98. Оче Клеопа

Како треба да го разбереме апокалиптичниот број 666, за кој се говори во Апокалипсата, глава 13, стих 18?

Бројот 666 е алегориски, симболичен број.

Мнозина веруваат дека буквално “печат” ќе биде ставен на челото или на десната рака на некои христијани достојни за казна. Во Православната Црква смислата на овој број најдобро го објаснува свети Андреј, епископ Кесариски.

Така, првата 6, вели светителот, го симболизира нерасудниот гнев; втората 6 го симболизира умот полн co безредие; и третата 6 ја симболизира неразумната страст.

Сите овие страсти ќе владеат кај мнозина христијани во последниот век, т.е. осветата, неверувањето и развратот.

99. Дали под поимот крај на светот подразбираме сеопшто уништување на вселената или само нејзина обнова?

Материјалниот свет, земјата и целата вселена не ќе бидат уништени, туку ќе се обноват, ќе се исчистат и после тоа ќе биде “ново небо и нова земја” (Откр. 21, 1).

Исто вели и псалмопевецот Давид: Го праќаш ли духот Свој – се создавааш; Ти го обновуваш лицето на земјата (Псал. 103, 30; 2. Петр. 3,13). Грев е да веруваме дека Бог конечно ќе го уништи Своето создание, кое го создаде co Своите раце и рече дека е многу добро (споредете co 1. Moj. 1, 31).

Светите отци и самите одлучија дека “кој вели дека на крајот на светот ќе биде потполно уништена земјата и вселената, кои се Божјо создание, нека биде анатема!”

100. Зошто треба да бидат воскреснати телата на сите луѓе на последниот Суд?

Телата на сите луѓе, од првиот Адам до последниот роден од жена, треба да бидат воскреснати на Последниот суд, за да застанат пред престолот на Исуса Христа (Рим. 14, 10; 2. Kop. 5, 10) и секоја душа и тело да примат награда или осуда, според делата кои ги направиле co телото и душата во овој сегашен живот (Jов. 31, 11; Изрек. 24, 12; Јерем. 17, 10; 32,19; Езек. 18,20; Мат. 25, 35-45; Рим. 2,6; Јак. 2,13; 1. Петр. 1, 17).

Воскресението на праведниците се извршува за да бидат воскреснати co духовни и нераспадливи тела, налик на телото Христово (Рим. 6, 5; 1. Jов. 3, 2; Фил. 3, 21).

Нема да бидат две воскресенија, прво на праведниците, за да царуваат co Христа илјада години и потоа на грешниците, како што учат еретиците хилијасти, туку сите одеднаш ќе воскреснат, “на трубата на архангелот”.

Телата на луѓето треба да бидат воскреснати, поради осуда или поради вечна слава (Дан. 12,2-3).

Телата на праведниците ќе бидат воскреснати, за да бидат прославени co четирите својства на небесните тела, за кои вели светиот апостол Павле, т.е. нераспадливост, сила, слава и духовност (1. Кор. 15, 42-49).

Телата на праведниците ќе бидат воскреснати за да го носат ликот на Христовото небесно тело, како што во овој живот го носеа ликот на земното тело (1. Kop.15, 48).

А телата на грешниците ќе бидат воскреснати за вечна мака (Мат. 25, 46) и “од положбата на нивните лица да се познава нивната вина и гревови кои ги направиле” (“Двери на покајанието”).

Телата на праведниците ќе бидат воскреснати за да ги прослави Христос, Кого Го носеа во своето срце на земјата, трудејќи се во севкупното добро дело, според учењето на светото Евангелие.

А телата на грешниците ќе бидат воскреснати за да се покажат помрачени и co страшен изглед, како такви кои ги правеле делата на темнината и го носеа во себе ѓаволот,кој е мрак и измама (“Двери на покајанието”, гл. 3).

101. Кога и каде ќе биде идниот Суд?

 

Прашувате кога ќе биде последниот Суд? Доволно е да знаеме дека Бог одредил ден за идниот Суд (Иса. 2, 12; 34, 8; Дела. 17, 31; Рим. 2, 1 6; Мат. 11, 22-24), кој ќе биде крај на овој свет (Мат. 24,1-26).

A кога ќе дојде денот на Последниот ден, да го слушнеме нашиот Спасител Исус Христос, Кој вели: A за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец (Мат. 24,36).

А за местото каде ќе биде Судот знаеме од устата на светиот апостол Павле, дека ќе биде во воздухот и облаците (1. Сол. 4,17; Јован З, 17,24; 1. Кор. 15, 51).

Според сведоштвото на светиот пророк Јоил, местото на Судот ќе биде над Долината на плачот, т.е. Јосафатовата долина до Ерусалим:

Тогаш ќе ги соберам сите народи и ќе ги доведам во долината Јосафатова, и таму над нив ќе изречам суд за Мојот народ и за Моето наследство (Јоил 3, 2).

A свети Јован Златоуст вели дека местото на Последниот суд ќе биде “некаде надвор од овој свет, како што сметам.

Бидејќи како што царските зандани и рудници се далеку сместени, така и пеколот ќе биде надвор од овој свет” (“Поделба на пченицата”, Слово за Идниот суд).

Пренесено од книгата “Голем е Бог” од старец Клеопа

Подготви Мина Даниловска

 

Претходна статијаЗОШТО ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ КРАЈОТ НА СВЕТОТ? (Старец Клеопа)
Следна статијаВелики Петок – СУДОТ HA ПРОКУРАТОРОТ „Ibis ad сrucem”, „Ќе бидеш распнат”!