Преподобен и богоносен отец наш Наум Охридски Чудотворец
ГОЛЕМА ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири на преподобниот Наум, глас 2.
Христоносни, со какви убавини од песни да го прославиме Наума, садот на благодатта, красното прибежиште на Духот и светла палата на Словото, а на Отецот – избрано живеалиште; целосен дом на Света Троица, Која е единица по природа, но во три лица, на Која набожно ѝ се поклонуваме, а Која богомудриот (Наум) им ја проповедаше на христијаните?
Со какви пофални венци да го украсиме Наума божествениот, неботајник и проповедник на православието, река на божествените таинства, која ги потопува градовите на нечестието, а ги очистува луѓето со божественото крштение и, оние што имаат тврдо срце, ги издигнува во благолепен храм на Христа нашиот Бог, Кој владее со созданието.
Сите оние што се собрале со љубов да го прослават твојот чесен спомен, и со вера стојат пред гробот на твоите свети мошти и набожно се поклонуваат, ослободи ги од болести и паѓања, од секаква опасност и неволи, од демонско искушение, од неправедни луѓе кои го сакаат злото, бидејќи за најтопол помошник те придобивме.
Слава,глас 6:
Откако ја прими од Бога благодатта на премудроста, сечесен Науме, и мноштво Македонци ги научи на благочестието, ти си темел и тврдина на православието, и украс на сите преподобни испосници. Имајќи смелост пред Господа, моли Го да се спасат душите наши.
Стиховни стихири, глас 5.
Радувај се, мизијски светилнику, чесен украсу на монасите, мерило на догматите, правило на православието, небо кое ја проповеда славата на Христа, Царот на вселената; око што не заспива, кое ги гледа сите краишта, кои што ги исполни со божествено проповедање. Затоа, приснопаметни, во тебе се исполни зборот на пророштвото: Твојата проповед, Науме, ја обиколи целата земја, и на сите им се познати твоите чудеса.
Стих: Скапа е во очите на Господа смртта на Неговите светии.
Радувај се, преподобен Науме, проповеднику на Евангелието во Македонија, кој во секоја човечка душа си ја вложил љубовта Христова. Затоа, откако ги протера сите собранија на прелеста, православните ги научи верно да ѝ се поклонуваат на Троица несоздадена: на беспочетниот Отец и Родител; на собеспочетниот Син; и на Светиот Дух Кој непосредно произлегува од Отецот како од единствен извор на едното пресуштествено просто божество.
Стих: Блажен е оној човек, кој се бои од Господа, и кому му се мили Неговите заповеди.
Радувај се, преподобни Науме, навистина чесен украсу на монасите, кој со радост и веселие на душата си дошол дури до прекрасните живеалишта во домот Божји, себлажени, каде што е гласот на оној што празнува, отче, каде што се слушаат прекрасни зборови, слатки пофалби, и неискажлива радост и сладост, блажени. Откако само нив ги засака, телото го умртви и нив ги прими, украсувајќи се со божествената правда, и молејќи Го Христа, Кој на светот му дава милост голема.
Слава, глас 8:
Откако ги остави животните метежи, Науме преподобни, и крстот на Спасителот го зеде на плеќите свои, целиот себе Му се предаде на Бога. Затоа, иако беше во светот, беше виден како да си надвор од светот и од телото, со силно воздржување секогаш подвизувајќи се, и со ангелите духовно секогаш бивајќи и веселејќи се. Затоа, имајќи смелост пред Бога, моли се да се избавиме од неволи и таги, ние што твојот чесен спомен со вера го славиме
Тропар, глас 4.
Откако се соедини со Христа, си го оставил телото, Науме преблажени; духовно живеејќи, си се грижел да се подвизуваш како апостолите, и за верата го придоби неизбројното мноштво Мизијско. Затоа, со твоите молитви, избави нѐ од искушенија.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).