…Бог секогаш ја услишува молитвата на сите, а празнословието го одвраќа, дури и да наликува на духовно…
Ми објаснуваш за Старецот дека сака да се поклони на Света Гора. Ќе направи добро и свето дело. Сепак, нека не смета на мене, нека не мисли дека ме познава или дека постојам во овој живот.
Зашто живеам во апсолутна исихија, co поинаков ред од вообичаениот. И затоа ќе биде тешко да ме сретне. Вратата постојано е затворена, освен во одредени часови. Што и да побара, можам да му помогнам преку браќата, а според долгот, и од љубов. Да ја отворам вратата, да прозборам, да ја загубам мојата молитва и тихување, тоа не доаѓа предвид!
Освен ако има потреба во часот што јас ќе го одредам. Бидејќи моите часови се строго определени. За да зборувам ноќта еден или два часа, треба да се одречам од се’ по малку.
И ова го пишувам за да се извинам пред да соблазнам. Имам таква навика, сите мои дела и зборови да бидат чисти како огледало. Co збор и на дело!
Ниту во мислите не му давам основа за сомнеж некому! Многумина дојдоа од различни места без да побараат да го научат редот којшто го имаме утврдено., Бидејќи не ги примив, се соблазнија.
Но, и тука, сите соседи се против мене, зашто не им отворам. Сепак, јас не се затворив за да се соблазнуваат Отците, туку извежбан толку години, видов дека немам никаква полза од тие љубовни изливи, само душата си ја расипувам без да имам полза. Заради тоа, на сите им ja затворив вратата засекогаш и се смирив.
Сега не отворам никому! Ниту пак имам друга соба за некој намерник. Ако некој дојде од далеку, треба да намине наутро кога Отците работат. И ако има потреба, чека во собата на нашите свештеници. Бидејќи и во саботите и во неделите и за празниците одржуваме литургии. Доаѓа нашиот свештеник, ни богослужи и не’ причестува.
Како што реков, за да не се случи соблазна, по Бога трчам, воопшто не ми е грижа што ќе речат луѓето. Па дури и да ме навредат и да ме понижат и да ме обесчестат, и сето создание да се втури против мене. Зашто видов и на многу начини искусив дека ако благодатта Божја не го просветли човекот, и непрестајно да зборуваш, не ќе има полза од зборовите.
Човекот ги слуша во моментот, но, потоа, повторно заробен се враќа на истото ниво. Ако пак, заедно co зборот подејствува и благодатта, тогаш во истиот миг се случува промена, според добрата намера на човекот. Од тој миг си го менува животот.
Сепак, тоа се случува кај оние чијшто слух и совест уште не се скаменети. Кај оние што ќе ја чујат добродетелта и не послушувајќи остануваат заробени во своите зли желби, ним и деноноќно да им зборуваш, и мудроста на Отците да ја испразниш во нивните уши и чуда пред нивните очи да направиш, дури и водата на Нил врз нив да ја свртиш, тие ниту капка поука нема да добијат.
Тие само сакаат да доаѓаат, да зборуваат, да им помине времето, само заради унинието. Поради тоа, јас си ја затворам вратата и барем јас имам полза преку тихувањето и преку молитвата. Бог секогаш ја услишува молитвата на сите, а празнословието го одвраќа, дури и да наликува на духовно. Бидејќи празнословието главно се состои во тоа, да го поминуваш времето во зборови без да ги оделотвориш.
Значи, не се осврнувајте на нивните зборови, ако немаат опит! Оној што не направил обид, треба да проба, така што, преку опитот ќе го најде она што му недостига!
Опитот не се купува! Тоа е добивка секому посебно, според трудот и крвта што ќе ги вложи за да се здобие co него. Верувајте, сестри мои, голем е напорот во монашкиот живот!
He запрев и не застанувам дење-ноќе да повикувам и да барам милост. Често се доближувам до очај, како ништо да не сум сторил и како никогаш да не сум започнал.
Ho, секојдневно почнувајќи, лажлив и грешен сум. Сепак, вие подражавајте ги разумните девојки, повикувајте умствено, призивајќи ја Божјата милост, зашто дојде крајот за нас! Можеби заврши мирот. Значи, и ние сме co оние што се упокоија. Затоа, присилувајте се! Засега доволно е ова што го реков.
Bo другото писмо повторно ќе ви напишам, ако кажаното роди плод и ако покажете усрдност. Сега ми е жал единствено за мајката на младата монахиња, којашто, како што пишувате зборува лошо и негодува. За жал, многу мајки ги загубија своите деца заради приговарањето, бидејќи не My ги посветија на Христа од душа. Децата се спасуваат од благодатта Христова, а тие се оддалечуваат од нив.
Вие пак, и покрај се’, имајте трпение и не се затемнувајте од тоа што тие го говорат. По појавата на благодатта Божја, времето ќе ве исцели. И таа подоцна ќе се покае. Ќе и биде жал за она што сега го зборува и го прави. Но, сега треба да ја трпиме!
Потребна е вистинска љубов и крајно молчание. Што и да речат, вашите одговори да бидат одмерени! И кога зборувате, умствено да се молите, вашите зборови да се облекуваат co сила одозгора. Ти пак, благословена Старице, собери се co расудување и биди широкограда!
Пренесено од книгата “Старец Јосиф – Исихастички сведоштва”
Подготви М. Даниловска