СВЕТСКИОТ ДУХ ВО ДУХОВНИОТ ЖИВОТ
Старче, некогаш велите дека тој и тој човек работите ги гледа низ европска призма, а не со „Источниотдух”. Што подразбирате под тоа?
Сакам да кажам дека гледа со европско око, со европска логика, без вера, чисто – човечки.
А што е тоа „Источен дух”?
Кога велам дека некој се фатил за „Источниот дух” оставајки го „европскиот дух”, сакам да кажам дека ја оставил логиката, рационализмот, а ги прифатил едноставноста и побожноста.
Затоа што едноставноста и побожноста се одлики на православниот дух кој го радува Христа. Денес кај верните луѓе често недостасува едноставноста, сета таа едноставност што ја одмора душата.
Ако некој не се одрече од светскиот дух и ако не живее едноставно, т.е не мисли како другите, ќе гледаат на него и што ќе речат за него, нема да се ороди ниту со Бога, ниту со светителите.
За да се ороди, потребно е да се движи во духовниот простор. Колку човек живее поедноставно, особено во општежитие, толку повеќе се дообликува /се дооформува/ затоа што исчезнуваат „отоците” на страстите. Спротивно, да внимаваме да не изградиме лажен човек. Затоа да се потрудиме да ги отфрлиме светските карневали, за да постанеме ангели.
Знаете ли што прават луѓето што имаат светско, а што оние што имаат духовно настроение?
Луѓето што имаат светско настроение гледаат дворот да им биде чист. Не ги интересира дали има ѓубре во куќата. Го чистат дворот, а ѓубрето го фрлаат во куќата!
Велат: „Луѓето го гледаат дворот; не гледаат во куќата”. Односно, внатре може да биде несредено, но не и надвор! Се грижат за тоа дали другите им се воодушевуваат.
Духовните луѓе гледаат да им биде чисто во куќата. Не се грижат за тоа што ќе рече светот, затоа што Христос живее и престојува во куќата, во срцето, а не во дворот.
Некогаш и црковните луѓе живеат површно, светски, т.е. – фарисејски. Тие не мислат на тоа како да стигнат во рајот, близу до Бога, туку како ќе се покажат како добри. Се лишуваат од сите духовни радости, иако би можеле уште овде да го доживеат рајот. Така остануваат земни. Се обидуваат да живеат духовен живот на светски начин. Но однатре се празни; им недостасува Бог.
За жал, светскиот дух многу влијае и на побожните луѓе.
А ако и тие мислат и живеат светски, тогаш што прават луѓето што имаат светско настроение?
На некои им реков да им помогнат на младите наркомани, а тие ми рекоа:
„Ако основаме установа за наркомани, никој нема да ни даде никаков прилог. Затоа ќе основаме старечки дом”. Не велам дека старечки дом не е потребен. Напротив! Но ако почнеме така, тоа повеќе нема да бидат добротворни, туку… потоп-творни установи! Не сфаќаат дека светскиот успех е духовен неуспех.
Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од Старец Пајсиј Светогорец