Светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

Роднина на апостолот Павле, Евреин од Евреите што живееја по елинските области.

Беше прв од Седумте ѓакони коишто Светите апостоли ги ракоположија и ги поставија на служба на грижа за сиромасите во Ерусалим.

Затоа и го нарекоа архиѓакон.

Со силата на својата вера вршеше големи чуда меѓу луѓето.

Злобните Евреи се препираа со него, но беа секогаш победувани од неговата мудрост и од силата на Светиот Дух Којшто дејствуваше преку него.

Тогаш посрамени Евреите, свикнати на измами и клевети, го побунија народот и народните старешини против невиниот.

Клеветата против Стефан велеше дека хулел на Бога и на Светиот пророк Мојсеј.

Брзо најдоа лажни сведоци коишто тоа и го потврдија.

Тогаш Стефан застана пред народот и сите видоа дека лицето негово е како лице на ангел, т.е. озарено од благодатна светлина како што некогаш беше Мојсеј кога говореше со Бога.

Стефан ги отвори своите усни и ги пореди многубројните доброчинства и чуда Божји извршени од Бога во минатото над народот израилски, но и многубројните злосторства и противења кон Бога од страна на тој народ.

Особено ги изобличи за убиството на Господ Христос, нарекувајќи ги предавници и крвници. И додека тие чкртаа со забите, Стефан погледна и го виде небото отворено и славата Божја. Тоа што го виде тој им го објави на Евреите:

„Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“ (Дела 7). Тогаш пакосниците го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Меѓу неговите мачители беше и неговиот роднина Савле, подоцна апостол Павле.

Во тоа време на некој камен во далечината стоеше Пресвета Богородица со Свети Јован Богослов и го гледаа мачеништвото на првиот маченик за вистината на нејзиниот Син и Бог, молејќи Го Бога за Стефана.

Ова се случи една година по слегувањето на Светиот Дух на апостолите. Телото на Св. Стефан тајно го зеде и го погреба на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин.

Така заврши во слава првенецот меѓу христијанските маченици и се пресели во Царството на Господ Исус Христос.

Тропар на светиот првомаченик и архиѓакон Стефан

Со добар подвиг се подвизуваше,

првомачениче Христов и апостоле,

                      ја изобличи безбожноста на мачителите.

 Каменуван од рацете на беззакониците,

прими венец од вишната десница,

и кон Бога повикуваше, говорејќи:

Господи, не им го земај ова за грев.

Претходна статија„Икономија“  за лаиците –  во делот на втор брак (Д. Наум)
Следна статијаОДЛИЧЕН ПРИРАЧНИК ЗА ТОА, КАКО ТРЕБА ДА СЕ ИСПОВЕДАМЕ!