Мартинка и бројаничка (26.02.2022))
Секоја година, ова време, се среќаваме со истиот проблем – дали да се става и носи мартинка или не. Не е проблем самата мартинка, туку односот кон неа.
Значи, ако мартинката се носи неколку денови или една недела, дали како негување на стара традиција,
дали како мода, дали во чест на нашите предци,
дали како заедничко балканско културно наследство,
дали заради забава или од некоја друга причина,
тогаш НЕ Е во спротивност на Црковното учење.
Но, ако носењето мартинка стане суеверен и магиски, а со тоа и демонски обичај, тогаш таквото поведение не е во согласност со учењето на Црквата.
Секако, секој е слободен да го послуша, или не, учењето на Црквата, и е одговорен за одлуките што ги носи.
Како носењето мартинка станува суеверие?
Ако луѓето што ги носат веруваат дека мартинките, откако ќе ги стават на себе на први март,
не смеат да ги извадат сѐ до доаѓањето на пролетта и ластовичките (или штрковите), и сѐ додека не расцути првото дрво;
и ако, според истото погрешно верување, на крај мора да ги закачат на некое дрво и да си пожелаат добро здравје и среќа, со некаква вера дека желбите преку тој ритуал ќе им се исполнат, тогаш таквото верување, како и ритуал,
немаат никаква врска со православната вера, туку се обично суеверие.
Вадењето на мартинката предвреме се смета за несреќа, и затоа луѓето ја чуваат со страв.
Стравот е најголем показател дека во нешто е вмешан демонот.
Како може од носењето или неносењето на нешто на себе да ни зависи животот и среќата, па макар било тоа и крст, а не мартинка?
И крстот е, пред сѐ, внатрешен однос со Бог, а не само надворешен знак.
Ние, христијаните, носиме на рака или во рака бројаничка.
Истото што е изложено за мартинката важи и за бројаницата за молитви.
Бројаницата се носи за полесно да се концентрираме на молитвата, а не дека е нешто црковно и, како такво, самото по себе ни носи среќа.
И носењето на бројаницата, исто така, може да биде суеверен чин.
Затоа, ако некој на својата рака или на својата облека закачи мартинка или бројаница со некаква вера дека тоа, самото по себе, ќе му донесе здравје и среќа,
треба да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни.
Не може истовремено да веруваме и во Бог и во магичноста на мартинката или бројаницата.
Верата и суеверието немаат ништо заедничко, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот.
А на двајца господари не можеме да им служиме: или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи.
И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бог, колку и да е тоа народен обичај.
Христијанската среќа и здравје извираат од личната заедница со Бог, а не од безлично, магично, фобично и душегубно суеверие – кое е најпогодно за развој на душевни (ментални) болести.
(став на МПЦ-ОА за мартинките)