Дома Останато Прашања до свештеникот СИТЕ НЕВОЛЈИ МИ СЕ СЛУЧУВАА НА ДЕНОТ МАЛА БОГОРОДИЦА (На ваши прашања...

СИТЕ НЕВОЛЈИ МИ СЕ СЛУЧУВАА НА ДЕНОТ МАЛА БОГОРОДИЦА (На ваши прашања одговара отец Горан Стојчевски)

0
797

Почитувани , сакам да споделам со вас една дилема и да добијам некое објаснување

Пред две години на 21.09.2015 бев бремена и бев деветта недела и прокрварев и го изгубив плодот.

На 16.09.2017 год. сонив сон како се пораѓам и како моето бебе умира, а јас и понатаму продолжувам да лежам во кревет, иако во тој период бев  во 29 та недела.

На 18.09.2017 година со итна помош бев одведена во болница,  а на 19.09.2017година веќе бев породена со здраво женско бебе, кое почина на 21.09.2017 , а јас останав да лежам во кревет бидејќи од невнимание на лекарите оформив тромб во нога.

Би сакала да знам, зошто на таков голем ден ( Мала Богородица ) ова ми се случува по втор пат.

А благодарение на сонот што сама појдов на доктор иако викаа дека нема потреба толку често да се иде на преглед, јас останав жива.

Ви благодарам!

Одговор на отец Горан:

Големо е вашето трпение колку што е и вашето благодарење, слава Му на Бога што и покрај тоа што сте поминале ја покажувате вашата вера и доверба во Бога.

Секогаш не се ослонувајте на соновите, оти св. Јован Лествичник (чија недела ќе прославиме во текот на постот) вели, философ е оној кој не им верува на соновите.

Сметајте дека благодатта Божја ве поттикнала, а не самиот сон кој е дело на потсвеста на она што претходно сме го акумулирале како случки или оние мисли од кои тешко се ослободуваме, а кои сакаат да не надвладеат.

Подобро е да не се верува на сон, и да се има доверба во Бога.

Нека биде вашата вера и молитвата кон Богородица колку што е можно постојана и тој ден ќе ви се случи и нешто убаво.

Доколку сте во можност исповедајте се, побарајте благослов како да постите и се молите и како да се причестувате, а Господ нека не поткрепува, Он најдобро знае што е полезно во даден момент, затоа не плашете се од ништо.

Ве поздравувам и ви посакувам секое добро по молитвите на Богородица!