+ НАМЕСТО ТОПЛА КАШИЧКА +

Пред било што да напишам, ве молам, не го сфаќајте овој текст како личен напад кон себе затоа што така само дополнително се затвора умот за разбирање на неговата содржина.

Напишан е со најдобра намера да донесе малку светлина во очајното лично секојдневие и малку сила за лично покајание, кај оние што сакаат.

Ако и пишувам против некого, тоа е исклучиво и единствено против самиот себе, затоа што според напишаното и ми се суди, сега и овде.

А,  ако пишувам за некого, тоа е за онаа душа (а секогаш ги има) што знам дека после прочитаното ќе се покае – со некоја солза, ќе се исповеда и ќе се соедини со Христос преку Светите Тајни на Црквата.

Заради таа душа со радост го трпам и секој возвратен удар – на демонската завист, како и со љубов – секој возвратен удар на човечката.

Бидејќи на некои луѓе изгледа Божјиот дар на умно-срдечната молитва и опитот на Божествената светлина им е превисок внатрешен критериум – и теоретски, тогаш ајде да се обидеме, на кратко, да им ја доближиме и освестиме состојбата на внатрешниот свет на душата преку делувањето на душевните сили како и преку делувањето на страстите во неа – опитно.

Ако и тогаш некој не сфати, донесете му топла кашичка и потрудете се да се чувствува добро и сигурно.

Ставање на умот во процес на исцеление преку послушание.

Зошто го повторувам тоа толку често?

Затоа што нашиот пад се случи прво преку умот и затоа најпрво преку нашиот ум и треба да дојде исцелението.

Можеби не ги забележуваме неговите карактеристики, дека е горд и затемнет – бидејќи за тоа е потребен опит и внатрешен критериум а и слобода од прелест, но сигурно забележуваме дека е целодневно расеан.

Меѓу другото, на пример, човек со таков ум само теоретски се занимава со проблеми кои далеку ја надминуваат, ем неговата внатрешна духовна подготвеност, ем неговата објективна информираност
(и теолошката и црковно-историската), како и неговата надворешна позиција и задачите кои од неа произлегуваат, без притоа да има
(ниту може да има) и најмало влијание на нив;
наместо за тоа време да се потруди молитвено да го пронајде местото на срцето или,
пак, конкретно да му помогне на некој што страда – што претставува извонреден пример на невосогласување на начинот на животот со степенот од духовниот раст на кој таквиот се наоѓа.

Да не зборуваме за секојдневните грижи – за кои доброволно се определил, како и за другите начини на бесцелно трошење на времето.

Значи, целодневната расеаност на умот е доволен показател дека тој е горд и затемнет, дека е паднат.

Душата има и други сили, како волевата и желбената сила, но тие се бесловесни. Сигурно нема прво да ги лечиме бесловесните сили па преку нив умот.

Туку, обратно, исцелувајќи ја словесната сила – умот, истовремено ќе ги исцелуваме и бесловесните сили на душата – волевата и желбената, со кои тој раководи, и љубовно ќе ги насочуваме единствено кон Богочовекот Исус Христос.

Во душата делуваат и три главни вида на страсти:
славољубието, среброљубието и сластољубието.

Ставајќи ја во процес на исцеление и преобразување преку послушание страста на словесната сила на умот – славољубието (гордоста), најлесно ќе ги ставиме во процес на исцеление и преобразување и останатите две страсти. Што не значи дека нема истовремено да се бориме и против сите одеднаш.

Можеби не го забележуваме делувањето на гордоста (славољубието) во нашиот ум – заради прелеста, но сигурно ги забележуваме делувањето на страста на блудот и телесните задоволства, како и тагата, незадоволството и зависта кои произлегуваат од незадоволената страст на среброљубието.

Ако и тоа не го гледаме, сигурно ќе забележиме – ако се присетиме малку, дека никому што страда не сме му помогнале нешто значајно (за нас), парично (од свој џеб и без никаков интерес).

За разлика од помагањето на ситно, со кое само си ја залажуваме заспаната совест. Тоа е сигурен знак за самољубие – главната страст од која произлегуваат трите видови на страсти.

За утешно слово кон страдалните и да не зборувам. Како прво, тоа е слово во сила – позади кое треба да стојат дела, а како второ, за тоа треба да одделиме многу од нашето скапоцено, инаку насушно потребно за трошење во виртуелниот свет, време. Нели?

Внимавајте, за некои, можеби милостивоста ќе биде последна можност за покајание, затоа што:
Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (Матеј 25, 40) ,како и Блажени се милостивите оти тие ќе бидат помилувани (Матеј 5, 7).

А за некои, можеби и почеток на покајанието – сетете се на случката со Петар цариникот и сиромавиот по кого тој гневно фрли со лебот (Житија на Светите, 22 септември).

Затоа, да ги беше навистина исполнел младичот, од денешното евангелие, Божјите заповеди сигурно ќе Го препознаеше Христос како Господ и ќе го исполнеше Христовиот повик да тргне по Него, наместо што Го одби.

Да беше нашиот ум навистина смирен, молитвено собран во срцето и просветлен ќе беше украсен и со дарот на вистинското спасоносно богословие (тео-логија), а не со фило(з)офска красноречивост
(техно-логија), која нема сила ниту да привлече ниту да спаси некого – напротив.

Митрополит Струмички Наум

Божествена Литургија во манастирот во Водоча (15.09.2013 12:44)

Претходна статијаЕДИНСТВЕНАТА СМИСЛА НА НАШИИОТ ЗЕМЕН ЖИВОТ Е ДА СЕ СПАСИМЕ
Следна статијаЖИВА ВЕРА!