Штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат…

„Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. Имаше, исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова.“

Гледаме дека богатиот нема име, а сиромавиот има – Лазар, односно гледаме дека првиот нема личносен однос со Бог, а вториот има.

„Лазар сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.“

Гледаме дека преку трпењето на страдањата со благодарност се стигнува до Рајот, а дека преку себичните уживања од овој свет се стигнува до пеколот.

„И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраам и Лазар во крилото негово, и откако извика, рече: ’Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазар да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!‘“

Гледаме дека пеколот е место на големо и осамено страдање, а дека Рајот е место на голема утеха и заедница.

„Но Авраам рече: ’Синко, сети се дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш‘“ – ова е јасно.

„Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.“

И гледаме дека нема премин од пеколот кон рајот, и обратно.

Што е битно за оние што сакаат да станат деца Божји, од денешното евангелско четиво (види: Лука 16, 19–31)?

Прво, синовскиот однос со Бог не е магиски чин заснован на безлични чуда, туку личносен однос на вера и доверба во Бог.

Овој заклучок произлегува од завршниот разговор помеѓу Авраам и богатиот:

„ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат“.

А Авраам му одговара:

„и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“.

Сведоци сме дека и Самиот Богочовек Христос Воскресна, но никој кој духовно не се развивал правилно – не верува делотворно во тоа.

Второ, самиот Авраам ни го открива начинот на градење на личниот однос со Бог, на правилниот развој, како процес на растење и созревање преку реално послушание:

„штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“.

Денешните Пророци се нашите духовни отци во Црквата, кои слободно и љубовно ги одбираме за преку нив да ја чуеме Божјата волја, кои и кога поради своите човечки слабости би дале и погрешен совет, Бог – поради нашата доверба во Него преку нив – сѐ на крајот ќе исправи во наша духовна полза.

Оти Бог не е неверен како нас, туку – верен (види: Рим. 3, 4).

Послушанието е подвиг на ставање на умот во процес на исцеление, без којшто никој не може да го очисти своето срце – и да Го види Бог.

Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот.

Послушанието е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општествениот живот.

Послушанието е процес на исцеление од невроза и од растројство на личноста, и превенција од религиозна невроза и од религиозно растројство на личноста.

Послушанието е активирање на примарната функција на умот – соединување на нашата создадена енергија со несоздадената Божја енергија преку молитвата, како и пренасочување на неговата секундарна функција кон исполнување на Божјите заповеди. Послушанието е личносно пренесување на вистинското Предание на Светите отци; и нема друг начин.

Послушанието е процес на Божествено преобразување, растење и созревање до достоинството на дете Божјо. Послушанието кон Бог е сѐ во Црквата Божја. Послушанието е возможно само во Црквата Божја.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, дај ни што повистинско послушание и помилуј!

Митрополит Наум

Претходна статијаЗаштити нѐ под покровот на твоите крилја, велики архангеле Михаиле (вечерна)
Следна статијаДа застанеме добро, да стоиме со страв! (Митрополит Наум)