1. Дали постојат уроци, што поточно претставуваат истите, како се манифестираат кај “урочениот“
и кој се може да направи/предизвика уроци свесно или несвесно ?
Прашењето ми го поттикна едно видео со Молитва против уроци објавено на сајтот на Покајание.
2. Дали душата која ја стекнала милоста Божја после смртта е со Бог, воскресната или пак е во некоја друга состојба се до второто Христово доаѓање кога е сеопшто воскресението на мртвите за судот Божји?
Простете на долгиот текст.
Одговор на отец Горан Стојчевски:
1. Ако нашиот живот е номинален т.е. само по име христијани, а не е проследен со акетско-литургиски подвиг, исповед, молитва и пост и редовно причестување според благословот на отецот каде што сме се исповедале, тогаш одбивајќи ја благодатта Божја која ни е дадена во крштевањето, а која нѐ храни и се умножува преку учество во светите Тајни на Црквата, затворени за благодатта сме, отворени да бидеме опседнати со демонски сили, па тогаш се служиме со лажна и инстант побожност; молитви против уроци, или не дај Боже бајачи, гатачи, јасновидци, исцелители и какви сѐ други ѓаволштини.
Човекот сам избира кому ќе се приклони на образот според кој е создаден, или кон карикатурата според која го отфрла образот Божји во себе.
Важно, Бог постои и го чека нашето покајание со активен молитвен, добродетелен, сочуствителен и литургиски живот.
….
2. На секоја душа почива милоста Божја, сѐ е дар на милоста Божја, и самиот наш живот е милост Божја, кој од нашите дела зависи дали ќе биде добар или лош, а сепак Бог подеднакво ги прима молитвите и за добрите, особено за лошите кои се бореле, а не успеале да се променат, но никој не е оддалечен од Божјата љубов и милост, тоа зависи само од нашиот однос кон Бога и ближниот во кој е изобразен Христос т.е. во секој човек.
Сѐ е од Бога преку Бога и во Бога, така и секоја душа, а колку ќе биде “блиску” или “далеку”, зависи од нејзиниот избор.
До сеопштото Воскресение кое исповедаме дека го очекуваме на секоја света Литургија, душите пребиваат во Бога во состојба која им е одредена на посебниот суд 40-тиот ден по упокојувањето, “привремена” состојба на рај или пекол, се` до второто Христово доаѓање и откривањето во полнота на Царството небесно кое не ќе има крај, односно вечноста на новото небо и новата земја.
Дотогаш, молитвите и спомнувањето на Литургиите, помените, задушниците и добрите дела за покојните, нашиот литургиски живот може да ја сменат состојбата се разбира само поблиску до Бога.
Св. Серафим Саровски убедливо ни говори, спаси се себе и илјадници околу тебе ќе спасиш, таква милоста Божја, еден осветен и обожен спасува преку благодатта илјадници од вечниот пекол.