Свештеникот кој служеше во црквата, како и секое утро и тоа, си одржуваше богослужба. Bo Црквата секојдневно доаѓаа луѓе, си палеа свеќи, се молеа. Повеќето од нив ги познаваше.

Последната недела забележа една жена која дотогаш ја немаше видено. Доаѓаше, се упатуваше до иконата на Мајка Богородица и секогаш се молеше десетина минути, а потоа ја напушташе Црквата.

Тоа утро на излегување ја пресретна свештеникот и ја запраша:

„Госпоѓо, не ве познавам, но, ве гледам во последно време доаѓате во Црквата и се молите. Случајно да не имате некоја мака, да не можам јас да помогнам?”

Жената како да чекаше некој да и’ ги олесни маките, низ солзи проговори:

„Имам болно дете. Треба да се оперира, a jac пари немам.”

Седнаа во дворот и таа на свештеникот му раскажа за тоа како нејзиното мало девојче има проблеми co срцето и како и’ е препорачано од докторите да го носи на операција во Софија.

My кажа и за проблемот co парите. Кажа дека операцијата е скапа, a таа пари нема. My кажа дека е Ромка и дека се сиромашни.

Свештеникот ја утеши велејќи и дека на сѐ се наоѓа лек, па и на нејзиниот проблем. И’ вети дека ќе се обиде да и’ помогне.

Жената се врати дома поуспокоена, а свештеникот уште веднаш го заврте бројот на својот брат во Германија:

„Ало, Ристе, извини што те вознемирувам, но имам нешто важно да ти кажам” му рече и му ја раскажа приказната за болното девојче.

„Гледај, ако можеш да помогнеш”, му рече co надеж дека неговиот хуман брат навистина ќе помогне.

А Ристе навистина беше многу хуман. Помагаше на болни, на немоќни, на сиромашни и на сите оние на кои им беше нужна неговата помош. Ристе беше голем верник и тоа го правеше несебично, придржувајќи се кон Божјите заповеди.

Ho, понекогаш и Ристе можеше да заборави.

Така и овој пат. Имаше многу работа – што околу неговиот бизнис, што околу некои општествени акции, македонски клубови и слично. А времето си врвеше.

Така помина една година. И тој заборави на случајот.

Еден ден кај него дојде еден негов соработник од Бугарија. Соработуваа околу трговијата co вино. Бугарскиот трговец дојде co неговата сопруга.
Седеа, разговараа и откако се договорија околу бизнисот, поминаа на општи муабети.

А Ристо не знаеше друго да разговара, туку само за политика и историја. А, кога станува збор за историјата тој секогаш посакуваше до него да биде и неговиот добар другар и пријател – професорот Секула.

А, тој Секула во Германија престојуваше co неговата сопруга која работеше на една од катедрите по македонски јазик. Тој понекогаш, кога имаше потреба, поработуваше во фирмата на Ристо, така и сега.

„Професоре!, викна по него Ристо, ајде дојди ваму на по едно кафе.

Секула дојде, се запозна co гостите и разговорот почна. A кога разговараат Бугари и Македонци за историјата, може да се претпостави како ќе тече муабетот – те Јане е наш, не е ваш, те Кирил и Методиј се наши и сѐ така, за војни, за територии и слично. Во еден момент жената го запраша Секула?

„Каков професор си ти?”

„Професор no историја, одговори овој, а ти, работиш ли нешто, co што се занимаваш?”, праша Секула.

“Jac, jac сум детски кардиохирург. Работам во државната болница во Софија”, одговори жената.

Ристо кога го чу тоа, го прекина разговорот co бугарскиот соработник и наеднаш извика:

„Што, ти си кардиохирург?”

„Да, што е тоа толку чудно?”, го запраша таа.

И Ристо ја започна приказната за малото девојче од неговиот град.

Раскажа за мајката која се молела, за тоа како немала пари да го лекува своето дете и како тој ветил дека ќе помогне.

„Нема проблем, јавете и’ уште утре нека дојде. Јас ќе го оперирам девојчето. Тоа чини 16 000 марки, но како за пријатели ќе платиш само 12 000. Јас не сакам хонорар, нека биде и нешто од мене.”

Така средбата заврши радосно. Се заборави историјата, славните личности и херои, до каде чие било и слични работи. Сите чувствуваа некаква милост и топлина.

Ристо го зеде телефонот и му се јави на брат му, a овој не можејќи да издржи се упати кон куќата на болното дете.

Жената и девојчето набрзо заминаа за Бугарија. Свештеникот им извади автобуски билети, им даде пари за по пат и тие стигнаа во Софија.

По еден месец кај Ристо заѕвони телефонот:

„Ha телефон докторката од Бугарија. Пријателе, уште од сега подготвувај се за кум. Ќе играш на свадбата на девојчето. Таа е жива и здрава. Заедно ќе и’ играме на свадбата.”

Ристо од радост и возбуда не знаеше што да прави. Тргна кон блиската Црква. Влезе и клекна пред Мајката Богородица.

Се заблагодари на помошта и на милосрдието, зашто оздравувањето на девојчето беше нејзино дело.

Таа ги спои сите нив, ги поврза и оној кој дозна за болката и оној кој ќе помогне парично и оној кој ќе излекува.

И принесе молитва на Милостивата.

Пренесено од списанието “Православна светлина”, број XXVII, октомври 2013

МОЛИТВА

(Извадок од книгата „Под сенката на брезата” од авторот Нада Алексоска)

Претходна статијаПОКАЕН КАНОН – Симни го од мене тешкиот товар на гревот…
Следна статијаАнгели сослужители (Виденијата на Свети Нифонт)