Запомнете дека во духовниот живот без покајание ништо не можете да направите.
Зашто, кој не би сакал, почеток на сѐ да биде покајанието. Затоа што забрането е без темел да се гради дом, и ако не се расчистат полињата, не смее да се сее на нив, ниту да се сади.
Така, без покајание, ништо не смее да се презема во нашата духовна потрага; што и да направиме без него, сѐ ќе биде залудно.
Значи, пред сѐ, покајте се, односно плачете за секое лошо направено дело и одлучете се за едно богоугодно. Тоа ќе биде враќање на погледот и телото на патот кон средбата со Господ, и прво стапнување на тој пат.
2. Потоа, имајќи постојано, неизменето чувство на покајние, устројте си таков живот и поведение, така што секој ваш чекор или движење да ви биде потсетник за вашето внимание кон нашиот Господ и Спасител. Овој ред самиот по себе ќе биде дел од вас, ако:
а) сѐ што вие правите, да правите во слава на Господ, заради Христос. Тоа не подразбира едно големо дело, туку секое дело, воопшто.
И гледањето, и слушањето, молчењето и зборувањето, храната и питието, работата и одморот, сѐ може да биде посветено на Господ, осветено со Неговото сесвето име.
Да не помине ни минута, а ние да не правиме некое добро дело, така организирајќи ги своите активности, вие секоја минута ќе се сретнувате со Господ, во Негова слава ќе ги извршувате сите свои дела. Исполнувајќи го ова, ќе добиете плодови, а ќе можете и уште полесно да ги добиете, само ако:
б) во поредокот на своите дела, секојдневно го вметнете и чинот на молитвата – и црковна, и семејна, и воопшто поставете си типик со строго исполнување на секој закон на Светата Црква до најмалиот дел, без мудрување и кривотолкување, со смирено срце. Дел од секое молитвословие е Господ и нашето обраќање кон Него, односно, во извршувањето
или учеството во него, вие ќе Го сретнувате Господ во сочувството и насладата на своите срца. Ако потоа:
в) преостанатиот дел од времето вие го исполните со читање на Светото Писмо, или слушање беседи за Него, или размислување за Него и за големите дела на спасението, извршени од Него на земјата, тогаш самите ќе видите дека внатре во вас, нема ништо што не ве потсетува на Господ, што не го привлекува вашето внимание кон Него и не го изведува вашиот дух за средба со Него.
3. Сепак, не треба да се заборави дека сите овие работи се само подготвителни. Не треба да се задржуваме на нив, туку треба да продожиме понатаму.
Како што од храната, грубо подготвена за нас, потоа се гледаат суптилните елементи на животот, така сите подвизи, извршени на дело, опипливи, треба во духот да образуваат суптилни расположенија и копнеж за Господ, имено:
под подвигот на целосната посветеност на Господ подразбираме и квалитетен стремеж на сите желби на нашата душа единствено кон Бога; под исполнување на сите молитви или учество на сите богослужби подразбираме складирање во срцето на сочувство само кон Господ и Господовото; во основата на читањето и слушањето на Светото Писмо подразбираме задолжителен, со задоволство, стремеж за внимание на нашиот ум кон единствениот Господ.
Тие дела се суштината на одгледувањето на полињата, а овие стремежи – плод на посеаното; тие – стебло и гранки, а овие – цвет и плод. Кога во нас ќе никнат овие расположенија, тоа ќе значи дека нашиот дух со сите свои сознанија и расположенија излегол да се сретне со Господ.
И како што Господ е секаде присутен и Самиот сака да се сретне со нашиот дух, таа взаемна нивна средба, после сѐ, се остварува самата од себе. Тогаш, нашиот дух почнува да го вкусува блаженството на праведниот Симеон, односно почнува да го носи, во прегратката на своите сили, и копнежот кон Господ, Којшто исполнува со ситост и задоволство.
Ете, тоа е она што го нарекуваат вкусување на Господ, мир во Него, престојување со умот во Бога, одење пред Господ, непрестајна молитва – резутатот од подвигот, желбите и стремежот на сите Божји светии.
Ви посакувам да бидете достојни за ова богатство, вие кои го празнувате Сретението Господово. Ако некој се жали, ќе рече: сакам плод, но трудот за да се дојде до него е премногу тежок. Може да му се одговори: добро, постои полесен начин, поедноставен. Еве го!
Покај се; потоа, ревнувај во исполнувањето на секоја Божја заповед, оди неотстапно пред Бога, насочи го кон Него целото внимание на умот, сите чувства на срцето, сите желби на волјата. Прави го тоа и брзо ќе Го сретнеш Господ. Тој ќе вникне и ќе се одмори во тебе, исто како во прегратката на праведниот Симеон.
Не постои друг олеснителен подвиг неопходен за посакуваната средба со Господ. Единствено, Исусовата молитва:
Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме – силно и моќно може да помогне како дел од подвигот.
Но повторно, не самата од себе, туку под услов сите сили на нашиот дух да бидат насочени кон Господ!
„Бидете трезвени, бидете будни“ (1 Петар 5, 8). „Барајте го она што е горе… и вашиот живот ќе биде сокриен со Христа во Бога“ (Кол. 3, 1-3).
Тогаш, „соединувајќи се со Господ во еден дух“ (1 Кор. 6, 17), откако ќе Го видите, „ќе се зарадува вашето срце и вашата радост никој нема да ви ја одземе“ (Јован 16, 22), ниту во овој век, ни во идниот. Амин.