Прашање:

Отец, дали при причест на моето детенце, јас, како родител мора да бидам чист и исповедан?

И на која возраст, исто така, дечињата треба да се исповедаат пред причест?
И дали пред секоја причест?

Ако е помало од 7 години, што не треба утрото пред причест да се прави? Мислев на детето.

Благодарам

 

 

ОДГОВОР НА Презвитер Бобан Митевски

Отец, дали при причест на моето детенце, јас, како родител мора да бидам чист и исповедан?

Не, светата тајна е нешто што ние го примаме лично и подразбира лична подготовка, согласно нашата возраст.

Значи, децата до одредена возраст се причестуваат со таков благослов, со такво разрешување, без некои делови од таа општа подготовка, како што е постот, исповедта итн., но и никој друг не треба тоа да го исполнува наместо нив.

Секако, родителите треба да се грижат уште од најмали да ја востановуваат побожноста во децата:

да бидат пример за децата во молитвата, постот, исповедта, во читањето на разна светоотечка литература (прилагодена за нивната возраст)…

– значи сведочејќи го сето ова пред своите рожби, да им го пренесуваат преданието и да ги воспитуваат за таков начин на живот.

Прашувате:
‘…И на која возраст, исто така, дечињата треба да се исповедаат пред причест? И дали пред секоја прчест?

 

Не ми е познато дека постои нешто што со некакво правило е одредено како конкретна возраст од која треба да почне исповедта, мислам на детската возраст.

Сепак,  востановена е некаква традиција тоа да биде од 7-годишна возраст.

Според мене, во овие и вакви околности, тоа е рано.

Ова го темелам на своето скромно пастирско искуство, како и на неколку други нешта:

средината во која сега растат децата, која не е исполнета со „побожно секојдневие“ како некогаш, почнувајќи од домот, па на улицата, во образовните установи и сл.;

начинот на кои децата се воспитуваат;

огромната технолошка зависност што предизвикува осамување, а од друга страна, создавање виртуелна реалност, која влијае и на менталната свест, како и на моќта за расудување и сл.

Лично, во својот однос со младите верници во мојата црковна општина востановив првата исповед да ја прават меѓу 10-12-годишната возраст, пристапувајќи индивидуално кон секого, а со постот се започнува и порано, но во скратени „количини“.

Целта е да не им се наметнува на децата, туку пополека да се воведуваат.

„Ако е помало од седум години, што не треба утрото пред причест да се прави?“

Се препорачува до одредена возраст, некаде 3-4-годишна, детето да функционира нормално во однос на храната и пиењето, да си ја задржи вообичаената рутина.

Доколку може да не е непосредно пред причест, мислам на детето кое веќе е навикнато на разновидна храна.

За доенчињата е поинаку.

Потоа, родителот полека да го воведува во тоа и детето првината од себе да Му ја принесува на Бога, односно првото нешто што ќе го прими детето, со кое ќе се соедини, да бидат Телото и Крвта Господови.

Значи, родителот најдобро знае дали детето ќе може да издржи и колку.

Има некои деца кои можат без храна, но не можат без вода.

Но, тоа да биде постапно привикнување, а не одложување на привикнувањето.

Претходна статијаКој бил Прeп. Харитoн Испoвeдник (Од Прав. календар)
Следна статија„Непријателот најдобро се поразува со љубезност“ (19. недела по Педесетница)