СТАНАВМЕ ЛЕГЕНДИ, А СЕ` УШТЕ СМЕ ЖИВИ!
 
 
Секој медиум настојува да пренесува интересни случувања, се разбира – за да биде следен. На тој начин, медиумот станува популарен, а секако заработува и пари од реклами.
Луѓето за коишто се објавува, без оглед на тоа што се кажува, стануваат познати и славни. Славата често со себе носи и пари.
 
Следствено, ем добиваат бесплатна реклама во медиумот, ем имаат финансиска корист од тоа.
Инаку, некакви правни последици за актерите од ситуацијата обично потоа нема – посебно кога се во прашање свештени лица: ниту оној, на пример, кој е обвинет за нешто оди во затвор; ниту оној кој обвинува, ако лаже, оди во затвор.
 
На ова ниво од случувањата, сите се заради нешто задоволни, кој помалку, кој повеќе. Тоа е гледање на работите само површински и од чисто човечка перспектива.
 
Но, постои и Божја перспектива од којашто се гледа на ова за што зборуваме, а еве зошто треба да ја имаме предвид:
 
сите забораваме на Бог во времето кога мислиме дека здравјето, среќата и бизнисот ни врват, а потоа се чудиме кога одеднаш сè ќе се смени на лошо.
 
Ја спомнуваме загубата на приземните вредности, затоа што никој не се вознемирува од загубата на она што не го ни вкусил – небесното.
 
И никој за тоа не е виновен, освен злото во самиот човек, кое му прави простор на демонот да го стави неговиот живот под своја контрола.
 
Кон злото или кон доброто, внатре во себе, секој слободно се приклонува. Должни сме да потсетиме како одеднаш се губи она што се сака, а секој нека си го избере патот по кој ќе врви.
Напишаното е врз основа на собран опит од повеќе упропастени животи.
 
 
Постојат и други комбинации освен набројаните, но треба да се внимава која комбинација ја привлекува Божјата милост, а поради која се губи Божјата милост.
 
Публиката, пак, ќе даде одговор пред Бог за следното:
дали лошата случка опишана во медиумот ѝ предизвикува злорадост или молитвена тага, или пак, информацијата за добрата случка ѝ предизвикува молитвена радост или завист.
 
Со злорадоста и со зависта секој себеси се казнува, и тоа не само на духовно туку и на чисто душевно ниво. Од душата, казната лесно ќе прејде и на телото.
 
За радоста поради доброто или за тагата поради злото секој од Господ ќе биде награден, и тоа не само на духовно туку и на душевно ниво.
 
Од душата, наградата лесно ќе прејде и на телото.
 
 
Друго е прашањето зошто луѓето повеќе се радуваат на злото, отколку на доброто; и зошто не го живеат својот живот, туку повеќе сакаат да го живеат туѓиот.
 
Исто така, финансиерите на медиумите ќе дадат одговор и за тоа дали со парите што ги даваат ќе финансираат медиум што промовира зло, или ќе финансираат медиум што промовира добро.
 
 
Интересно е кога нападот на свештеното лице е од страна на медиуми само на една политичка партија.
 
Доколку обвиненијата се лажни, а публиката – членови на една партија, поверуваат во нив, тие ќе ја изгубат Божјата благодат и многу ќе се намали победничкиот капацитет на нивната партија за следните избори.
 
Нема Божја благодат и просперитет таму каде што е усвоена лагата.
 
Исто така, свештеното лице не би требало самото себеси да се брани и оправдува – тоа е Божја работа.
 
 
Луѓето за коишто се говори ќе дадат одговор пред Бог за следново:
 
дали она за што се обвинети е лага или вистина, и дали она за што се пофалени е вистина или лага.
 
Ако не направиле зло, а ги обвинуваат како да направиле, ќе добијат маченички венец и во овој живот и во Царството Небесно.
 
Ако направиле зло, па праведно јавно ги обвинуваат и осудуваат за истото, а тие се покаат, тогаш ќе се ослободат од осуда на Страшниот суд Христов, затоа што е неправедно некој да биде казнуван двапати за едно исто дело итн.
 
 
Во секој случај, добро е да сме под надзор, зашто ако забораваме дека Бог гледа што правиме, да не заборавиме дека и луѓето гледаат.
 
Ако, пак, направиме зло и не се покаеме, тогаш тешко нас, подобро да не сме се родиле!
 
 
Епископот на Црквата е на место и во обличје Христово, Тој е икона Христова.
 
Епископскиот чин може да биде најголем благослов и најголемо проклетство. Благослов или проклетство, како за тој што го има така и за тие што се во однос со тој што го има.
 
Зависи од односот…
 
Господ да ни прости и да нè помилува сите!
 
 
Митрополит Струмички Наум
 
„Дневник“, број 3270, 20 јануари 2007.
Претходна статијаЉубов и благост – најдобра мисионерска работа! (старец Порфириј)
Следна статија„Кој не е со Мене, против Мене е“ (Мт. 12, 30).