Слово за фарисеите (03.07.2020 11:54)
Во тоа време, една сабота, Исус минуваше преку нивјето, а учениците Негови огладнеа, па почнаа да кинат класје и да јадат. Фарисеите, штом го видоа тоа, Му рекоа:
„Ете, учениците Твои прават што не треба да се прави во сабота“. А Он им рече: „Не сте ли читале што направи Давид, кога самиот тој огладне и оние што беа со него? Како влезе во домот Божји, ги изеде лебовите од жртвеникот, што не требаше да ги јаде ни тој, ниту оние што беа со него, а само свештениците. Или, не сте ли читале во Законот дека во саботен ден свештениците ја нарушуваат саботата и пак не се виновни?
Но, Јас ви велам дека е тука Оној Кој е поголем од храмот; и, ако знаевте што значи: ’Милост сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите невините; зашто Синот Човечки е господар и на саботата“ (Матеј 12, 1–8).
Кој им е проблемот на фарисеите, тогашни, денешни и на сите времиња?
Тоа што постојано бараат грешка;
но не баш кај секој, туку посебно кај оној на кого се фиксирани.
Некој кој го загрозува нивното славољубие и нивното високо мислење за самите нив.
Тоа е комплексот на мува.
Од целото цветно поле, ќе застане на некоја валканица.
Не гледаат што е добро, не гледаат нешто да научат, туку го следат оној во кого лоцирале опасност и будно бараат негова грешка за да го осудат и да прераскажуваат.
Да беше некој друг, а не Христос и Неговите ученици, немаше речиси ништо да речат.
Да беше некој друг, немаше да се занимаваат. Напротив, ако тие беа гладни, и самите ќе кинеа и ќе јадеа; и никому ништо.
И нашиот Господ е чуден. Седи и им објаснува.
А кому? Тие никогаш нема да разберат, а за Неговите нема потреба. Но, добро, нека си стои запишано; ним за сведоштво.
Нема да можат да кажат – „не знаевме“.
Но, јас ви велам дека е тука оној кој го осветува храмот и кој целиот свет го прави храм Божји; и, ако знаевте што значи:
„Милост сакам, а не жртва“, секое место на вашето присуство ќе го направевте жртвеник на храмот и немаше да ги осудувате и отфрлате ближните, туку ќе ги спасувавте;
зашто оној што е на место и обличје Христово има власт сѐ што ќе заврзе на земјата да биде заврзано и на небото, и сѐ што ќе одврзе на земјата да биде одврзано и на небото.
И вие немате власт нему да му судите…
Пресвета Богородице, по молитвите на преподобен Наум Охридски, спаси нас!
Митрополит Струмички Наум