Господи Исусе Христе, Боже наш, Владико на животот и смртта, Утешителу на неволните! Со скрушено и смирено срце прибегнувам при Тебе и Ти се молам: Спомни го, Господи, во Твоето Царство Твојот починат слуга (слугинка), моето чедо (името) и направи го вечен неговиот спомен.
Ти, Владико на животот и смртта, Си ми го дал тоа чедо и според Твојата блага и премудра волја било угодно и да ми го земеш. Да биде благословено Твоето име Господи!
Ти се молам, Судијо на небесата и на земјата, според Твојата бескрајна љубов кон нас грешните, прости му ги на починатиот Твој слуга (слугинка), моето чедо, сите гревови направени со или без умисла, со дело, свесно или несвесно.
Господи, прости ни ги и нашите родителски согрешени]а, тие да не се пренесуваат на нашите чеда. Знам дека многу згрешивме пред Тебе. Многупати не го запазивме, ниту го направивме тоа што си ни го заповедал. Ако нашето починато чедо, по наша или по сопствена вина, повеќе му служеше на светот и на телото, а не на Тебе, Боже Господи, сесрдно Ти се молам, прости му ги преблаг Боже, сите прегрешенија. Христе Исусе, Ти си ја воскреснал ќерката на Јаир според верата и молитвата на татко и’, Ти си ја исцелил ќерката на Хананејката по прозбата на мајка и’, не презирај ја и мојата молба за чедото мое.
Прости му ги Господи, сите негови согрешенија и очисти ја душата негова, избави ја од вечните маки и насели ја со сите Твои светии кои што од века Ти угодиле, таму кај што нема ни болест, ни тага ни воздишки, туку е бескрајниот живот.
О, Господи! Нема човек, кој поживеал а не згрешил, само Ти единствениот си без грев и, кога ќе го судиш светот, моето чедо нека го чуе Твојот сладок глас: „Дојдете вие, благословени од мојот Отец, и наследете го Царството подготвено за вас од почетокот на светот”.
Зашто Ти си Бог на добрини и милости, Ти си нашиот живот и воскресение и Тебе Те прославуваме со Отецот и Светиот Дух, и сега и секогаш и во вечни векови. Амин.