СО ДОБРИ МИСЛИ, ПОИНАКУ НЕ БИДУВА!