Бевме вљубени како деца и после кратко познанство стапивме во брак. Во домот владее хармонија и разбирање, освен што често се борам со неговата тврдоглавост.

Но, човек да не е раат, поминуваа месеци и неколку години, а гласот на детскиот плач не не` зарадува. Живеам литургиски живот, а мојот сопруг иако поретко се причестува, сепак и тој е добар верник.

Немавме деца девет години!

Почна повремено да ме обзема и лутина и гнев и љубомора, кога во паркот или меѓу пријателите ги гледав нивните дечиња и нивната радост со нив.

Знаев да си речам: Кај ти погрешив, Боже?

Секој месец надеж и очекување и исто толку разочарување. Дигнавме раце и од лекувањата кои не дадоа резултати. Особено заради дијагнозата на мојот лев јајник.

Но, да не должам…

Така бидувајќи во депресија, паднав во малодушност, дури и поретко одев на литургија. Ни се смени и односот во домот и смеата и хармонијата како да се намалија. Почнаа и почести караници.

Но се случи нешто необично. Случајно или не?

На денот на празникот Покров на Пресвета Богородица, после долго време отидовме во црква. Истовремено како ѓаволот да ни го зел умот, вечерта пред литургија со сопругот бевме интимно блиски.

Кога се сетив на тоа, се стаписав и му прошепотив на сопругот:

„Да се причестиме? Нечисти сме телесно, што се вели, пред пет – шест саати“.

Сепак, се причестивме. Како нешто да ме поттурна.

После тоа се прекорувавме со денови и бевме во страв да не` ни биде таа причест за зло, како што се вели, да не не` изгори.

После неполн месец и половина се случи чудото и нашиот најзначаен ден во животот. Гинекологот ни објави дека сум бремена! Ги спомна (деновите) денот кој се совпаѓаше токму со онаа ноќ пред литургијата.

Среќата не се опишува, наша и на целото семејство, а знаат сите кои поминале низ оваа битка што таа вест значи. Господ ни се смилува, ни благослови девојче. Името и` е Марија, не случајно!

Прашање за свештеникот, ако може:

Што поучува Црквата, кои денови треба брачните другари да се воздржуваат од интимата во брачната постела. И што во случај ако тоа се случило? Смеат ли следниот ден да пристапат кон Причеста?

Благодарам

Поздрав, Н. И.

Одговара свештеник Горан Стојчевски:

Во вакви случаи,  во брачните интимни односи ние свештениците не навлегуваме, сепак тоа е едно тело. Нека ви е благословена рожбата. Добро би било вечерта спроти Литургија да се воздржиме од интимен однос, бидејќи на тој начин потврдуваме дека Бог ни ѐ пред сите и сѐ, како еден вид на педагогија.

Во останатите денови, како што вели и Апостолот, воздржувањето нека биде по взаемен договор, на пример, во период  на пост, но велиме само како взаемен договор, во кои двете личности во едно тело се договориле така. Но, сепак понатаму да биде воздржување пред Литургија.

Претходна статијаКОГА ЧОВЕК ЌЕ СЕ РАЗБОЛИ…(Митрополит Антониј Сурошки)
Следна статијаСУДЕА КОРИСТЕЈЌИ ГО ПРАВОТО ЗА ДА ЈА ПОКРИЈАТ НЕПРАВДАТА…