ПОСТОИ ЛИ “ВОНТЕЛЕСНО” ИСКУСТВО (ПРЕД ИЛИ ПОСЛЕ СМРТТА) И “ОНОЈ СВЕТ” КАДЕ ШТО ЖИВЕАТ ДУШИТЕ?

Мислењето на критичарот за „вонтелесните” искуства е категорично: „Тоа, едноставно, е неможно” За тоа свое тврдење тој не наведува никакви докази, освен сопственото мислење дека многубројни православни текстови во кои се разгледува ова прашање се само „алегории” и „поучни сказни”.

Според неговото сфаќање, небесата, рајот и пеколот не се места, туку „состојби”: „душата не може да функционира сама по себе, туку со посредство на телото”, вели критичарот и затоа не само што не може да биде на кое било место после смртта, туку воопшто не може да функционира. Претпоставката дека зад границата на овој живот се наоѓа некаква сложена, поинаква реалност – е чисто безумие.

Но, дали е можно душата сама по себе да биде нешто внатрешно, некаков спокој, а да нема никаков надворешен аспект ниту место каде што би дејствувала?

За православниот христијанин, секако, тоа е радикално учење и доколку би било вистинско, секако дека би барало (а тоа критичарот и го предложува) радикално преиспитување, па дури и ревизија на текстовите на Светите Отци и на агиографските текстови кои, како што знаеме, ја опишуваат активноста на душата со чисто надворешни обележја: таа знае, гледа, разговара, итн.

Значи, една работа (како што учат, без разлика, сите православни авторитети кои се занимаваат со ова прашање) е да не се сфаќаат премногу буквално и приземно православните текстови за задгробниот свет и за задгробниот живот, бидејќи другата реалност очигледно многу се разликува од земната реалност, а сосема е нешто друго да се “отпишат” овие текстови и да се тврди дека тие се алегории и бајки, кои не се однесуваат на ништо надворешно (реално,постоечко).

Православната литература во врска со ова прашање го опишува како вистина она што му се случува на лицето за време на вонтелесното искуство, а Православната Црква и нејзините верници отсекогаш ги прифаќале овие описи како верен одраз на реалноста, имајќи го притоа на ум и тоа дека станува збор за посебна, друга природа на таа реалност.

Мислиме дека нема преувеличување ако кажеме дека ниеден христијански писател не бил толку „догматичен” во објаснување на природата на другата реалност, како што е „догматичен” овој критичар во целосното негирање на таа реалност. Тоа не е област погодна за категорични тврдења.

Свети апостол Павле, опишувајќи ги со општи изрази сопствените духовни доживувања, внимателно вели: „со тело ли, не знам; без тело ли, не знам: Бог знае” (2 Кор. 12,2).

Толкувајќи го овој дел, Свети Јован Златоуст ја искажува истата претпазливост:

„Дали само неговиот дух и душа биле вознесени, а телото останало мртво? Или и телото било вознесено? Не може да се утврди со сигурност.

Ако не знае самиот Свети апостол Павле, кој бил вознесен и се удостоил на многу и неискажливи откровенија, уште помалку знаеме ние… А ако некој каже: како е можно да биде вознесен без тело?

Второто е уште потешко од првото: како е можно да биде вознесен со телото? Тоа е уште потешко од она претходното ако расудуваме само со разумот, а не се покоруваме на верата” (Беседа 26, 1 на 2 Кор.).

На сличен начин Свети Андреј Христа ради јуродив, дополнително опишувајќи ја својата состојба, вели:

„Се видов себеси таму како без тело, бидејќи не го чувствував телото… Навидум, како да бев во телото, но не ја чувствував тежината на телото; не чувствував никаква телесна потреба во текот на тие две недели, колку што бев вознесен. Тоа ме наведува на помислата дека бев без тело. Не знам како да го кажам тоа со сигурност: тоа го знае срцезнаецот Господ” (од неговото опширно житие што го напишал јерејот Никифор, цитирано по Светиот епископ Игнатиј Брјанчанинов).

Значи, сите овие православни автори – Апостол, Големиот Отец на Црквата и Светител на највозвишен живот – сметаат дека, во најмала рака, можно е да се зборува за вонтелесно доживување на небесата; исто така, наполно е јасно, врз основа на нивните зборови, дека овие искуства било во телото или вон од него имаат нешто телесно и надворешно во себе, инаку, воопшто не би било неопходно да се зборува за телото во врска со тие искуства.

Во оваа книга се обидовме да ги опишеме овие искуства колку што е можно поедноставно, со јазикот на самите православни извори, не трудејќи се притоа точно да ја одредиме таа состојба. Во своето толкување на зборовите од Свети апостол Павле (2 Кор. 12, 2), Светиот епископ Теофан Затворник кажува веројатно се’ што е потребно да се каже за ова прашање:

„Внатре во овој видлив свет, во неговата длабочина, се наоѓа скриен друг свет, исто така реален како и овој; дали е тој духовен или нежно материјален, Бог знае, но нема сомневање дека во него живеат Ангелите и Светителите…

Тој (Свети ап. Павле) не вели дали во телото или без телото (2 Кор. 12, 2) бил вознесен, туку вели: „Бог знае”. Значи, нема и не е неопходно да го знаеме тоа… Нема потреба за такви детали и не треба да се очекува тоа, кога веќе и самиот Свети апостол Павле молчи, дека за тоа може нешто да се каже со наполна сигурност.. .” (Светиот еп. Теофан, „Толкување на Второто послание до Коринтјаните”, Москва 1894).

Веројатно, на секој христијанин, читајќи ги житијата на Светиите, кога ќе наиде на елементи од другиот свет, на одреден начин му е јасно дека природата на тој друг свет, како и тие искуства, е неможно да се одреди. Начинот на којшто се опишани во православните извори претставува најсоодветен и најточен опис на јазикот на овој наш свет.

А обидот тие искуства да се побијат така што ќе бидат прогласени за алегории и сказни кои, наводно, никако не би можеле да се случат така како што се опишани – едноставно нема оправдување во православното учење и предание.

Пренесено од книгата “Душата после смртта” од јеромонах Серафим Роуз

Претходна статијаНАГРАДА ЗА МИЛОСТИНА (Свети Нифонт)
Следна статијаСЕ СЕЌАВАМ ДЕКА МИСЛЕВ: „МОРА ДА СУМ МРТОВ“ ! …( Искуство од престојувањето вон телото – Серафим Роуз)