Викарен Епископ Јаков Стобиски
Постои една болна состојба кај нас во Црквата, а за која е крајно погрешно да кажеме дека ја носи строгоста на подвижничкиот живот:
пост без масло, правење многу метании… Сето тоа е добро самото по себе, па и неопходно, и би било и душеполезно ако не ја вклучува строгоста кон другите, туку единствено кон себеси.
Сите познаваме луѓе кои се обидуваат да ги залажат другите со строгоста на својот живот, а се скарани со сите во соседството, и во зградата во која живеат, и во семејството.
Не зборувам против телесните подвизи, напротив, ве повикувам да го засилиме својот подвиг, да ги зголемиме молитвите, да ги зголемиме метаниите, но Бог не можеме да Го задолжиме со ништо, ниту со измачувањето на нашето тело.
Ова нам ни е потребно за да ги смириме и преобразиме страстите. Бог не е мачител. Како може Бог да Го присилиме да ни прости со тоа што ќе постиме или со тоа што ќе правиме поклони?
Напротив, сите подвизи што ги правиме, гледајте на нив како на само еден акт со кој ја покажуваме својата мала и несовршена љубов кон Бог, која не очекува ништо и која не условува.
Со самото тоа што стоиш и те болат нозете, покажуваш колку Го љубиш Бог. Кога правиш метании, се поклонуваш и велиш: „Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот!“, и душата ти плаче и трепери од покајание, а телото прави поклони и учествува во покајанието на душата.
Но, ако не простуваме, Бог се одвраќа од сите тие наши подвизи, и метании, и постови, ако сме презреле макар и еден човек за кого Тој умрел на Крстот.
И сите ќе бараме, денес, благослов од духовникот да ни го благослови постот.
Не може ниту еден човек да ви даде благослов и да имате лесни и благословени пости ако не им простите на ближните од сѐ срце. Ако им простите на сите и на секого, и искрено се почувствувате како најгрешни и најнедостојни од сите луѓе, не ви треба благослов од човек, па кој и да е тоа.
Го имаме благословот Божји. Но, ако само кон еден човек негуваме непријателство – кој сака нека ни го благослови постот, и ангел од небото да ни даде благослов – ние Бог сме Го промашиле.
Самите имаме потреба од простување.
Секоја молитва што ќе ја изговориме е крик за простување:
„Господи Исусе Христе, помилуј ме, грешниот!“
Еве што вели Бог: „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“.
Ако овде ја промашиме целта, севкупниот наш подвижнички живот ќе стане само циркус, сѐ што правиме – молитви, поклони, постови.