Старче, како некој може да го разликува оној што е опседнат со демони од оној кој е психички болен?

– Па, тоа и најобичниот, најнеискусниот лекар може да го разбере. Сите оние кои се опседнати со некој демон, кога ќе се најдат во близина на нешто свето, почнуваат да се тресат. Тоа е несоборлив доказ дека во себе имаат нешто демонско.

Ако им дадеш малку света вода или ги прекрстиш со свети мошти, реагираат веднаш, зашто во нив се потиснуваат демоните, но, доколку некој е психички болен – воопшто не реагира. Дури и кога на опседнатите луѓе ќе им се приближиш и имаш крст на себе, стануваат нервозни… вознемирени.

Еднаш, за време на Бдеење на Света Гора, ми рекоа Отците дека меѓу присутните луѓе има и еден кој е опседнат од демони. Седнав крај него и го допрев со крстот, кој во себе имаше и дел од чесното дрво на Крстот Господов. Потскокна како попарен и отиде на другиот крај на црквата. Кога малку се подсмирило, му пријдов дискретно, но, пак се случи истото. Тогаш сфатив дека навистина во себе има нешто демонско.

Кога доаѓаат кај мене во Калива и ми доведуваат деца, велејќи дека се опседнати, за да се уверам дека тоа е вистина, понекогаш земам едно парче од моштите на Свети Арсениј и го сокривам во тупаницата. И да видиш ти како, без оглед што обете шаки ќе ги свиткам во тупаница, она дете, кое има нешто демонско во себе, уплашено гледа во раката во која ги држам светите мошти. Доколку не е опседнато, но, има, на пример, некоја психичка болест, не реагира воопшто.

Понекогаш, на децата им давам вода во која сум потопил парче свежи мошти, но, ако се опседнати, не ја пијат, се оддалечуваат.

Еднаш, на некое опседнато дете му дадов прво да јаде слатки, за добро да ожедни, па потоа му донесов таква вода.

– На малиот Јанис му ја донесов најдобрата водичка… – реков тогаш.

Со првата голтка, детето почна да вика:

– Оваа вода ме гори! Што си ставил внатре?

– Ништо… – му велам.

– Што ми стори? Ме гори… – викаше детето.

– Не те пече тебе, туку некој друг… – му реков.

Му направив крст на главата, а нему почнаа да му се тресат и нозете и рацете… Беше западнал во демонски колапс. Демонот во него го растргнуваше.

Се сеќавате ли на оној студент, кој во една прилика дојде овде?

– Имам во себе нешто демонско што силно ме мачи… – ми рече тогаш. – Страшно страдам зашто демонот ме присилува и да зборувам непристојно. Очаен сум. Чувствувам дека ме задушува и притиска некогаш овде, некогаш тука… – почна кутриот да ми ги покажува час стомакот, час градите, ребрата, рацете. Беше многу чувствително битие и за да не го повредам и за да го утешам, го прашав:

– Види, да ти кажам… Немаш во себе ништо демонско, туку само си под влијание на некоја мрачна сила…

Кога отидовме во црквата, им реков на сестрите кои беа таму, да се помолат за она несреќно момче, а јас земав од олтарот еден дел од моштите на Свети Арсениј, му пријдов на студентот и го прашав:

– На кој дел те притиска и мачи демонот? Каде мислиш дека се наоѓа?

Тогаш ми покажа на ребрата.

– Каде? Овде?! – го прашав и ја притиснав тука дланката со светите мошти.

Момчето истиот момент залелека:

– Ме изгоре! Изгоре! Не сакам да си одам! О! О! Нема да заминам! – почна да вика, да навредува, да пцуе.

Тогаш почнав во себе да говорам: Годподе Исусе Христе! Господе Исусе Христе, отерај го нечистиот дух од Твоето битие, и го прекрстував со светите мошти.

Тоа траеше дваесетина минути. Потоа демонот го совлада и го обори. Се’ се превртуваше и тркалаше. Облеката сета му се беше извалкала. Кога го исправивме, целиот се тресеше. Се беше фатил за една клупа за да се задржи. Од рацете му течеше ладна пот како роса по тревата. Набрзо демонот го напушти , а тој се смири. Се чувствуваше добро, а и ден-денес е така.

Превод: Мина Даниловска

Претходна статијаНАРКОМАНИЈАТА – САТАНСКО РОПСТВО (Интервју со о. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир)
Следна статијаПОУКА ОД ПРЕПОДОБЕН СИЛУАН АТОНСКИ