Има разлика
Кои се главни карактеристики, односно како можеме да препознаеме христијанин кој се наоѓа на првиот степен од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, од „христијанин“ – невротичар или „христијанин“ со растројство на личноста?
Главни се две.
Минатиот пат ви ја опишав разликата помеѓу личност и индивидуа, и со тоа ви го дадов општиот одговор на претходното прашање: за потенцијална личност говориме дури кај оние кои преку послушание кон духовен отец во Црквата зачекориле по патот на очистување на срцето од страстите – иако покажуваат и знаци на невроза.
Индивидуата се наоѓа во некои од нивоата на разболување на личноста: невроза, растројство и психоза.
Но, ова уште не е доволно за да направиме јасна разлика, затоа што и индивидуата, односно „христијанинот“ – невротичар или „христијанинот“ со растроена личност, исто така, може да си фантазира дека е член на Црквата кој се наоѓа под духовно раководство.
Еве ги двете главни карактеристики преку кои можеме да ги препознаеме.
Прва и најглавна карактеристика е кога некој наместо Божјата ја бара само човечката правда, а и ако се повика на некаква божја правда – тој истата ја смета како клетва, анатема или проклетство за оној против кого е насочена.
Божја правда бараме во случај кога некој нѐ повредува, а ние, наместо да го обвиниме тој што нѐ онеправдува, се самопреиспитуваме дали во тој момент сме слични во љубовта со Богочовекот Христос или не; и кога несличноста со покајание ја исправаме.
Посебна прелест е ако обвинувањето на другиот е само наша субјективна проекција.
Барањето човечка правда е една од најголемите опасности со кои се соочуваме во православниот духовен подвиг.
Правилното или неправилното надминување на човечката неправда најочигледно покажува дали во човекот преовладува верата, односно духовниот разум, или паднатата човечка логика.
Се гледа дали Му служиме на Бог или на паднатиот демон; дали ја живееме тајната на Крстот Христов или не.
Втора и следствена, на ваквото гледиште, карактеристика е и опседнатоста со духот на враќање на злото со зло. Барањето човечка правда, во суштина, е обична освета од перспектива на Новиот Завет. Овие две карактеристики се неразделно поврзани.
Бидете внимателни, никој не може да се самооправдува со Христовите зборови дека нема поголема љубов од таа да ја положиш душата своја за ближниот свој, оти јасно е речено „својата душа“, а не душата на непријателот.
Секаде каде што има користење на злото како средство за постигнување на одредена цел – нема христијанство.
Има и други карактеристики, но сите се сведуваат на возобновување на формалната старозаветна побожност – она што Христос најмногу го осудил. Но, за ова другпат.
Пресвета Богородице, спаси нѐ!
Митрополит Струмички Наум