Како одат работите…

Ѓаволот, полека но сигурно, го гради апокалиптичниот свет на илузијата.

За таа цел најчесто ги користи таканаречените јавни личности или разни селебрити, како медиуми, односно преносители на неговата илузија, кои станаа урнек според кој целиот свет се сообразува.

Колку поголема слава или позиција има јавната личност во овој свет и колку повеќе е оддалечена од Богочовекот Исус Христос, толку е поголема веројатноста дека демонот ќе ја искористи како свој медиум.

Техничката поддршка за сето ова е овозможена од развојот на науката, посебно од областа на современите електронски, интернет телекомуникации…

Улогата на човекот – демонски медиум, е да дејствува директно на страстите (славољубие, среброљубие и сластољубие), да ги разбуди, а посебно да ја активира страста на славољубието од која луѓето се и така заробени, да ги убеди да ги задоволат своите страсти и од нивниот живот да направи уште поголема илузија.

Состојбата на илузија, пак, од своја страна, уште повеќе ги буди страстите во човекот и затоа е така лесно приемчива и општоприфатена од безличните маси.

Но, општество засновано само на страсти е општество на поделби, на конфликти, на непријателства, на војни – со еден збор: општество на незадоволени страсти.

Истото се случува и во областа на јавните црковни комуникации и односи, каде што демонот сака да го прошири своето влијание.

Токму затоа и религиозниот социопат – демонскиот медиум, има постојана потреба да е во јавен судир, во конфликт со нешто големо и познато (Црква – Свет Синод), или со некој кој е голем и познат (Епископ), за самиот да стане голем и познат.

И, има постојана потреба големиот и познатиот да го оцрни за себеси да се прослави.

Религиозниот социопат има потреба да се наметне како битен фактор на влијание во Црквата. Оттаму и појавата на разните познати и „анонимни“ страни, групи и профили на социјалните мрежи кои сакаат да привлечат внимание и да предизвикаат поделби и конфликти.

Но, што точно се случува со нас кога ќе прифатиме демонска помисла на непријателство кон некого со кого лично комуницираме?

Ајде малку да се вратиме на нашето лично и реално ниво на доживување на нештата.

Кога за некој човек донесуваме осудувачки заклучок, само врз основа на еден негов збор, или поглед, или најмал гест, или дело, или наше внатрешно непријатно чувство кон него, или помисла, тогаш демонот успеал од еден негов неконстантен или имагинарен дел да произведе во нас константен и целовит заклучок, суд, односно слика, што е секако прелест, то ест илузија на непријателство во однос на конкретниот човек.

Оваа илузија потоа го одредува целиот наш душевен пад и конечно го попречува нашиот премин од противприроден (религиозна невроза или растројство на личноста) во природен начин на живот.

Сето погоре опишано демонскиот медиум сака да го постигне со ширење на својата илузија на злоба и преку електронските медиуми, во виртуелниот интернет простор, за човек или луѓе што воопшто не ги познаваме.

Зарем не е глупавост да носиш каков било заклучок за човек што воопшто не си го ни сретнал во својот живот, а камоли лош?

Гледаш ли како прифаќањето на демонската виртуелно создадена илузија те заглупува и те држи во противприроден начин на живот?

Носењето на негативен заклучок многу лесно се надоврзува на трите посебно опасни илузии што ги имаат прифатено „христијаните“, во текот на својата историја, кои ги одделуваат од Вистината Христос, од Црквата, од христијанскиот идентитет:

поистоветувањето со државата, поистоветувањето со нацијата и поистоветувањето со политичките партии.

Ова поистоветување многу му помага на демонот да ја наметне својата илузија. Полесно го сметаш за непријател оној што не е жител на твојата држава, што не е припадник на твојата нација, што не е член на твојата партија, како и оној што на својот христијански идентитет му дава првенство пред твојата главна самоидентификација (http://mpc.org.mk/MPC/SE/vest.asp?id=7289).

 

Нашиот проблем е што за разбивање на илузијата на злото ни треба да се појави Вистината, односно носител на Вистината, односно личност – партиципиент во Вистината и медиум на Вистината, т.е. пастир кој, со својата појава во сила, ја разбива илузијата и носи трезвеност и покајание меѓу луѓето, а таквите се реткост.

Но, таму каде што ќе се појават вистинските пастири, илузијата исчезнува како темнината од светлината, се случува духовното прогледување, како и можност за здобивање со плодовите на Светиот Дух: љубовта [кон сите], радоста, мирот, долготрпеливоста, добрината, милоста, верата, кротоста, воздржливоста (Гал. 5, 22–23), како и единството и заемното помагање.

Против носителите на овие дарови нема „закон“ или световна и демонска сила.

Во одредена мера сѐ е илузија додека сте на првиот степен од духовниот раст (очистување на срцето од страстите), освен словото на духовникот.

Внимавајте, не реков дека не е илузија вашиот однос кон духовниот отец, туку дека не е илузија само неговото слово кон вас. Односот ви е душевен, а тоа убаво се гледа – сликички од духовникот со дечиња, со птички, со животинки и патетични коментари на Фб.

Што треба да направиме за да се спасиме од оваа општа гревовна и демонска состојба наречена прелест, односно илузија, откако ќе бидеме заробени од неа, под услов навреме да се освестиме и да ја забележиме; и без оглед во која сфера од нашето постоење ја доживуваме (биолошка, душевна „духовна“)?

Исповедта пред духовниот отец – поврзана со аскетско покајание, плач и послушание, најчесто целосно ја обессилува илузијата, зашто го отвораме срцето, т.е. го откриваме местото од каде што илузијата дејствува и се откажуваме од неа, за истото повторно да биде заземено од Божјата благодат.

Не изумувајте, илузија и Причест не одат заедно…

Пресвета Богородице, спаси нас!

Претходна статијаВистинскиот пост е воздржување од секое зло… (Св. Тихон Задонски)
Следна статијаЛествица: Укори, вели апостолот, предупреди, замоли (2 Тимотеј 4, 2), а не „тепај”!