(Ви препорачуваме, неизоставно да ги прочитате поуките во овој прекрасен текст, зашто за некои, верувам, прв пат ќе чуете.)
Пристапувајќи на Светата Чаша, причесникот треба да ги прекрсти рацете на градите, јасно да го изговори своето име и широко да ја отвори устата.
Како што советувал преподобниот Амвросиј Оптински, малата честичка на Светите Дарови треба цела да се проголта. Ако честичката е голема, може внимателно да се раздроби со забите.
Откако ѓаконот или црквенослужителот ќе ги избрише усните со крпата, причесникот треба да го целива долниот раб на чашата. Во близина на чашата не треба да се крсти ниту да се прават поклони.
Обичај е по причестувањето да се пие „теплота“ – млака вода помешана со вино. Со оваа “теплота” треба да се исплакне устата за во неа да не останат честички од Христовото Тело, а потоа таа треба да се проголта [руски обичај].
Кога причесникот се оддалечува од Чашата и се упатува кон масичката со „теплота“, не треба да се клања пред иконите, ниту да ги целива.
Исто така, на денот на причестувањето не треба да ги приклонува колената или да прави земни поклони.
Земните поклони се израз на покајна жалост заради гревови, а причесникот треба да пребива во духовна радост и да го славослови Бога.
По причестувањето со Светите Тајни треба да му заблагодари на Господа и во храмот внимателно да ги отслуша или дома да ги прочита молитвите по светото причестување. Некои Христијани не им придаваат големо внимание на овие молитви. Дали се во право?
Митрополитот Венијамин (Федченков) пишувал дека знаел еден благочестив свештенослужител којшто сметал дека причината за многу искушенија е нечитањето или забрзаното и површно читање на правилото по Светата Причест.
На свое искуство тој доживувал, во тој случај, дека го напушта Божествената благодат што ја добил во Тајната и дека искушенијата навалуваат врз него.
Господ е човекољубив, но, ние не треба и не можеме неказнето да Го навредуваме со своето занемарување, не сметајќи за потребно дури ни да заблагодариме за неискажливата милост кон нас.
Еден од парохијаните на храмот во којшто служам ми раскажа случај кој се случил со неговиот роднина, слугата Божји Василиј.
Тој човек има многу длабока вера и се труди да води благочестив живот. Секоја година тој се причестува седумнаесет пати.
Сепак, покрај сета негова усрдност за спасение на својата душа, Василиј не им придавал големо значење на читањето на благодарните молитви по причеста.
Секако, тој секогаш му благодарел на Бога, но, сметал дека е доволно, кога ќе дојде дома, да изговори пред иконите само: “Слава Тебе, Боже, слава Тебе!”
Еднаш, по причеста, Василиј радосно расположен дошол дома, застанал пред киот[1] и, по обичај, од сè срце изговорил: “Слава Тебе, Боже, слава Тебе!”
И одеднаш се зачул строг заповеднички глас:
“Зошто не читаш благодарствени молитви по причеста?!”
Василиј толку се исплашил што затреперил со целото тело. Оттогаш, по примањето на Светите Тајни тој секогсш неизоставно ги чита предвидените молитви.
Можеме ли со свои зборови да му благодариме на Господа? Секако, можеме од вишокот на срце со свои молитвословија да му благодариме на Господа за Неговата милост спрема нас грешните. Но, при тоа, не треба да го пропуштаме читањето на молитвеното правило кое Црквата ни го одредила.
“Од самиот момент на причестување со Светите Христови Тајни, – поучувал преподобниот Никон Оптински, – додека не ги проголтате, треба да внимавате да не ги исплукате.“
Од страв Божји некои се грижат да се воздржуваат од плукање во текот на целиот тој ден, иако за тоа никаде не е укажано и во тоа нема грев” [2].
За ова прашање старецот еросхимонах Сампсон построго судел. Еднаш го прашале:
– Понекогаш на денот на причеста случајно ќе плукнеме. Дали е тоа грев?
– Не треба тоа да се прави, – одговорил старецот Сампсон. – Задолжително треба да се собере [плукнатото].
А ако некој исплукал во марамче, тогаш треба да се пере одвоено. Преку причесникот се осветуваат сите предмети, вклучувајќи ја и облеката, па и ќелијата.
Во однос на јадење на храна по причеста, поучни се зборовите на митрополитот Венијамин (Федченков):
“Помеѓу другото, забележана е многу необична и карактеристична појава:
по причеста не сме гладни за „мрсно“, туку за нешто „полесно“, попосно.
Тука се пројавува инстинктивната физичка „свест” за несогласувањето на „телесната“ со духовната состојба, во која и телото е воведено преку заедничарење со Бога, Господ Исус Христос и Светиот Дух.
Познавав човек кој на денот на причеста речиси воопшто ништо не јадел, освен што пиел обичен чај.
И обратно, кога човек ќе се најаде со мрсни јадења или воопшто ќе се прејаде по причеста, може веднаш да забележи како во него исчезнува сето она светло, нежно и духовно што јасно го чувствувал непосредно пред тоа.
Несродни стихии не можат да бидат заедно.
Меѓутоа, во пракса ние толку често постапуваме токму спротивно и на искуството и на совеста: по причеста не знаеме за мера во храната и пиењето.
И заради тоа ја губиме и „телесната“ и „духовната“ благодат на Причеста”.
Душата и телото на човекот кој ги примил Телото и Крвта на Господа исполнети се со Божествена благодат која треба внимателно да се чува. Оваа благодат го посетува не само самиот причесник, туку и просторот околу него.
Понекогаш, по промислата Божја, луѓето се удостојуваат со своите телесни сетива да ја почувствуваат благодатта која исходи од причесникот.
Еднаш старецот Гаврило (Зирјанов), бидејќи бил болен, се причестил со Светите Дарови. По причеста навратил во неговата ќелија монахот отец Епифаниј. Почувствувајќи миомирис во собата, тој му се обратил на ќелијникот:
„Со што си го намирисал старецот? Боже мој, веројатно се тоа некои скапоцени мириси? Колку убаво мириса…“
Наскоро на отец Гаврил му навратил во посета уште еден монах – отец Авенир.
Тој исто така го почувствувал необичниот миомирис во собата и му поставил слично прашање на ќелијникот: каде и по која цена се купени толку прекрасни мириси?
Меѓутоа, ниту старецот Гаврило, ниту неговиот ќелијник не користеле мириси.
„Јас, – се сеќавал подоцна старецот Гаврило, – лежев исцрпен, како оној човек кој западнал меѓу разбојници. Но, бев причесник на Христовото Животворно Тело и Крв; и еве:
Духот оживува! и сите ние го чувствуваме Неговиот миомирис со сетивото за мирис. Тој, како евангелски Самарјанин со масло и вино на Својата благодат, ги залива раните на човекот западнат меѓу разбојници.“
По причеста ние треба со особена грижливост да се погрижиме за тоа Господ, Кој влегол во нашите срца, да не биде ожалостен со некое согрешување.
По зборовите на схиигуманот Саво:
“По смртта ќе бидеме многу испитувани и мачени, ако не ја чуваме благодатта на Светиот Дух. Ако се случи на денот на причеста да се раздразниме, озлоедиме или да осудиме некого, тогаш треба да се трудиме таа флека во душата да ја очистиме со покајание. Најдобро е да се помине тој ден во молчење и молитва или во читање на Светото Писмо и поуките на Светите Отци, зашто душата во тоа време е особено приемчива за доброто и чудесните евангелски зборови ќе паднат во длабочината на срцето“.
Ако сме се удостоиле за време на причеста да добиеме благодатни дарови, потребно е да ги чуваме, строго надзирајќи ги движењата на своето срце, на помислите, на умот и користењето на телесните сетила.
Преподобниот Алексеј Сосимовски говореше:
„Плодовите на Светата Причест делуваат само ако не ја навредуваме светињата. Ако ја навредуваме, тогаш таа на самиот ден на причестувањето ќе престане да делува!
А со што ја навредуваме светињата?
Со видот, со слухот и со другите сетила; со многу говорење и осудување . Затоа, на денот на Причеста треба да го воздржуваме најпрвин сетивото за вид и повеќе да молчиме и да го чуваме јазикот во забите.“
Познатиот грчки духовен писател, архимандрит Херувим (+1979), во деновите на младоста, некое време живеел на Атон под духовно раководство на еден од Светогорските старци.
Еднаш старецот повикал неколку атонски подвижници на празнично богослужење. Сеноќното бдение и литургијата траеле цела ноќ.
Во зората монасите се причестиле. Отец Херувим бил потресен од огнената молитва на праведниците, од горењето на нивниот дух и обилните солзи што течеле од нивните очи.
Штом завршила литургијата, отец Херувим се затрчал да свари кафе за учесниците на богослужењето. Но, не стигнал ниту оганот да го запали, а сите учесници веднаш си заминале. Тогаш отец Херувим го запрашал старецот:
„Зошто отците заминаа без да го испијат кафето?“
„Можат ли тие после ова сеноќно бдение да седнат и да пијат кафе? Тие во себе го примија Христа, бесценет Бисер и веднаш си заминаа, за во разговорите да не го изгубат тоа што им го подарило сеноќното бдение и Литургијата, – одговорил старецот.“
Треба да се истакне дека многу атонски подвижници по причестувањето го поминуваат времето во молитвена будност. Еднаш, по завршувањето на богослужбата, послушниците му предложиле на Старец Гаврил – Пустиник, да легне и да се одмори. Одговарајќи, старецот рекол:
„Не! Не треба да спиеме по Божествената Литургија и Божествената Причест, зашто ги примивме во себе Пречистите Христови Тајни и заедничкиот непријател ѓаволот не смее да не затекне заспани за да не нѐ искушува, да не го оскврнави нашето тело и душа и да не внесува во нас нечисти помисли и штетни желби од кои исчезнува благодатта Божја која што влезе во нас со Божествената Причест.“
„Забележано е , – пишуваше Митрополит Венијамин (Федченков) – дека ако причесникот веднаш по причеста легне да спие (особено по прејадувањето за ручек), кога ќе се разбуди, не ја чувствува веќе благодатта. Како празникот за него веќе да завршил.“
Подобро е тоа време да го поминеме во читање и размислување; па дури и во лажна прошетка.
А во светот, пак, луѓето може да ги посетат болните, да направат некое добро или да учествуваат во благочестиво дружење со браќата или да отидат на гробот кај своите упокоени.
Преподобниот Нектариј Оптински ги советуваше своите духовни чеда по причеста да не брзаат да обавуваат било какви работи, туку да си дадат на себеси олеснување барем половина ден, да го читаат Светото Писмо и да пребиваат во молитва и во благодарење на Бога.
* * *
Да го воопштиме сето горе наведено. Значи, како треба да се однесуваме по причестувањето?
1. Треба да пребиваме во размислување за тоа каков страшен во својата величественост ДАР сме добиле.
Треба да Му благодариме за тоа на Господа и да бидеме духовно трезвени, со ништо да не ја повредиме Божествената Благодат којашто сме се удостоиле да ја добиеме во Тајната Евхаристија.
2. Имајќи го во себе Самиот Господ, треба времето по причестувањето да го користиме за продлабочување на нашиот духовен живот, стекнувајќи добродетели и во борба со страстите и гревовните навики.
3. Господ Којшто обитува во нас, неизмерно ја засилува нашата духовна сила. Затоа периодот и времето коишто следат по примањето на Светите Дарови е – бесценет.
Треба високо да го почитуваме и неопходно е разумно да го искористиме.
ПРОТОЕРЕЈ ВЈАЧЕСЛАВ ТУЛУПОВ
Преведе: М. Даниловска