СУЕТА

Седмата страст е страста на суетата, кога човекот копнее за човечка пофалба и слава светска, непрестајно и ненаситно копнеејќи да го испива овој смрдлив пијалок. Таквиот човек станува лицемер кој се прави дека живее добродетелно, надворешно гледано води благочестив живот за другите да го видат, “глуми“ како глумец на сцена.

Како што некои растителни паразити обвиткувајќи го стеблото на дрвото ги исцицуваат од него сите сокови, така и суетата одвнатре го опустошува човекот.

Како што змијата нектарот на цветовите го претвора во отров, така и суетата сите добродетели ги претвора во пороци.

Како човекот да се бори против суетата?

Со молчење, со едноставност во однесувањето, во облекувањето и во храната.

Така, на пример, Свети Јован Златоуст ја фалел ѓакониса Олимпијада која потекнувала од угледна фамилија, зашто не се облекувала раскошно, како што и` било возможно заради нејзиниот огромен имот, но не се облекувала ниту особено сиромашно за луѓето да не ја прославуваат како подвижничка, туку носела скромна и едноставна облека, не одвојувајќи се од другите.

За да ја искорени суетата, човекот сите свои добри дела треба да ги прави тајно.

Во Отечникот постои приказна како еден монах одлучил да ги посети браќата кои живееле во Египетската пустиња во најзафрлениот и најсиромашниот крај.

Браќата го промиле со радост. Му изнеле на трпезата се` најдобро што имале, на секој начин се труделе да му послужат. Тој не забележал дека овие браќа строго постат, дека пеат псалми, дека принесуваат молитви на Бога, не видел ништо што би наликувало на општелници (осаменици, заб.прев) и се соблазнил.

Рекол: „Колку дена и колку труд потрошив за да дојдам кај нив, а не најдов ништо полезно за својата душа!“

Простувајќи се од нив, тој се упатил назад. Но, според волјата Божја се случило на тоа место да се подигне магла од ситниот прав, што се случува во пустиња.

И тој, бидејќи долго време скитал, повторно се вратил до местото каде што тие живееле. И застанувајќи пред вратата на келијата, тој слушнал однатре пеење на псалми.

Одлучил да не го вознемирува братството туку да сочека тие да го завршат правилото, но пеењето на псалмите траело долго, многу часови.

Не издржал, та затропал. Браќата му ја отвориле вратата.

Тој рекол:

“Жеден сум“, и го зел од масата бокалот со вода, а кога отпил почувствувал дека е горчливо – солена.

Тогаш паднал пред нозете на игуменот на овој скит и извикал:

„Оче мој, не сфаќам што се случува овде?

Кога бев тука вие речиси воопшто не се молевте, ми дадовте добра вода и вино, а што пиете самите?“.

Овој му одговорил:

„Сине мој, имаме обичај никому да не го откриваме својот живот и да не покажуваме како се молиме. Те примивме, покажувајќи љубов спрема патникот, а самите пиеме вода во која е растворена сол, зашто држиме пост кој не се однесува само до храната, туку и вода земаме во голтки и умерено.“

И тој заминал, стекнувајќи голема корист.

Египетските Отци говореле:

„Добродетелите за кои светот ќе дознае ја губат својата цена, тие престануваат да бидат добродетели.“

Ранохристијанскиот автор Јерма пишува во книгата „Пастир“ :

Одбери си себеси духовен отец, не го барај далеку, сеедно тој ќе биде во Црквата, само внимавај на духот на лагата.“

А духот на лагата, ѓаволот, таму е, каде што е гордоста и суетата. Страшна е гордоста, тоа е она што во животот понекогаш се нарекува „помпа“.

„Помпа“ е надворешен блесок, надворешна раскош.

Суетниот подвижник за време на својот живот потпаѓа под власта на духот на лагата. Но, смртта ја открива вистината.

Зашто, Светите Отци говорат:

„Во смртта се открива човекот, онаков каков што е.“

И забележано е дека гробот на суетниот подвижник бидува пуст, тој не ги привлекува човечките срца.

АРХИМАНДРИТ РАФАИЛ КАРЕЛИН

СО ХРИСТОС КОН ВИСОЧИНИТЕ НА ОБОЖЕНИЕТО

Преведе: М.Д.

 

Претходна статијаМалку се деца кои имаат бес!
Следна статијаНе треба да се очекува од свињите убаво да се однесуваат кон цвеќето (Ст. Пајсиј)