ШТО ВЕЛАТ ФИЛОЗОФИТЕ ЗА БОГА?
Блез Паскал (+1662), француски научник и мислител:
„Би требало да се помачите и да ја побарате вистината (т.е. Бога) со помош на пресметување на веројатноста.
Бидејќи ако умрете, а не сте го обожувале вистинскиот принцип (Бога), изгубени сте.
– ‘Ама, ќе речете, ако сака да Го обожуваме, должен е да ни остави знаци на Неговата волја’.
– Он и тоа го сторил, но вие не сте обрнале внимание на нив.
Значи побарајте ги, ќе ви се исплати тоа…
Наместо да се жалите дека Бог се сокрил,
заблагодарете Му што и толку се открил; и уште заблагодарете Му, што не им се открил на вообразените мудреци кои не се достојни да Го познаат Него, Кој е толку свет.
Два вида на луѓе Го познаваат:
оние кои имаат понизно срце и кои го сакаат смирението, без разлика дали имаат висок или низок степен на интелигенција;
и оние кои имаат доволно дух, и покрај сите препреки, за да ја видат вистината…
не разумот, туку срцето Го чувствува Бога.
Еве што е верата:
Бог Кој се чувствува во срцето, а не во разумот… Верата навистина ни открива нешто, што не ни откриваат сетилата, но ништо противречно на сетилата.
Таа е над, а не против нив… верата е дар Божји…
Велат: ‘Кога би поверувал, веднаш би ги оставил уживањата’.
А јас велам:
Штом ќе ги оставиш уживањата, ќе ја добиеш верата!
Значи, ти треба да почнеш.
Кога би можел би ти дал вера, ама тоа не можам да го направам, и според тоа, не можам ни да утврдам дали е вистина тоа што го кажуваш.
Ама ти лесно можеш да ги оставиш уживањата и да провериш дали е вистина ова што јас го кажувам…
Има три вида на луѓе:
едни кои му служат на Бога, Кого што Го пронашле;
други кои Го бараат, бидејќи уште не Го нашле;
трети, кои живеат и ниту Го бараат, ниту Го наоѓаат.
Првите се разумни и среќни, вторите се разумни и несреќни, а третите се неразумни и несреќни…
Не чудете се кога гледате дека простите луѓе веруваат без докажување. Бог го приклонува нивното срце кон верата.
Нема никогаш правилно да верува, ниту од таа вера ќе има некаква корист, ако Бог не го приклони срцето, а ќе поверува штом тоа ќе се случи.
Тоа Давид многу добро го знаел:
‘Приклони го срцето мое кон Твоите сведоштва’ (Псал. 118, 36), (Мисли, превод на јеромонах Хризостом, Белград, 1946).
Извор: Повардарска Епархија