БРАКОТ Е ВРСКА НА ЕДНАКВИТЕ
(опширен текст, ама , неверојатно полезен 🙂 )

ОДГОВОРНОСТА НА МАЖОТ

Мажот е глава на жената…
Знаеме дека секоја организација, секоја институција – без оглед дали е црковна: парохија, манастир итн., или, пак, световна: банка, претпријатие, училиште – мора да има управител.

Така е и со успешниот брак; семејството е исто така и заедница, устроена и духовно и телесно.

Според Светото Писмо и Светото Предание, главата во бракот е мажот.

И повторно, по зборовите на Апостолот Павле:

Мажот е глава на жената…Тој е оној кој води.

Тој внатре во семејството претставува начело на авторитет.

Како што свештеникот е духовен водач на паствата, одговорен пред Бога за своите парохијани, и затоа е духовен авторитет, така и мажот е свештеник во своето семејство, одговорен за давање на основниот тон на семејниот живот.

Ова не значи дека тој е над својата жена.

Во Христовите очи сите се еднакви; нема ни машки пол ни женски. Всушност, бракот е врска на еднаквите.
Нека нема забуна:

во Православието не постои место за никакво потценување од било каква врста.

Тоа што е глава, не му дава на мажот било каква диктаторска, тиранска, самоволна или апсолутна власт над неговите жена и деца.

Сепак, како и секоја друга значајна позиција, и онаа на мажот е проследена од одредени одговорности, кои се многу тешки, но исто така и многу предизвикувачки и потенцијално креативни.

Светото Писмо ни вели дека мажот треба да ја сака жената како што и Христос ја засака Црквата, и се предаде Себеси за неа (Ефес. 5, 25).

Многу христијански сопрузи имаат мала претстава за тоа што значи ваквата љубов.

Во светот поимот „љубов“ обично упатува на телесната љубов, или на сентименталната, романтична љубов.

Ова нема ништо заедничко со христијанското поимање на љубовта.

Спомнете си само на Христовите зборови упатени кон апостолите:

Нема поголема љубов од онаа, да се положи својата душа за ближниот.

Љубовта од христијански аспект, значи, претставува жртва, самопорекнување.

Мажот, мора да покажува толку загриженост, грижа, нежност, внимание, почитување и обзирност кон својата жена, колку што и Христос за Црквата.

Грижата на мажот мора да биде толкава, што да може да трае сè до самата смрт.

Токму онака, како што Господ Исус Христос страдаше од љубов за Својата Црква, исто така и православниот сопруг треба да принесе сè за својата сопруга – дури и својот живот, ако тоа е неопходно.

И повторно, св. Апостол Павле вели:

Мажот е глава на жената, како што е Христос на Црквата… Ние знаеме каква глава беше Господ: Он им ги миеше нозете на Своите ученици.

За нашиот Спасител, да се биде глава, да се биде прв, значи да се служи – да се има првенство во давањето љубов, разбирање, трпение, во овозможувањето заштита на своето семејство.

Токму ова е пример за водач, за глава, каков што е повикан мажот да биде. И кога тој е таков водач, тој е вистински човек, верен на својата боголико устроена природа.

Мудрата жена ќе го охрабрува својот сопруг да биде таков човек; таа нема да се обидува да ја преземе таа авторитетна положба за себе.

Психолозите тврдат дека гневот што жената го чувствува кон мажот кој ѝ дозволил, наместо него, таа да биде глава на семејството, е најдлабокиот можен гнев.

Така денес, се открива дека многу случаи на деликвенција, па дури и душевни болести, доаѓаат од домови каде што мажот не е глава на куќата, не е извор на сочувство, љубов и заштита.

Должноста на мажот да дава љубов на својата жена и на семејството, не му дозволува да ја заплашува жената.

Тој не смее својата сопруга да ја третира како изнајмена слугинка – како што прават многумина мажи.

Еве што вели св. Јован Златоуст во врска со ова:
„Навистина, човекот можеби со страв ќе го приврзе својот слуга кон себе; но не, и него нема, зашто и тој ќе бара начин да избегне и да замине.

Но, ти, својот животен другар, мајката на своите деца, изворот на својата радост, не би требало да ја врзуваш со страв и закани, туку со љубов и благ карактер.

Зашто, какво е тоа единство, каде што жената се плаши од мажот?

И какво задоволство ќе има мажот, ако со својата жена општи како со робинка, а не како со сопруга, која го сака по својата слободна волја?

Дури и ако во нешто пострадаш заради неа, не ја казнувај, зашто ни Христос не направи така со Црквата“.

Мажи, сопрузи, вистинската љубов за нас започнува тогаш, кога даваме од своето на другите.

Ние навистина почнуваме да сакаме – во христијанска смисла – кога ние први даваме.

Некој сопруг му се пожалил на св. Јован Златоуст, дека неговата жена не го сака.

Светиот му одговорил:
„Оди дома, и ти сакај ја неа“!

. „Но не ме разбирате“, рекол сопругот, „како да ја сакам, кога таа не ме сака мене?“

„Оди дома и ти сакај ја“, повторно рекол светиот.

И имаше право. Таму каде што нема љубов, мора да ја подариме својата, и така ќе најдеме љубов.

Мажите често им се жалат на свештениците дека жената не ги сака.

Тогаш свештеникот открива дека мажот не оди по патот на давање љубов; тој едноставно чека и бара да биде сакан, отприлика како  некој идол, кој чека да го служат и да го обожаваат.

Таквиот маж мора да спознае, дека единствен начин за стекнување на трајна љубов во бракот, е токму нејзиното давање.

Во животот обично го примаме она што го даваме: ако мразиме – примаме омраза; но ако даваме љубов, за возврат и ние добиваме љубов.

Црковните отци порачуваат дека христијанските мажи, мора да ги сакаат своите жени повеќе отколку своите световни работни позиции, зашто нема поголем успех од среќата во домот; и ниту еден успех, кој ние, мажите, во животот ќе го оствариме, нема да значи ништо, ако промашиме во својот дом.

Нашите семејства го заслужуваат најдоброто.

Нè има премногу мажи денес, кои надвор во светот, го даваме најдоброто од себе, додека најслабото го оставаме за во домот.

Од таа причина, црковните отци ни зборуваат дека за најголема вредност треба да го поставиме трудот кои го вложуваат нашите жени и повеќе да сакаме да престојуваме во домот со нив, отколку на своето работно место.

Мажи, и вие идни сопрузи, со цело срце да ги чуеме зборовите на еден човек од дваесеттиот век, Французинот Анри Морис:

„Се обврзав за целиот живот; избрав; од сега мојот стремеж нема да биде да барам некој кој би ми угодувал,

туку јас да ѝ угодам на онаа која ја избрав…“

 

ОДГОВОРНОСТА НА ЖЕНАТА

Свети Апостол Павле вели:

Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа…Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè (Ефес. 5, 22 – 24).

Денешново општество, особено овде во Америка, како и во јавното мнение – филмовите, телевизијата, весниците, книгите – ја презира доблеста на послушноста.

Наместо тоа, на секој агол сме поттикнувани да „правиме по свое“, да се грижиме „под број еден“ да ги задоволиме сите наши каприци и желби.

Но, Православниот брак не е, како што спомнавме претходно, дел од ова световно или посветовено општество.

Неговата цел и целите на општеството не се само различни; тие се потполно спротивставени.

Целта на христијанскиот брак е вечниот живот на Небесата, заедно со Господа Исуса Христа; целта, пак, на световното општество е задоволството, уживањето овде и сега, и особено самоугодувањето и самоволието.

Светото Писмо и Светото Предание, ни открива дека послушноста всушност е предводник кон христијанското совршенство – и дека послушноста и покорувањето само помагаат да се забрза борбата за достигнување на доблесниот живот.

Од друга страна, пак, самоволието само ја зголемува страста на гордоста и го оддалечува поединецот од христијанскиот начин на мислење и живот.

Митрополитот Антониј Храповицки пишува:

„Ако сакате да бидете добра и мудра личност, а не една глупава овца, само уште една во стадото, тогаш не се согласувајте со своите современички, кои пропаѓаат духовно и телесно;
не одете по патот на самоволието, туку по патот на послушноста.

Само тогаш ќе бидете личност.

Тогаш, веројатно…самите вие…ќе ги сочувате својата вера и своето срце неповредени, душата чесна, и нема да ве кршат ветровите и бурите како парче лим, онака, како што тоа се случува со вашите современички“.

Самиот Господ е најсовршен пример за послушност, зашто со Својата послушност на волјата на Отецот, Он заради нас се предаде на смрт и страдања, и од гревот нè изведе на слобода и во спасение.

Сите ние, во некоја прилика сме виделе пример на семејство, каде што жената раководи, каде што таа „носи пантолони“.

И што подразбираме под тој несмасен израз?

Се мисли на тоа дека сопругата ја презела раководната положба во семејството и дека се обидува да биде глава на својот маж.

Ова може да се случи, затоа што сопругот е слаба личност – или, пак, е многу себичен и презафатен за да ги преземе своите вистински одговорности; или, може, жената има некаков духовен или емоционален проблем, кој ја тера да бара власт и моќ.

Во таквите случаи, жената често е жестока и лута личност, што се одразува и на нејзиното однесување надвор од семејството.

На таквата жена и недостасуваат основните доблести на женственоста – нежност, кротост, добрина.

Онаму каде што е така, таму постои чувство на очајание, незадоволство, разочарување, па дури и гнев меѓу членовите на семејството.

Една од првите работи што свештеникот мора тогаш да ја направи, е да се обиде да го убеди мажот да почне да ја презема улогата на глава на семејството, а исто така мора да ја наговори и жената, да препушти еден дел од власта, која всушност не ѝ припаѓа.

Треба да се каже дека ваквите ставови не се исклучителни: постојат моменти кога е потребно жената треба да ја покаже својата јачина, или, пак, мажот да ја послуша својата жена.

Во многу зрели, духовно развиени бракови, поврзаноста меѓу мажот и жената прераснува во взаемна послушност…
Ќе продлжи…

Свештеник Алексеј Јанг
Претходна статијаСПАСИТЕЛИ МОИ…
Следна статијаПОКАЗАТЕЛИ НА УСПЕШНИОТ БРАК – втор дел