Отец, одамна ме мачи едно прашање.

Црквата иако нè учи на тоа дека како христијани треба да бидеме опкружени со луѓе и преку нашите зборови и дејанија да ја шириме православната мудрост и суштина, сепак како православец не умеам во друштво на многуглаголиви луѓе да се вклопам и истраам.

Односно, избегнувам средина каде ќе почне непристојно да се разговара и оговара, да се кажуваат сенешта.

Од друга страна, во второто послание апостол Павле го советува Тимотеј на следново:

„А од непристојни и празни зборови бегај, зашто тие ги водат луѓето уште повеќе кон безбожност.“ (2. Тим. 2, 16)

За жал, сум наишол на доста вцрковени луѓе кои празнословие обожаваат да излеваат, неретко и да озборуваат и при таа, нивна околина за брзо го напуштам теренот.

Ме чуди што таа многузборливост знае да им се јавува и после едно такво нешто како што е Светата Литургија, кога мене (може проблемот е до мене) така многу ми се тихува од премногу убавост што ми е.

Истиов проблем околу празните разговори го имам и при ситуации на работа, каде и со колегите избегнувам празнословија и најверојатно меѓу нив важам за „црната“ овца.

Простете, ако има доза на судеж во ова писание, но ме интересира вашиот став и како вие би постапиле доколку, ете и сами се најдете во средина каде сенешта се говори и се негува еден паганистичен хумор и потсмев.

Благодарам.

Климент Арнаудов

ОДГОВОР НА ОТЕЦ ГОРАН:

 Гледаш и самиот брате, дека Светиот Дух тоа не може да го поднесе и бара тивко место далеку од таа средина која не му е угодна.

Сепак во светот сме и не можеме сѐ да избегнеме освен со молитвата да го најдеме местото во срцето и сите тие работи да не допираат до нас.

Моли се, а Бог кога му е угодно ќе ти го даде и тој дар. Само треба многу трпение и да не ги осудуваме оние кои тоа го прават.

Оти бадијала се сите тие воцрковености ако не го стекнеме дарот на Светиот Дух во молитвата.

Дај Боже и да почнеме да постапуваме сите како тебе, ова не е за гордост, туку за поттик и понатаму да напредуваш во Словото на вистината.

Претходна статијаЧОМЛЕК (посно) Навистина, добро за промена!
Следна статијаДА ГИ НАДМИНЕМЕ СИТЕ НАШИ НЕПРИЈАТНОСТИ И ДА ПОГЛЕДНЕМЕ НАНАПРЕД! Интервју со Архимандрит отец Гаврил (Галев)